Сепак, шефот на тимот, Андреа Стела рече дека секоја поддршка за Норис ќе биде во согласност со принципите на правичност и спортски дух.
-Основниот концепт е дека ние сме неверојатно решени да победиме, но сакаме да победиме на вистински начин, рече Стела.
Пред трката за ГН на Азербејџан претстојниот викенд, Норис заостанува 62 поени зад лидерот Макс Верстапен, со уште 232 за освојување до крајот. Пјастри е четврти со 106 бода помалку од Верстапен.
-Нашите принципи се интересот на тимот секогаш да е на прво место - ќе го поддржиме Ландо, но не сакаме да ги компромитираме нашите принципи, додава Стела.
Во Монца, Норис и Пјастри се квалификуваа први и втори, потоа Австралиецот го престигна Британецот, а тоа резултираше со Шарл Леклер од Ферари да се пробие на второто место. Леклер подоцна победи на трката.
-Не сакаме повеќе да гледаме такви ситуации бидејќи тие му штетат на тимот. По таа трка имаме три цели - повторно да не се случи ништо на патеката што е штетно за тимот. Втората е - како да ги освоиме и индивидуалните и екипните првенства. Трето - не сакаме да бидеме непромислени во ова, истакна Стела.
Тимскиот шеф посочува дека било разговарано со возачите и дека двајцата прифатиле малку поинаков пристап.
-Дури и кога му реков на Оскар, дали би бил подготвен да се откажеш од победата? Тој одговори: „Би било болно, но ако е вистинската работа, ќе го направам тоа“. Импресиониран сум од тимскиот дух на двајцата, заклучува Стела.
Во поредокот кај конструкторите Мекларен заостанува само осум бода зад Ред Бул, а Ферари е трет со 31 бод помалку од Мекларен.