Обновен конакот во манастирот Свети Архангели Михаил и гаврил во Кучевиште

Конзерваторскиот центар - Скопје го обнови конакот на манастирот „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ во село Кучевиште на Скопска Црна Гора, со грант од скоро 100.000 долари обезбедени од Американската фонд за културна заштита.

Конакот, изграден во 17 век, беше конзервиран и реставриран една година, а денеска завршувањето на проектот беше одбележан во присуство на амбасадорот на САД Пол Волерс, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, архиепископот г.г. Стефан и директорката на Конзервторскиот центар-Скопје Ема Петрова.

Амбасадорот Волерс истакна дека како и за минатите проекти завршени со средства од овој фонд, чувствува големо задоволство зашто, како што рече, знае дека е зачувана уникатната и извонредна историја на Македонија.

- Манастирот сега има нов простор за пречек на посетители. Конакот е целосно реновиран, од подови до покрив, при што точно е запазен оригиналниот дизајн за да им се овозможи на идните посетители да се вратат назад во времето и да видат како изгледал конакот во 17 век.

Културните локалитети не потсетуваат на придонесите и историските искуства на нашите предци. Соединетите Држави сакаат да покажуваат почит кон другите култури и еден начин тоа да се направи е да се преземе водечка улога во напорите за заштита на културното наследство, рече американскиот амбасадор.

Заменик-министерот Недељковиќ истакна дека конакот е значаен примерок на традиционалната македонска архитектура.

- Возобновувањето на оваа градба со непроценлива вредност и враќање на нејзиниот сјај од минатото е голем чекор во зачувувањето на ова вредно наследство, голем чекор за негова соодветна презентација пред посетителите. Од денеска секој граѓанин на нашата држава или гостин од странство ќе може да го посети манастирскиот конак кој плени со својата уникатност и убавина, со својата вонвременост и возвишеност, истакна Недељковиќ. Тој посочи и дека Американската амбасада во континуитет е голем поддржувач и пријател на Македонија.

Архиепископот г.г. Стефан се заблагодари за американската помош и добра волја и за заложбите на Министерството за култура и на Градскиот конзерваторски центар. Тие интервенирале по барањето на старешинката на манастирот Марија која скоро 50 години живее таму и известила дека конакот е во незавидна состојба.

- Од името на Македонската православна црква и Скопската епархија, особено од името на мајка Марија и на сите претходни жители на манастирот, да ви заблагодарам на сите кои на свој начин помогнавте да се зачува делото во кое генерациите пред нас вградиле и многу вера, и многу љубов, и многу надеж, и за себе и за генерациите по нив, а се за слава на бога и на неговите светии, рече поглаварот на МПЦ.

Договорот за грант од 98.900 американски долари за обнова на конакот беше потпишан во септември минатата година меѓу Амбасадата на САД и Министерството за култура. Во изминатите 12 години овој споменик на културата е меѓу 11-те во Македонија кои се обновени од фондот и кои вкупно добиле повеќе од еден милион долари.

Обновениот конак е изграден во средината на 17 век. Има приземје и кат со простран чардак. Во конакот има фурна и огниште, а низ приземните одаи тече поток. Има уште еден конак, на јужната страна, изграден во 19 век. Манастирската црква посветена на архангелите Михаил и Гаврил датира од 14 век. Изградена е во периодот меѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389). Градена е по примерот на црквите на Света Гора.

Живописана е во 1591, под ктиторство на свештеникот Никола кој ги ангажирал сликарите. Во тоа време е направен и иконостасот, од кој е зачуван само крстот. Сегашниот иконостас и иконите се од средината на 19 век. Црквата и иконостасот се реставрирани во 1991/1992 година. /МИА/

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

Иран воведе санкции за поединци и правни субјекти од САД и Велика Британија

Иран воведе санкции за неколку американски и британски физички и правни лица поради нивната поддршка за Израел во војната против палестинската организација Хамас во Појасот Газа, јавија француските медиуми.

Во соопштение Исламската Република - жесток непријател на Израел – наведува дека воведува санкции за седум американски граѓани, вклучувајќи го генералот Брајан Фентон, шеф на командата за специјални операции, и вицеадмиралот Бред Купер, поранешниот шеф на американската морнарица на Блискиот Исток.

Меѓу британските функционери и институции кои се санкционирани се министерот за одбрана Грант Шапс и Кралската морнарица во Црвеното Море.

Санкции се воведени и за американските компании „Локид Мартин“ и „Шеврон“, како и за британските „Елбит системи“, „Паркер Мегит„ и „Рафаел УК“.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека санкциите вклучуваат „блокирање на сметките и трансакциите во финансискиот и банкарски систем на Иран, замрзнување на средства под јурисдикција на Исламската Република Иран и забрана за визи и влез на иранска територија“.

Меѓутоа, останува нејасно влијанието на овие мерки врз поединците или субјектите, како и какви било средства или трансакции со Иран, пренесуваат француските медиуми.

Иран не ја признава државата Израел и ја стави поддршката за палестинската кауза како камен-темелник на својата надворешна политика од Исламската револуција во 1979 година.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, која започна на 7 октомври со неиспровоциран напад на палестинското исламистичко движење „Хамас“ на израелска територија, мнофукратно се кренати тензиите меѓу Израел, од една страна, и Иран и неговите сојузници, особено либанскиот „Хезболах“, од друга.

Ситуацијата меѓу двете земји ескалираше на 13 април кога Иран започна невиден напад врз Израел користејќи 350 дронови и проектили, од кои повеќето беа пресретнати со помош на САД и другите сојузнички земји.

Неколку дена подоцна, во друг напад, што му се припишува на Израел, беше погоден аеродромот во Исфахан, во централен Иран, но таму беше предизвикана само ограничена штета. /МИА

притисни ентер