Објавени годишните проекти на културните установи - Канал 5

Објавени годишните проекти на културните установи

Развојот на сите дејности од областа на културата, меѓународната соработка, како и сите започнати капитални инвестиции повторно се приоритет на проектите во годишните програми на националните установи за 2016 година, како и кај проектите поддржани на годишните конкурси по одделни области и активности од културата за годинава, што се објавени во средствата за јавно информирање и на веб страницата на Министерството за култура.

Објавени годишните проекти на културните установи
- Буџетот за 2016 година на Министерството за култура изнесува 3,8 милјарди денари и во однос на минатата година е зголемен за 5,22 проценти. Програмските средства за 2016 година изнесуваат 864.999.000 денари. Министерството за култура продолжува со активностите за обезбедување на интензивен културен развој, збогатување на културната понуда во нашата држава, унапредување на статусот на авторите и уметниците, подобрување на условите во кои тие работат и творат, стимулација на творештвото, рамномерен развој на сите дејности, негување на вредностите на сите етнички заедници кои живеат во Република Македонија, афирмација на македонската култура во меѓународен контекст, соопшти Министертвото за култура.

Во рамките на годишната програма за 2016 година, во музичко-сценската дејност се поддржани 237 проекти од национален интерес, меѓу кои и меѓународни манифестации од музичко-сценски карактер. Во институциите, што е од огромна важност, ќе се реализираат повеќе значајни премиерни изведби, меѓу кои и поставувањето на премиерата „Онегин“, јубилејна претстава на примабалерината Александра Мијалкова, премиерните изведби на оперите „Севилскиот бербер“ и „Турандот“, потоа јубилејниот гала-оперски концерт „50 години уметничка дејност на диригентот Томислав Шопов“, балетската премиера на „Црвената соба - смртта и девојката“, балетската обнова на „Снежана и седумте џуџиња“, гостувања на Операта и Балетот во центрите за култура низ државата, симфониски концерти на Македонската Филхармонија во Скопје и другите градови во Република Македонија и многу други активности.

Поддржани се музички проекти и концертни претставувања на домашните музичари и камерни состави во Центрите за култура во Струмица, Струга, Битола, Гостивар, Прилеп, Дебар, Кичево, Делчево, Неготино, Кочани, Охрид, Штип, Куманово и Тетово. На локално ниво, во рамки на локалните установи поддржани се проекти во програмите на Домовите за култура во Демир Капија, Кавадарци, Св. Николе и Ново Село како и активностите на јавните установи Младински културен центар и Културно информативен центар кои традиционално ќе ги реализираат манифестациите „Види музика-слушни слика-добиј книга, „Звуците на чаршијата“ која годинава одбележува десет годишен јубилеј, како и бројни концерти на млади надежни музичари и концерти по повод јубилеи од концертната дејност на веќе истакнати музички уметници. Концерти ќе реализираат светските реномираните пијанисти Симон Трпчески и Елена Мисиркова, обоиската Гордана Јосифова Неделковска...

Оваа година поддржани се концертни случувања и проекти по повод одбележување на други значајни јубилеи како 50 години од постоењето на Факултетот за музичка уметност“ во Скопје, Јубилеј 10 години Божикни свечености ,,Божик-Слава" на хорскиот состав ,,Св. Злата Мегленска" итн. Продолжува интензивирањето на културниот живот преку поддршка на културните манифестации „Културно лето“ и „Културна зима“ во општините Крушево, Берово, Дојран и Преспанскиот регион, како и манифестацијата „Топол културен бран“ со кои овозможуваме поттикнување на локалниот културен развој и збогатување на културната понуда во општините низ Република Македонија. Во 2016 година Министерството за култура ќе ја финансира и програмата на фестивалите, најголемиот интернационален настан во нашата држава, Охридско лето, фестивалите Мајски оперски вечери, Скопски џез фестивал, Деновите на македонската музика, Танц фест, Интерфест, Макфест, Валандово.
Што се однесува до визуелната уметност, во 2016 година во националните установи ќе се реализираат квалитетни проекти и изложби, меѓу кои и претставување на светски познатиот автор Демјан Хрст, која ќе се реализира во соработка со Британскиот совет во РМ, додека пак во МКЦ ќе биде поставена и изложба на графики на Пабло Пикасо, како и дела на претставниците на американскиот поп арт, Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн и други.

Исто предвидени се ликовни претставувања на Кристина Пулејкова, добитничка на наградата на 11. Биенале на млади, ретроспективни изложби на реномирани автори како Петар Хаџи Бошков, Спасе Куноски, Вангел Наумовски и други значајни творци. Ќе биде презентирана и ретроспективно-монографска изложба „25 години творештво на современиот уметник Решат Амети“ која ќе биде поставена во МАНУ, како и изложби на Игор Тошевски, Славица Јанашлиева, Жарко Башевски, како и монографско-тематска изложба на Никола Мартиноски. МКЦ со поддршка на Министерството за култура ќе организира изложби на Касиопеја Наумовска, Милчо Манчевски и Димитар Манев.

Што се однесува до издавачката дејност, во 2016 година ќе бидат публикувани исклучително вредни дела кои имаат големо значење за македонската култура и наука. Со поддршка на Министерството за култура ќе се издадат и 12 книги за значајни археолошки локалитети во Македонија, јубилејни монографски изданија по повод 70 години Драмски театар и 10 години од постоењето на меѓународниот театарски фестивал Скупи. Ќе се издадат и монографии за творештвото на Есма Реџепова, Вељо Ташовски, Никола Мартиноски, Спасе Куновски, како и монографски изданија на албански јазик „Тетово низ стари фотографии со исторсики осврт“ и многу други значајни дела. Во 2016 дела ќе се преведат повеќе изданија на реномирани автори како Матеја Матевски, Ристо Лазаров, Блаже Миневски, Цветан Грозданов, Луан Старова, Венко Андоновски, како и 12 значајни дела од Хенри Кисинџер, кој е добитник на Нобелова награда за мир. Поддржани се и 33 проекти наменети за деца и млади, како и дела од млади автори и други литературни жанрови - драма, балет, стрип, научно истражувачки проекти, филм, историја, филозофија, лексикографски изданија и друго.

Во драмската дејност во текот на 2016 година ќе се реализираат големи театарски спектакли кои ќе внесат нова свежина во репертарот на националните театари во Република Македонија. Министерството за култура поддржа 125 проекти од драмската дејност, од кои 76 претстави од професионалната продукција, 26 фестивали и манифестации и 22 аматерски претстави. Македонската публика ќе има можност да погледне крупни и многу значајни театарски претстави на сцената на НУ МНТ меѓу кои се: проектот за егзодусот на децата бегалци од граѓанската војна 1946-1949 во Легнице, Полска, во режија на Јацег Гломб, авторскиот проект „Соларис“ на Андриј Жолдак, претставите на големите режисерски имиња како Александар Морфов, Томаж Пандур, Галин Стоев како и Андреј Цветановски. Во Драмскиот театар ќе режираат Лилиа Абаџиева, Љубиша Георгиевски, Дејан Пројковски, Сашо Миленковски, Наташа Поплавска, Димче Николовски. Во Битолскиот театар ќе гостуваат Диего де Бреа, Александар Баргман, Андраш Урбан. Свои претстави пред публиката ќе презентираат и: Дино Мустафиќ, Али Волкан Четинкаја, Димитар Еленов, Љубиша Георгиевски, Дејан Пројковски, Боњо Лунгов, Љупчо Ѓорѓиевски, Миха Голоб, Коле Ангеловски, Наташа Поплавска, Ѕвезда Ангеловска, Софија Ристевска, Деан Дамјановски, Куштрим Бектеши, Ќендрим Ријани...

Во независната продукција се поддржа реализација на 18 претстави кои ќе се изведат по драмски текстови од домашните автори: Златко Славенски, Срѓан Јанаќијевиќ, Едмонд Сотир, Тихомир Стојановски, Маријана Котевска, Васил Димески, како и од странските драмски автори: Молиер, Данил Хармс, Хајнрих Фон Клајст, Енда Волш, Миро Гавран, Јетон Незирај, Албатрос Реџај. Застапени се режисерите: Мартин Кочовски, Златко Славенски, Васил Христов, Софија Ристевска, Теа Беговска, Димче Николовски, Тихомир Стојановски, Бесфорт Идризи, Ибраим Деари, Нехат Мемети, Агим Сопи, Ќазмедин Нуредини, Елиона Томарај... Продолжува поддршката за 26 реномирани театарски фестивали кои ќе презентираат богата програма, меѓу кои се Млад отворен театар, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, МНТ Фест, Битола Шекспир фестивал, Фестивалот на комедијата во општина Аеродром, театарскиот фестивал во Тетово и други, а за прв пат ќе се реализира и манифестацијата „Европски ден на еврејската култура“. И годинава театрите предвидено е да имаат бројни гостувања во Република Македонија во рамките на театарските фестивали и разни културно-уметнички манифестации како што се: „Топол културен бран“, „Град на култура“, „Скопско лето“...

Заштитата на културното наследство кое го поседуваме како држава како и неговата промоција во домашни и меѓународни рамки и во 2016 година останува врвен приоритет на Владата и Министерството за култура. Продолжува обновата и конзервација на повеќе фасади низ Македонија, санацијата на споменикот на Илинден, конзевраторските активности на манастирскиот комплекс Св. Архангел Михаил во Берово, заштитата на црквата „Св. Ѓорѓија“ во преспанското село Курбиново, заштитата на вредните фрескоживописи во црквата Св. Ѓорѓи во Струга, адаптацијата на објектот Јени џамија во Битола во современ галериски простори, непосредната заштита на црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран, конзервацијата и санацијата на црквата „Св. Никола“ во с. Манастир, Мариово и многу други проекти. Продолжуваат и активностите на повеќегодишниот проект за воспоставување постојани поставки во националните музеи од сите области: археологија, историја, историја на уметност, етнологија, современа уметност и природонаука, како и проектот за адаптација на депоата во музејските установи низ земјава.

Меѓународната соработка и оваа година ќе биде високо позиционирана во приоритетите на Министерството за култура, кое поддржа бројни активности за меѓународна промоција на македонската култура на светските сцени. Повторно ќе бидеме присутни на чествувањето на оставнината на просветителите Кирил и Методиј во Рим, на Биеналето за архитектура во Венеција, на манифестацијата „Вроцлав европска престолнина на културата“. Македонската книжевност ќе биде презентирана на меѓународните саеми на книгата во Париз, Франкфурт, Истанбул. Со поддршка на Министерството за култура во 2016 година ќе се реализираат и бројни значајни гостувања на македонските театри во странство во Полска, Санкт Петербург, Санта Барбара, Израел, Србија, Австралија, Франција, Турција, Словенија, Романија, Бразил. Од останатите активности кои се дел од Годишната програма на Министерството за култура , претставата „14 часа“ ќе гостува во Берлин, Операта во Лече, Италија, Македонската филхармонија во Виена, Австрија и многу други активности.

Од покрупните проекти кои се наоѓаат во Програмата на Владата, во 2016 година стартуваме со постапките за изградба на уште два нови објекти од областа на културата, односно нови објекти за Драмскиот театар и објект на Театарот Комедија. Истовремено во првата половина на 2016 година ќе се распише јавна набавка за избор на изведувач за изградба на Конгресниот центар во Скопје, а ќе се изработи и потребната документација за надградба и реконструкција на објектот за националните установи во Охрид. Сето ова практично значи продолжување на континуитетот на инвестицискиот циклус во културата и градење нови објекти во оваа област. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре променливо облачно време со температура до 21 степен, заладување од сабота

Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло, информираат од УХМР.

