Обвинение за поранешен претседател на Кривичниот суд за злоупотреба на АКМИС-от

Скопското Јавно обвинителство по прибирање на сите материјални и вербални докази, денеска поднесе обвинение против поранешниот претседател на Основниот кривичен суд – Скопје за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овласту

-Обвинителството утврди дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, обвинетиот како службено лице – претседател на Основен суд Скопје I Скопје, со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на кривичното дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, со пречекорување на границите на своето службено овластување. Притоа, обвинетиот потешко ги повредил правата на друг, постапувајќи спротивно на член 6 став 1 алинеја 3, 4 и 15 од Законот за управување со движење на предметите во судовите и на член 7 од Законот за судовите, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство

Иако, како што посочуваат од Обвинителството, бил должен да ја следи состојбата на управувањето со движењето на предметите во судот, а особено формирањето на предметите, предавањето на предметите во работа и состојбите со функционирањето на автоматизираниот информатички систем за управување со судските предмети, обвинетиот како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување.

Имено, обвинетиот со ставање на писмен „параф" од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. Со ваквите дејствија, обвинетото лице на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси.

-Во текот на временскиот период кој е детално истражен од страна на надлежниот обвинител, беше констатирано дека со давање на писмен „параф", обвинетиот наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од Основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител од ОЈО Скопје кој постапува во предметот, ги презел потребните дејствија за расчистување на предметот и утврдување на фактите во врска со злоупотребата на системот за електронско распределување на предметите – АКМИС. По приемот на Извештајот од извршен увид во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите, доставен преку Јавното обвинителство на Македонија на 29 јануари 2018 година, на 5 февруари 2018 беше поднесено барање за декласификација на извештајот до Министерството за правда. Одговорот за декласификација на извештајот од Министерствтоо за правда пристигна на 22 февруари 2018 година, по што интензивно се преземаа истражни дејствија во предметот.

Во рамки на предистражната постапка, Обвинителството испитало 19 лица во својство на сведоци и тоа вработени во Основниот кривичен суд – Скопје, Апелацискиот суд Скопје, Врховниот суд на Македонија и Министерството за правда.

-Поради потребите во предметот, двајца јавни обвинители во текот на три недели континуирано вршеа увид во предмети во Основниот кривичен суд – Скопје при што е прегледана обемна судска документација. Се обезбедуваа податоци од Судскиот Совет на Македонија, Врховниот суд на Македонија, Апелациониот суд Скопје и Основниот кривичен суд – Скопје. Беше изготвен вешт наод и мислење од доктор на технички науки во поглед на функционирањето на системот за електронско распределување на предметите, кое вештачење, побарано со наредба од Основното јавно обвинителство Скопје на 21 декември 2018 година, беше доставено до Обвинителството на 24 јуни 2019 година, стои во соопштението.

Од сите обезбедени материјални и вербални докази во текот на претходната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје, како што посочуваат, нашло дејствија со кои од кривично правен аспект се исполнети битните елементи на наведеното кривично дело од само едно лице – сега обвинетиот поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1 Скопје.

-Согласно Законот за судовите, Законот за Судскиот совет на Македонија и Законот за управување со движење на предметите во судовите постојат законски можности Судскиот совет на Македонија доколку во рамките на своите надлежности најде пропусти за други претседатели на судовите или судии може да поведе постапка за нив, согласно законските одредби, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

Иран воведе санкции за поединци и правни субјекти од САД и Велика Британија

Иран воведе санкции за неколку американски и британски физички и правни лица поради нивната поддршка за Израел во војната против палестинската организација Хамас во Појасот Газа, јавија француските медиуми.

Во соопштение Исламската Република - жесток непријател на Израел – наведува дека воведува санкции за седум американски граѓани, вклучувајќи го генералот Брајан Фентон, шеф на командата за специјални операции, и вицеадмиралот Бред Купер, поранешниот шеф на американската морнарица на Блискиот Исток.

Меѓу британските функционери и институции кои се санкционирани се министерот за одбрана Грант Шапс и Кралската морнарица во Црвеното Море.

Санкции се воведени и за американските компании „Локид Мартин“ и „Шеврон“, како и за британските „Елбит системи“, „Паркер Мегит„ и „Рафаел УК“.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека санкциите вклучуваат „блокирање на сметките и трансакциите во финансискиот и банкарски систем на Иран, замрзнување на средства под јурисдикција на Исламската Република Иран и забрана за визи и влез на иранска територија“.

Меѓутоа, останува нејасно влијанието на овие мерки врз поединците или субјектите, како и какви било средства или трансакции со Иран, пренесуваат француските медиуми.

Иран не ја признава државата Израел и ја стави поддршката за палестинската кауза како камен-темелник на својата надворешна политика од Исламската револуција во 1979 година.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, која започна на 7 октомври со неиспровоциран напад на палестинското исламистичко движење „Хамас“ на израелска територија, мнофукратно се кренати тензиите меѓу Израел, од една страна, и Иран и неговите сојузници, особено либанскиот „Хезболах“, од друга.

Ситуацијата меѓу двете земји ескалираше на 13 април кога Иран започна невиден напад врз Израел користејќи 350 дронови и проектили, од кои повеќето беа пресретнати со помош на САД и другите сојузнички земји.

Неколку дена подоцна, во друг напад, што му се припишува на Израел, беше погоден аеродромот во Исфахан, во централен Иран, но таму беше предизвикана само ограничена штета. /МИА

ДИК донесе заклучок за конечност на резултатите од првиот круг на претседателските избори

Државната изборна комисија на денешната седница донесе заклучок за конечност на разултати за избор на претседател на Република Северна Македонија, прв круг.

Според заклучокот, за изборите одржани на 24.4.2024 година, вкупен број на избирачи запишани во избирачки список имало 1 814 317 гласачи од кои гласале 905 622. Неупотребени гласачки ливчиња биле 908 720, важечки ливчиња 881 040, а неважечки ливчиња 24 560.

Конечните резултати покажуваат дека кандидатот за претседател Стево Пендаровски добил 180 499, Гордана Силјановска Давкова 363 085, Стевчо Јакимовски 8 121, Бујар Османи 120 811, Билјана Ванковска 41 331, Арбен Таравари 83 337 и Максим Димитревски 83 855.

Во вториот круг на избори за претседател што треба да се одржат на 8 мај ќе се гласа за кандидатите за претседател Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова.

За претстојните избори за претседател, до Државната изборна комисија пристигнале акредитации од 52 домашни набљудувачи, 11 меѓународни и пет странски новинари, истите доставиле барање и за изборите за пратеници во Собранието, соопштија на денешната седница на ДИК.

На денешната седница ДИК ги усвои и записниците од 97 и 98 седница.

притисни ентер