Институтот за европска политика (ЕПИ) и Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев" организираат обука за обучувачи за медијација со цел македонските обучувачи за медијација, сегашни и идни, да се оспособат со современи методи и вештини од областа.
Во воведните обраќања на обуката, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска истакна дека новите генерации на судии и јавни обвинители треба да се запознаат со медијацијата од старт и медијацијата да се вметне во нивниот образовен процес.
Таа додаде дека оваа обука е важна со цел медијацијата да стане се поприсутна во земјава, за повеќе спорови да се решаваат по пат на медијација.
Заменик министерот за правда, Агим Нухиу нагласи дека во новиот Закон за медијација главен акцент е ставен на јакнење на интегритетот на медијаторот.
Само лица со интегритет и усвоени посебни медијаторски техники, според него, се способни да посредуваат во надминување на конкретна спорна ситуација, но и во промоција и широко прифаќање на концептот на медијацијата во општеството.
Директорката на Институот за европска политика, Симонида Кацарска истакна дека „Медијација, без дилема!" е повеќе од проект, а повеќе програма за поддршка и промоција на медијацијата во земјава.
Оваа обука се одржува во соработка со Холандската федерација на медијатори. Главен предавач на обуката е Јан ван Цвитен, претседател на Меѓународниот регистер за медијација и претседател на Холандската федерација на медијатори.
Тој во воведното обраќање рече дека медијацијата не ја гледа како алтернативно решевање на спорови, туку како начин за решавање на споровите паралелно со судските постапки. Според него, еден медијатор треба да биде добро оспособен и стручен, а за тоа е потребно совладување на основните техники за медијација, кои се цел на оваа петдневна обука.
Обуката ќе трае до петок, 3 март, а се организира во рамките на проектот „Медијација, без дилема!", кој Институтот за европска политика (ЕПИ)- Скопје го спроведува во соработка со Академија за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев'', Комора на медијатори на Република Македонија и Холандска федерација на медијатори. Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. /МИА