Утре променливо облачно време со температура до 21 степен, заладување од сабота

МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА (во оС)

11 Попова Шапка, 12 Крива Паланка, Тетово, Лазарополе, 14 Виница, Крушево, 15 Скопје-Зајчев Рид, Маврови Анови, 16 Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Струмица, Гевгелија, 17 Штип, Берово, Претор, Кавадарци, 18 Охрид, Битола, 19 Прилеп.

КОЛИЧИНА НА ВРНЕЖИ за изминатите 9 часа до 16 часот во (l/m2)

2 Лазарополе, 1 Крива Паланка, Охрид, Маврови Анови, Попова Шапка.

ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ

Времето денеска беше променливо облачно со сончеви периоди. Во утринските часови по одделни котлини имаше појава на слаба магла. Во западните и северните делови имаше повремен слаб дожд. Дуваше слаб до умерен ветер од јужен правец.

До крајот на денот ќе се задржи променливо облачно со услови за слаб локален дожд во крајните западни региони. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

ВРЕМЕТО УТРЕ

Променливо облачно и релативно топло. По одделни котлини ќе има појава на утринска магла. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 21 степен.

Во Скопје, претежно облачно, во делови од котлината ќе има појава на утринска магла. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 степени.

ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во петок ќе преовладува релативно топло време со температури кои ќе бидат значително над просекот за овој период од годината и ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец (наместа со брзина над 80 km/h). Од сабота поради продор на постудена воздушна маса од север температурите ќе бидат во опаѓање.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова на COP31: Климатската амбиција мора да се претвори во конкретно дејствување

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија.

Сиљановска-Давкова на COP31: Климатската амбиција мора да се претвори во конкретно дејствување

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија, каде што ги потврди македонските заложби за климатска акција и ја нагласи потребата од праведна транзиција кон чиста енергија.

Таа укажа дека со третиот Национално утврден придонес(NDC 3.0), државата се обврзува да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со цел постигнување климатска неутралност до 2050 година.

Амбициите се преточуваат во политики преку претстојниот Закон за климатска акција, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044.

За Сиљановска-Давкова енергетската транзиција мора да биде праведна и прифатлива, без дополнително оптоварување на семејствата погодени од енергетската сиромаштија и загадувањето. Притоа, посебно внимание треба да се посвети на жените, децата и младите.

Претседателката посочи дека за остварување на климатските цели неопходно е предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства.

Според Сиљановска-Давкова, за климатските амбиции да странат остварливи, солидарноста треба да се потврди преку конкретни инвестиции, коишто ќе им овозможат на државите подготвеност за дејствување.

„Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат“, порача претседателката на лидерскиот самит.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитуван претседател, екселенции, дами и господа,

Дозволете ми да им се заблагодарам на Република Турција и на претседателот Ердоган за организирањето на овој самит посветен на климатските промени.

Десет години откако мојата земја го потпиша Парискиот договор, остануваме убедени дека климатската криза не се сведува само на управување со емисиите. Станува збор за светот што ќе им го оставиме на идните генерации. Ние сме првата генерација којашто целосно ги разбира последиците од своите избори, а можеби и последната којашто има време да го промени правецот. Идните генерации ќе живеат со последиците од нашите одлуки.

Оттука, доаѓаме на COP31 со јасно чувство за одговорност. Ние сме мала земја без излез на море, лоцирана во поширокиот медитерански регион – еден од регионите што се најизложени на климатските промени. Сепак, подготвени сме да преземеме товар поголем од нашиот сопствен удел.

Водени од убедувањето дека климата е заедничко добро на човештвото, климатските активности ги поставив не само како личен, туку и како политички приоритет. Ова убедување ме поттикна да иницирам национален дијалог во македонското општество, обединувајќи експерти, креатори на политики и практичари за заедничко обликување на нашата климатска агенда.

Оваа колективна заложба е делумно одразена во нашиот трет Национално утврден придонес (NDC 3.0),каде е поставена амбициозна цел: намалување на нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со очекување да се искачи и до 82% со меѓународна финансиска поддршка. Ова нè става на кредибилен пат кон климатска неутралност до 2050 година, што ќе претставува и правно обврзувачка цел.

Амбициите ги преточуваме во политики преку претстојниот Закон за климатски акции, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, коишто се усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044. Овие напори се исто така составен дел од нашиот европски пат, приближувајќи ги нашите политики во областите на климата, енергетиката и животната средина до највисоките европски стандарди.

Сепак, не можеме да ја заштитиме иднината на сметка на оние коишто се соочуваат со тешкотии денес. Мораме да преминеме од јаглен на чиста обновлива енергија без да го зголемиме товарот на македонските семејства коишто веќе се соочуваат со енергетска сиромаштија, несоодветно греење и загаден воздух. Вооружените конфликти и тешката енергетска криза ја прават и онака тешката транзиција уште попредизвикувачка. Таа мора да биде фер и достапна, со посебно внимание на жените, децата и младите. Транзицијата којашто ги остава луѓето зад себе, ја поништува својата цел.

Оттука, ја поддржуваме Глобалната заложба за електрификација 35 на 35, Договорот од Анталија за енергетски ефикасни згради, Договорот од Анталија за зелена индустријализација и Рио Синергиите.

Сепак, мојата земја не може сама да ја финансира оваа трансформација. Извештајот на Светската банка за клима и развој на земјата ги идентификува инвестициските потреби од милијарди долари за декарбонизација и адаптација. Нашата амбиција мора да биде усогласена со предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства. Солидарноста мора да се мери не само со зборови, туку и со инвестиции што им овозможуваат на земјите подготвени да дејствуваат. Ова не е повик да ја намалиме нашата амбиција, туку истата да ја направиме остварлива.

Кога ќе се пишува историјата на оваа деценија, да не се каже дека ја согледавме опасноста, ги разбравме последиците, а сепак немавме храброст да дејствуваме. Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Петровска до Агенцијата за разузнавање: Дали лица од политиката, бизнисот и медиумите контактирале со Мацура за Алта банка?

Пратеничката Славјанка Петровска во Собранието ја праша директорката на Агенцијата за разузнавање дали Агенцијата имала сознанија за можни безбедносни ризици поврзани со Алта банка.

Петровска до Агенцијата за разузнавање: Дали лица од политиката, бизнисот и медиумите контактирале со Мацура за Алта банка?

Пратеничката Славјанка Петровска во Собранието на денешната надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност, ја праша директорката на Агенцијата за разузнавање дали Агенцијата имала сознанија за можни безбедносни ризици поврзани со Алта банка пред случајот да стане предмет на јавна дебата и дали за тоа биле известени Владата или други надлежни институции.

Петровска го заснова прашањето на надлежностите утврдени во членовите 2, 3 и 4 од Законот за Агенција за разузнавање. Притоа посочи дека Агенцијата нема регулаторна улога во банкарскиот систем.

„Дали Агенцијата имала сознанија за можни ризици по безбедноста во смисла на нарушување на политичката и економската стабилност, но и за можни трансакции кон земји кон кои имаме воведено санкции, пред случајот со Алта банка да стане предмет на дебата во јавноста? Дали за тоа беа известени Владата или други надлежни институции?“, праша Петровска.

Во дополнителното прашање, Петровска побара одговор дали Агенцијата располага со потврдени или непотврдени сознанија за евентуални контакти со Давор Мацура во врска со Алта банка. Прашањето се однесуваше на можни контакти во текот на 2026 година, директно или преку посредници, со лица од политички партии во земјава или лица поврзани со нив, како и со лица од бизнис или медиумските кругови.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер