Објавена монографија за битолски Широк сокак - Канал 5

Објавена монографија за битолски Широк сокак

Битолскиот новинар и публицист во пензија Димитар Димитровски-Такец објави монографија на 725 страници „Перформансите на Широк сокак“.

Објавена монографија за битолски Широк сокак
По тој повод беше примен од градоначалникот Битола Владимир Талески, кој истакна дека публикацијата е вистински репрезент на градот, оригинално дело кое во иднина ќе биде претставувано на саемски манифестации или подарувано на истакнати гости кои ќе ја посетат Битола.

- Такец ја ситни десеттата деценија од својот живот, човек со исклучителна меморија, кој памети историски личности и настани и кој на креативен начин цела меморија ја вгради во монографијата „Перформансите на Широк сокак“. Во монографијата се среќаваат факти што можеби никогаш не сме ги забележале за животот во Битола, Македонија, но и за Балканот. Преку оваа монографија и во иднина ќе ја славиме Битола и Широк сокак, местото кое како оска ги поврзува сите епохи наназад, фокусирани преку широката диоптрија на Димитар Димитровски-Такец, нагласи градоначалникот Талески.

Според авторот, монографијата е исполнета со музика, со зборови, со слики, со се што во својот живот тој напишал како автор и како новинар.

- Монографијата содржи 59 глави, а една од значајните е и „Од Монастир“, првиот весник кој излегол од печат во 1878 година во првата битолска печатница, која била втора по печатницата во Солун. Пишував за нашето време, за многу градоначалници. Растев со поетиката на Ботев, кој велеше „кој е страшлив како баба, дома да си седи“. Секоја глава е посебна студија, еден живот. Пишував со оригинален пристап, за да дадам нота и јасна порака, рече меѓу другото авторот Димитар Димитровски-Такец, кој на градоначалникот на Битола му го врачи првиот примерок од монографијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Уапсен е сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, по 30 часа распит

Тројца вработени во „Алта банка“ во Србија, меѓу кои и нејзиниот сопственик Давор Мацура, се уапсени под сомнение дека незаконски извлекле околу 383 милиони евра од банкарскиот трезор.

Уапсен е сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, по 30 часа распит

Според Обвинителството за организиран криминал, Мацура со помош на директорот на одделението за трезорско работење и уште еден вработен, неовластено влегувал во трезорот и изнесувал пари.

При претресите на банката, извршени на 31 октомври и 1 ноември, бил направен и попис на готовината. На тројцата осомничени им е одреден притвор до 48 часа, по што ќе бидат сослушани пред обвинителството.

Случајот го води Обвинителството за организиран криминал кој веќе побара проверка на сомнителните трансфери на пари во странство. Освен работата на банката, банкарскиот скандал отвори сериозни прашања и за одговорноста на Народната банка на Србија. Тамошните експерти оценија дека ненадејниот колапс на банката, која со години бележела забрзан раст, претставува сериозен пропуст на надзорните институции, а Народната банка прескокнала цела низа чекори пред да ѝ ја одземе дозволата. Дел од познавачите, сметаат дека одлуката е политичка.

-Првиот чекор од таа контрола е изрекување парична казна за одговорните лица. Ако состојбата не се подобри, се воведува принудна управа. Ако и тогаш состојбата не се поправи, се носи одлука за затворање на банката. Како што е направено сега во Црна Гора, воведена е принудна управа. Народната банка го прескокна сето тоа и одеднаш. Таа одредба, особено решението, е скандалозна. Едноставно кажано, банката е пропадната. Да потсетиме едно клучно прашање дека таа одлука е донесена ден по резултатите на изборите. Кучното прашање е дали НРБ на Србија би ја одземала дозволата за работа ако резултатите од изборите беа други? – Верољуб Дугалиќ, долгогодишен генерален секретар на Здружението на банки на Србија

По се погласните шпекулации дека може да биде уапсен, доскорешениот српски претседател, а сега опозициски лидер Александар Вучиќ порачува дека не се плаши зашто како што посочи, бил чист и нема повзраност со какви било финансиски малверзации.

-Претседател да апсите? Јас за пари не сум потпишал ништо и не работам ништо. Не можете да најдете ништо од тоа. Не знам дали ме разбирате. Можете да барате дали тој некогаш нешто рекол, трла баба ла... Единствено што можат е да се закануваат и некого да држат во страв. Мене да ме држите во страв со тоа што ќе кажете дека ќе ме уапсите? Тоа е глупава приказна. – Александар Вучиќ, лидер на опозицијата

Носителот на листата победничката Студентска листа, Илија Срдановиќ, пак, најави дека идните апсења ќе се спроведуваат исклучиво врз основа на докази за сторени кривични дела согласно законите. Во интервју за српска „Нова“ тој ги повика вработените да се спротивстават на уништувањето на документите во дел од институциите. Најавите следуваат по вчерашното апсење на двајца високи полициски функционери, Марко Кричак и Бошко Секуловиќ, осомничени за злоупотреба на службената положба.

Британски „Фајненшл тајмс“, пишува дека „Алта банка“ била најотворена банка за Русите во Србија, а сега е под истрага поради сомневања за префрлање големи суми пари во странство по изборниот пораз на Вучиќ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова на англиски ѝ честита на Јотова: Со добра волја можеме да ги надминеме актуелните предизвици

Илијана Јотова е новата претседателка на Бугарија – таа убедливо го победи противкандидатот Андреј Ѓуров со разлика од 343,601 глас, освојувајќи 57,6% од вкупните гласови во вториот круг на изборите. 

Сиљановска-Давкова на англиски ѝ честита на Јотова: Со добра волја можеме да ги надминеме актуелните предизвици

Во своето прво обраќање, Јотова се заблагодари на премиерот Румен Радев за поддршката, но и го обвини Ѓуров , за како што рече, исклучително агресивна кампања против неа.

-Би сакала да изразам најдлабока благодарност до „Прогресивна Бугарија“. Почитуван г. Радев, немаше да успееме без вас. Изминатите неколку дена поминаа во целосна мобилизација. Сакам да Ви се заблагодарам што ниту за миг не се поколебавте во вашата поддршка за мене. Исто така, сакам да ѝ се заблагодарам на Бугарската социјалистичка партија, која, како и секогаш, застана покрај мене во оваа исклучително тешка битка. - Илијана Јотова, претседателка на Бугарија

-Завршуваме една тешка изборна година, но насоката е јасна.// За нас, овие избори потврдуваат дека правецот што го зазедовме е вистинскиот и нè охрабруваат да спроведеме уште поодлучни и поактивни реформи.- Румен Радев, премиер на Бугарија

Во своето обраќање по поразот - Ѓуров кој беше поддржан и од поранешниот премиер Бојко Борисов, изјави дека го прифаќа резултатот но дека ќе биде дел од активната опозиција во државата.

-За сите што беа дел од кампањата, за оние што нè поддржаа и веруваа дека постои нов пат за Бугарија – разбирам дека ова предизвикува одредено разочарување, но верувам дека ништо не беше залудно, дека најдоброто допрва доаѓа и дека создадовме навистина цврста платформа врз која можеме понатаму да градиме. - Андреј Ѓуров, кандидат за претседател на Бугарија

Честитки за Јотова испрати и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која побара соработка базирана на заемна почит и искрено партнерство.

-Во име на македонските граѓани и во мое лично име, срдечно им честитам на претседателката Илијана Јотова и на потпретседателот Кирил Валчев за нивната изборна победа.

Со добра волја можеме да ги надминеме постојните предизвици, да ги зајакнеме македонско-бугарските односи и да придонесеме за мирот, стабилноста и просперитетот.- Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Македонија

Во својата изборна кампања, Јотова во однос на Македонија ги повтори веќе добро-познатите бугарски ставови. Дополнително, таа најави дека ќе заземе побалансиран став кон Русија, ја повика Бугарија да биде „помалку послушна кон ЕУ„ но и изрази скептицизам за понатамошна бугарска воена помош за Украина. Јотова е првата избрана жена претседател на Бугарија, а до отставката на Румен Радев беше негов заменик-претседател. Претходно во два наврати беше и член на Европскиот парламент.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ѓорѓиевски: Зборот е збор - за првпат, бесплатни униформи за сите ученици од прва година

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска во средното училиште „Раде Јовчевски - Корчагин“ ги промовираше бесплатните униформи за сите ученици од прва година.

Ѓорѓиевски: Зборот е збор - за првпат, бесплатни униформи за сите ученици од прва година

- Ветивме и исполнуваме. Пристигна првата пратка бесплатни униформи, кои се изработени од 100% памук. Ова е почеток на реализацијата на мерката со која униформи ќе добијат сите ученици од прва година во средните училишта на Град Скопје. За мене, секое дете заслужува со крената глава да влезе во училницата. Да се чувствува прифатено, почитувано и еднакво. Ниту еден ученик не смее да чувствува помала вредност поради финансиските можности на своето семејство. Во училишните клупи треба да се истакнуваат знаењето, трудот и талентот. Таму се градат пријателства, се откриваат способности и се раѓаат големи соништа. Наша обврска е да создадеме услови тие соништа да растат. Токму затоа, со бесплатните униформи го олеснуваме товарот врз семејниот буџет и придонесуваме за намалување на видливите социјални разлики меѓу учениците. Правиме конкретен чекор кон училишна средина во која нема место за потсмевање, дискриминација и булинг поради облеката што некој ја носи – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека оваа мерка е дел од многубројните градски активности во интерес на младите.

- Опремивме кабинети по информатика, обезбедивме дидактички материјали и помагала, интерактивна технологија, смарт табли, нови клупи и столчиња. Вложуваме во спортски терени и фитнес зони, во современи услови за учење и здрав развој. Продолжувам со истата решителност, затоа што зад секоја мерка стојат ученици со свои надежи и семејства што очекуваат поддршка. Нивната доверба е обврска што се исполнува со дела. Влогот во младите е влог во иднината. А иднината на Скопје ја градиме денес, со секое исполнето ветување – рече Ѓорѓиевски, соопштуваат од Град Скопје.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер