Низ Токио се шири бактерија, што „јаде“ човечко месо- без терапија е умира за 48 часа

Смртоносна бактерија што јаде месо се шири сѝ побрзо и побрзо во Јапонија, а фокусна точка е главниот град Токио.

Годинава се регистрирани 977 случаи на „синдром на стрептококен токсичен шок“ (STSS), што е повеќе од 941 случај од цела минатата година, пишува Телеграф.

Оваа состојба се јавува кога инаку вообичаената бактерија стрептокок А манифестира необично однесување.

Самиот патоген е чест, така што меѓу пет и 20 проценти од здравите возрасни лица се заразени со бактеријата, но немаат никакви симптоми.

Но, кај одредени пациенти, бактериите можат да предизвикаат голем број на болести, од тонзилитис и импетиго до шарлах и пневмонија.

Во некои особено тешки случаи, бактеријата стрептокок А може да стане инвазивна, продирајќи длабоко во меките ткива и мускулите од исеченици и рани, каде што предизвикува некротизирачки фасции или „болест што јаде месо“.

Токму оваа состојба моментално се шири во Јапонија, покажуваат податоците на Националниот институт за заразни болести.

Симптомите започнуваат со треска или болки во мускулите, проследени со низок крвен притисок. Пропаѓање на органи и септичен шок може да следи во рок од 48 часа, а ако пациентот не прими брзо антибиотици, исходот може да биде фатален.

Токио е најпогоден од оваа болест, со 145 случаи регистрирани во првите шест месеци од 2024 година. Најголем број случаи се кај возрасни постари од 30 години, додека стапката на смртност се движи околу 30 отсто, пишува јапонскиот весник Асахи Шимбун.

„Не е невообичаено да има нагло зголемување на бројот на случаи. Вакви зголемувања во минатото имавме во Велика Британија. Ова може да се случи затоа што повремено се појавува нов вид на бактерии“, вели Џон Коен, професор по заразни болести на Медицинскиот факултет во Брајтон и Сасекс.

Во декември 2022 година, Светската здравствена организација издаде предупредување по порастот на инвазивните инфекции со стрептокок А, вклучително и шарлах, во Британија, Франција, Ирска, Холандија и Шведска. Во повеќето случаи, деца биле заразени.

„Во Англија, бројот на случаи на стрептококи од групата А (болки во грлото, шарлах и поретки инвазивни инфекции) нагло се намали за време на пандемијата Ковид-19, а помалите деца не се сретнаа со стрептококи од групата А како што би било нормално“, рече проф. Ширане Срискандан, професор по заразни болести на Империал колеџ во Лондон.

„Затоа, имаше повеќе деца подложни на стрептокок од групата А кога беа укинати епидемиолошките мерки и тоа веројатно доведе до зголемување на случаите што ги забележавме во 2022 година.“

Таа додаде дека нешто слично можеби се случува и во Јапонија.

„Епидемиолошките мерки беа укинати во различни периоди низ светот, што доведе до постепено зголемување на случаите на стрептокок А. Ова е едно од можните објаснувања зошто Јапонија бележи пораст на случаи оваа година“, рече проф. Шрикандан.

Норвешка, Шведска и Финска создаваат воен транспортен коридор во Арктикот

Норвешка, Шведска и Финска се договорија да создадат воен транспортен коридор што ќе минува низ северниот дел на секоја од трите земји, изјави норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.

Овој договор е „важен чекор“ за овие три земји, кои се веќе членки на НАТО, нагласи тој.

Финска и Шведска ја напуштија својата повеќедецениска политика на необврзаност со одбранбени сојузи откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Финска се приклучи на Атлантскиот сојуз во април минатата година, а Шведска во март оваа година.

„Денес се договоривме да создадеме воен транспортен коридор низ северна Норвешка, северна Шведска и северна Финска“, рече Сторе по состанокот со неговиот шведски колега Улф Кристерсон и финскиот претседател Александар Стуб.

„Ова ќе овозможи брз транспорт на персонал и опрема од норвешките пристаништа до Финска преку Шведска“, додаде Сторе. /МИА

Пешевска:Кој губи има право да се лути. Беџети:Рамковниот договор,одбрана од мајоризација

Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ и Блерим Беџети од ДУИ, гости во Само Вистина

Пешевска: Зошто не се согласувате со промената на изборниот модел во една изворна единица? Кој губи има право да се лути и легитимно е да поставувате барања. Изгубивте гласови од Албанската опозиција. Суровата реалност е реалност што сите не' боли, реалноста што се создаде во државата се создаде во процес без консензус, со политички прогон и многу закани и уцени. Лично бев жртва на самиот процес за промената на името што предизвика непријатности мене и на моето семејство. Ако се водиме по емоции не би го искажала, ако морам да го изговорам тешка кнедла би голтнала. Ние за Грција останавме Скопје, не треба да има двојни аршини, треба опомени за двете страни ако не се почитува Преспанскиот договор.

Беџети: За да нема иселување, и кај младите и кај повозрасните треба да чекориме кон ЕУ. Разговаравме со мандатарот и кај една или две точки не се усогласивме. Уште првата вечер без разлика на кампањата Ахмети честиташе на победата, прашањето беше зошто се гласа ако не се почитува гласот. Во самиот рамковен договор има една важна фраза „почитување на духот на Рамковниот договор“, а тој е главниот одбрамбен механизам од мајоризација. Немојте да си земате за право да не ги признавате бројките или да си земете за право што мислат Албанците, нити Албанците ќе го прифатат тоа од вас кој победил или кој изгубил.

Шпанскиот крал не сака да го прими Милеи

 Министерството за надворешни работи негодува поради неговата посета

Шпанскиот крал Фелипе Шести одбил да го прими аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, кој утре ќе престојува во посета на Мадрид, јавуваат шпанските медиуми.

Милеи треба да слета во воздухопловната база Торехон де Ардоз во услови на дипломатски расправии меѓу Мадрид и Буенос Аирес поради забелешките што ги изнесе минатиот месец.

И покрај тоа што побара аудиенција кај шпанскиот крал, кој оваа недела слави 10 години на тронот, Милеи не е на агендата на кралскиот дом.

Одлуката доаѓа откако претседателот на Аргентина повеќепати го нападна шпанскиот премиер Педро Санчез и ја обвини неговата сопруга за корупција, пишува бриселскиот портал Политико.

Шпанската Влада одговори со отповикување на својот амбасадор во Буенос Аирес, барајќи јавно извинување од аргентинскиот претседател. Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Алварез се закани дека целосно ќе ги прекине дипломатските односи со Аргентина доколку Милеи не се извини, но тој тоа го одби./МИА

притисни ентер