Николова до Јаневска: Ја рушите уставната автономија на универзитетите - Канал 5

Николова до Јаневска: Ја рушите уставната автономија на универзитетите

Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерката за образование Весна Јаневска.

Николова до Јаневска: Ја рушите уставната автономија на универзитетите

Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерката за образование Весна Јаневска, а се однесуваа на ограничувањето на автономијата на универзитетите со предложениот закон за високо образование, односно на одредби со кои Владата дава мислење на статутот, предлага членови во Националниот совет, има влијание врз клучните академски стандарди, бројот на студенти и финансиското работење, со што се нарушува уставно загарантираната самостојност на високообразовните институции. Никлова праша и за примената на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science како критериуми за напредување, што може да доведе до дискриминација на одредени научни области и да создаде простор за институционализиран непотизам.

Во продолжение интегрален текст од прашањето :

Почитувана јавност, денес ќе го искористам моето право да ѝ поставам две прашања на министерката за образование, коишто се однесуваат на предложениот закон за високо образование, кој пред неколку недели е прикачен на ЕНЕР.

Предложениот законски текст декларативно зборува за автономија, зборува за европски стандарди, зборува за квалитет.

Но ако се чита внимателно, член по член, станува јасно дека позади тие убави зборови стои еден централизиран, контролиран и политизиран модел за управување со универзитетите.

Ќе зборувам за две клучни работи за коишто ми се и прашањата.

Прво, за критериумот за напредување – Х-индексот, како и за опасноста од институционализиран непотизам, и второ, за системското разградување на автономијата коешто овој закон го спроведува тивко, но темелно.

Имено, законот инсистира на Web of Science како практично единствено мерило на научната вредност, а Х-индексот го претвора во клучен услов за избор и реизбор во звање. На хартија реално изгледа модерно и објективно, но во пракса станува збор за сведување на науката на бројки, при што се дискриминираат цели научни области, особено општествените и хуманистичките науки, ги става младите истражувачи во невозможна, а со тоа и неправедна позиција и создава формална објективност која лесно се заобиколува со мрежата на моќ.

Да бидам конкретна, Х-индексот не го мери квалитетот, туку покажува кој колку пати е цитиран. Во големите научни системи тоа можеби функционира, но во малите јазични заедници како нашата, во правото, во општествените и хуманистичките науки, во истражувањата што се од национален интерес, ова навистина не функционира. Тоа не значи дека трудовите се лоши. Тоа значи дека тие природно ќе бидат помалку цитирани.

Во исто време, ова покажува дека мерниот инструмент којшто е одбран за мерење на квалитет е лош. Но проблемите не завршуваат тука. Строгите критериуми на хартија, во пракса, во систем во кој може да постојат затворени академски кругови, меѓусебни цитирања и влијанија, формалната објективност може лесно да стане параван позади којшто ќе се фаворизираат едни исти луѓе.

Дополнително, морам да укажам на уште еден логички и правен парадокс. Законот предвидува повисоки и построги критериуми за реизбор во звање редовен професор отколку за самиот избор во тоа звање. Ова е апсурдно. Не може за едно исто звање со ист правен статус да има едни услови за влез, а други повисоки за да се остане во тоа звање. Тоа ја руши правната сигурност, ја прави академската кариера несигурна. Понатаму, законот не нуди реални механизми за спречување на непотизмот. Ваквите формално строги и нелогично поставени критериуми во системот кој е политички и кадровски контролиран не го спречуваат непотизмот, туку напротив го легализираат.

Законот не содржи ниту една реална, ефикасна забрана за вработување на деца на професори на истите факултети каде што работат нивните родители.

Напротив, во ваков систем тоа станува дури можност за непотизам на голема врата, што беше карактеристично за едно минато време кога на факултетите се вработуваа деца на професори, па тие стануваа и нивни асистенти. Тоа, министерке, и вие добро го знаете. А имаме и пример во салата. Поточно, излезе премиерот само што почнавме да зборуваме за ова. Во еден ваков систем токму тие деца, вработени во истата институција каде што се и родителите, имаат директен пристап до менторите коишто се колеги на нивните родители, можност за коавторство со нивните родители, иако можеби немаат никаков реален придонес во самиот труд, и лесен пристап до постоечките истражувачки кругови. Тој модел е симбол на академска ерозија, на затворен систем и на злоупотреба на авторитет. Со овој закон, наместо јасно да се пресече со тие практики, се создава средина во која тие повторно стануваат возможни, па дури и системски охрабрени.

Строгите критериуми најлесно се исполнуваат токму во семејните кругови. Така се создаваат и елитистички кругови кои се на штета на талентираните млади истражувачи, кои треба да исполнат невозможни услови, да вложат големи финансии и во исто време да се борат и со таканаречената елита. Затоа на младите истражувачи ќе им биде полесно да си заминат од државата. Затоа велам, ова е закон кој формално зборува за квалитет, а суштински создава комфор за истите луѓе и истите фамилии, додека за сите други системот го прави недостижно.

Сега доаѓам до едно навистина суштинско прашање, а тоа е автономијата. Во првите членови законот ја прогласува автономијата, но подоцна низ одредбите таа постепено се ограничува. Така, член 17 ставот 3 предвидува дека статутот на универзитетот мора да добие позитивно мислење од Владата пред да оди на согласност од Собранието. Ова значи дека универзитетот не може да го донесе својот основен акт без политичка дозвола од Владата. Тоа е директно спротивно на уставната гаранција за автономија. Според член 43, Владата предлага значителен дел од членовите на Националниот совет, или шест од вкупно 15 члена. Тоа тело носи правилници за звања, научни полиња и критериуми. Со тоа Владата индиректно ги контролира сите академски стандарди. Член 44 точка 26 вели дека правилникот за посебни услови за избор во звање мора да добие позитивно мислење од министерот. Ако не добие такво мислење, нема правилник. Е, ова, министерке, е директна политичка контрола врз академското напредување. А во истиот член, во точките 4 и 14, директно навлегувате во автономијата на универзитетите.

Со член 86 велите дека Владата именува четири од 11 членови во Универзитетскиот совет, а тоа тело може да запира одлуки на Сенатот и на ректорот. Формално ја почитуваме автономијата, но фактички има моќ да ја блокира. Во член 144 Владата одлучува за бројот на студенти. Универзитетот предлага, Владата решава. Контролата врз обемот на дејноста значи контрола врз развојот.

Во членовите 113, 114 и 117 Владата ја одредува партиципацијата, дава согласност за школарина, но и за тоа како ќе се располага со имотот на универзитетот. И така финансиската автономија практично е укината. Членовите од 198 до 200 велат дека министерот може да поништи одлука на универзитетот, да запре акт и да предложи укинување на институцијата, без суд, без академска инстанца, само со решение од министерот. Во член 202 став 3, инспекцијата може да ги преиспитува изборите во звања до пет години наназад, што остава простор за последици поради јасно искажан политички став. И кога сето ова заедно ќе го земете во едно, ја добивате јасната слика. Извршната власт има влијание над основните акти на универзитетот, унапредувањето и вработувањето на кадрите, финансиите, уписот, па дури и опстанокот на институциите. Е, тоа е автономија колку што дозволува власта и министерот.

Затоа ви поставувам две прашања. Како ќе гарантирате дека со примена на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science нема да доведете до дискриминација на цели научни области и млади истражувачи? Уште поважно, како ќе спречите тие формално строги критериуми да не станат параван за непотизам, меѓусебно цитирање и затворени академски кругови?

И второто, како ја усогласувате уставно загарантираната автономија со членовите коишто ви ги посочив, а ги има уште многу, кога кумулативно овие одредби ѝ даваат на извршната власт контрола врз статутот, кадрите, финансиите и опстанокот на универзитетот?

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кога обврските ја потиснуваат романтиката

 – Како повторно да внесете блискост во односот

Кога обврските ја потиснуваат романтиката

Стресот поради работата, семејните обврски и секојдневните проблеми не влијаат само на сонот и расположението, туку може да ја ослабат и желбата за блискост.

Кога сме исцрпени и постојано размислуваме на обврските, тешко ни е да се опуштиме и да уживаме во времето што го минуваме со партнерот.

Зошто стресот влијае на желбата за интимност?

Кога сме под притисок, организмот се подготвува да се соочи со предизвиците, па тешко се опуштаме. Повишеното ниво на кортизол и адреналин влијае на сонот, расположението и енергијата, што се одразува на партнерскиот живот.

Долготрајната напнатост често носи умор и раздразливост, и чувство дека немаме доволно време за себе. Кога сме исполнети со грижи, често немаме енергија за нежност, романтика и заеднички моменти.

Хормонaлните промени, особено симптомите на перименопауза и менопауза, промените во нивото на естроген, како и физичките тегоби за време на односот, кои не треба да се занемаруваат, влијаат на желбата, Сепак, намалената желба не значи автоматски дека привлечноста исчезнала или да врската е во криза. На неа влијаат и здравствената состојба, квалитетот на сонот, одредени лекови и емоционални проблеми поради што важно е да се согледа целокупната ситуација.

Како повторно да се разбуди блискоста?

Првиот чекор е да најдете начин да ја намалите секојдневната напнатост. Прошетка, вежби со дишење, јога или активност која ви причинува задоволство, сето тоа може да ви помогне да се опуштите и да се одвоите од проблемите што ве преокупираат.

Важно е да разговарате со партнерот без обвинување и создавање дополнителен притисок. Објаснете како се чувствувате, сослушајте ја неговата перспектива и заедно размислете што би можеле да промените за да имате повеќе време еден за друг.

Не мора веднаш да планирате големи романтични гестови. Заедничката прошетка, вечера, прегратка или разговор без телефони може да ви помогне повторно да се поврзете. Нежноста не мора секој пат да води кон интимен однос, а токму отсуството на очекување може да помогне во опуштањето.

Обидете се да го подобрите квалитетот на сонот и да најдете рамнотежа помеѓу обврските и одморот. Редовното движење, сонот и времето посветено на себе може да придонесат за подобро расположение и поголема енергија, што позитивно се одразува на односот со партнерот.

Ако намалената желба трае, предизвикува незадоволство и влијае на вашиот однос, разговарајте со лекар за можните причини. Особено е важно да побарате помош ако се јавува болка и изразена непријатност во текот на интимниот однос.

Блискоста не се мери со честите интимни односи, туку со чувството на сигурност, разбирање и поврзаност. Кога ќе си дадете доволно време себеси и на партнерот, ќе разговарате отворено без да создавате дополнителен притисок, полесно ќе најдете начин повторно да уживате во заедничките моменти, пренесува Ordinacija.hr

Извор: srecne.republika.rs

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Заборавете на изгледот и мускулите – Еве какви мажи посакуваат жените

Маж со овие особини кај жената буди најголема страст.

Заборавете на изгледот и мускулите – Еве какви мажи посакуваат жените

На сексуалното задоволство кај жената не влијаат само физичкиот изглед на партнерот или неговите сексуални вештини; туку за успешно сексуално задоволство заслужни се и други особини...

Според истражувањата на оваа тема, важна улога играат личните квалитети на мажот, начинот на кој се однесува кон својата партнерка, како и чувството на блискост и сигурност што тој ги создава.

Издвојуваме неколку карактеристики кои често се поврзуваат со поголемо сексуално задоволство кај жените.

Хуморот е привлечен

Честопати на жените им се привлечни мажите кои знаат да ги насмеат. Добрата смисла за хумор може да биде знак дека е друштвен, самоуверен и способен да ѝ посвети внимание на партнерката во конкретна ситуација.

Исто така, важно е да се знае кога да се пошегува, а кога да биде сериозен. Токму ваквата комбинација создава поопуштена атмосфера меѓу партнерите.

Креативност и спонтаност

Монотонијата може негативно да влијае на врската, додека креативноста и подготвеноста за прифаќање промени можат да донесат повеќе возбуда.

Не е неопходно мажот да биде физички совршен за да биде привлечен. Жените можат особено да ја ценат неговата креативност, спонтаност и подготвеност заедно со партнерката да истражуваат што најдобро им одговара. Креативноста често се поврзува и со одредена доза на мистериозност, што за некои жени може да биде особено привлечно.

Топлината создава чувство на сигурност

Љубезноста, вниманието, чувството на блискост можат да бидат многу важни за сексуалното задоволство.

Кога жената се чувствува сигурно и прифатено од својот партнер, полесно може да се опушти и препушти на моментот. На тој начин, довербата игра значајна улога во сексуалниот однос. Сигурната и опуштена атмосфера, исто така, им овозможува на партнерите поотворено да разговараат за своите желби, граници и за она што им причинува задоволство.

Верноста гради блискост

Довербата и чувството на посветеност можат дополнително да ја зајакнат врската меѓу партнерите.

Кога жената знае дека нејзиниот партнер е верен и ја цени, таа може да се чувствува посакувана и сакана. Таквата емоционална поврзаност може да биде клучна за сексуалното задоволство. За некои жени, ова чувство на блискост и доверба игра поголема улога од физичкиот изглед на партнерот.

Мирисот исто така може да игра улога

Мирисот може да влијае на привлечноста и да предизвика разни емоционални реакции. Затоа природниот мирис на партнерот може да игра важна улога во создавањето привлечност.

Кога постои привлечност, доверба и емоционална блискост меѓу партнерите, поверојатно е сексуалната интимност да биде попријатна и поисполнета.

На крајот, не постои еден единствен тип на маж кој гарантира најдобро сексуално задоволство. Привлечноста и сексуалното задоволство зависат од бројни фактори, вклучувајќи емоции, доверба, комуникација и меѓусебна поврзаност.

Извор: una.rs

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Босанката Мирнеса украла над милион евра од фирма во Германија, па ја пуштиле на слобода- парите не се пронајдени

Мирнеса С, попозната по прекарот Мики, која украла дури 1,25 милиони евра од германска компанија за готовински трансфер во Штутгарт, повторно е во центарот на вниманието. 

Босанката Мирнеса украла над милион евра од фирма во Германија, па ја пуштиле на слобода- парите не се пронајдени

Откако отслужила дел од тригодишната затворска казна, таа била ослободена на почетокот на 2025 година, но најголемата мистерија во случајот останува нерешена - каде завршиле парите што исчезнале пред повеќе од четири години?

Кражбата се случила на 14 октомври 2022 година, кога Мирнеса, која во тоа време била вработена во компанијата за готовински трансфер, однела огромна сума пари од просториите на компанијата, објави 24 сата.

Според информациите што подоцна ги објавија медиумите, таа ги ставила парите во спортска торба, ја покрила со крпи и го напуштила своето работно место. Бидејќи имала пристап до парите како вработена, кражбата била извршена без класичен грабеж или употреба на сила.

Нејзиното исчезнување предизвикало обемна потрага од страна на германската полиција, која понудила награда од 37.500 евра за информации што довеле до нејзино апсење. Мирнеса, сепак, доброволно се предаде на властите во Германија на почетокот на 2023 година, откако преку својот адвокат го најави своето пристигнување на аеродромот во Штутгарт.

Во јули истата година, таа беше осудена на три години затвор за кражба, а за време на постапката тврдеше дека нејзиниот тогашен партнер Роберт С. го смислил целиот план и ја убедил да учествува во кражбата. Според неа, таа добила само 20.000 евра од вкупната сума.

Нејзиниот поранешен партнер, од друга страна, ги негираше обвинувањата дека ја организирал кражбата и тврдеше дека само играл улога на возач.

Случајот достигна нов епилог во февруари 2026 година, кога Роберт С. беше осуден на три години и девет месеци затвор за учество во кражбата. Судот, исто така, нареди конфискација на приносите од криминал во износ од 1,25 милиони евра, но парите не беа пронајдени ни тогаш. Пресудата не беше конечна во времето на објавувањето на извештајот.

Мирнеса се појави и како сведок на судењето на нејзиниот поранешен партнер, каде што зборуваше за желбата да започне нов живот. Иако е повторно слободна, прашањето за судбината на парите останува неодговорено.

Во последните месеци, таа привлече внимание и на социјалните мрежи, каде што се појавува во хумористични видеа со босанскиот инфлуенсер Сермед Мактоуф.

Иако двајцата поминаа низ судски процес и добија затворски казни, повеќе од еден милион евра сè уште не се пронајдени, а останува непознато кој во моментов ги контролира парите од една од најпознатите кражби во Германија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер