Николоски: Потребни се фер услови за македонските компании и долгорочни визи за превозниците - Канал 5

Николоски: Потребни се фер услови за македонските компании и долгорочни визи за превозниците

Нелојалната конкуренција при користењето на европските грантови и потребата од долгорочни австриски визи за македонските превозници беа меѓу клучните теми на кои се осврна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт.

Николоски: Потребни се фер услови за македонските компании и долгорочни визи за превозниците

Нелојалната конкуренција при користењето на европските грантови и потребата од долгорочни австриски визи за македонските превозници беа меѓу клучните теми на кои се осврна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на денешниот македонско-австриски бизнис форум, кој се оддржа во Стопанската комора на Македонија.

Обраќајќи се пред деловната заедница, Николоски посочи дека покрај инвестициите во патната и железничката инфраструктура, енергетиката и водоснабдувањето, од суштинско значење е да се создадат услови во кои македонските компании ќе можат да се натпреваруваат под еднакви и фер правила. Николоски истакна дека е потребно да се отвори прашањето како во актуелните процедури често добиваат компании кои не се од ЕУ .

-Јас не можам да разберам како е возможно средствата на даночните обврзници на Европската Унија да одат во држави коишто не се од Европската Унија. Едноставно не можам тоа да го разберам, затоа што имаме сериозна нелојална конкуренција во проектите коишто ги работиме, особено во Планот за раст. Тоа се директни средства од даночните обврзници на ЕУ, а тие одат во земји коишто не се од ЕУ. Кредитите сами си ги плаќаме, често се прави конфузија во јавноста — кредитите се враќаат од оној којшто е заeмопримач, тоа го правиме сите досега, заедно со каматата. Така што кредитите ги плаќаме ние и каматите ги плаќаме ние, но зборувам за делот на грантовите. А да бидам директен, не се согласувам парите на македонските даночни обврзници, кои ги плаќаат кредитите и каматите, да одат во држави коишто не се од Европската Унија, рече Николоски.

Oд особено значење за економската соработка меѓу Македонија и Австрија, Николоски ја посочи состојбата со македонските превозници и потребата од постигнување договор со Австрија за издавање долгорочни визи.

-Веќе осум месеци имаме разговор и дијалог кој што не вродува со сериозен плод, а тоа е состојбата со македонските превозници. Ние можеме што сакаме да зборуваме овде, но ако нема начин како добро да ја изнесеме робата од Македонија во Австрија и од Австрија во Македонија, бесполезно разговараме. Кога дојдов на оваа позиција, да ме прашаше некој кој е најапсурдниот проблем со кој што ќе се соочиш, овој немаше да биде на листата од сто. Да ние, во 21 век, со признати либерализации, со земја кандидат за членство во ЕУ која ги започна преговорите, да разговараме дали македонски превозник кога ќе се качи во камион треба да ги брои деновите, часовите и минутите колку престојува и да брза да се врати назад, а ако не се врати, прашање е дали возачот ќе замине зад решетки, мислам дека разговараме за апсурд” - посочи заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.

Николоски информираше дека Македонија веќе има договори со Хрватска и Словенија, а дека се разговара и со други држави за изнаоѓање соодветен модел.

-Затоа ве замолувам да помогнете да ги забрзаме измените. Ние веќе имаме договори со некои држави. Ни рекоа да најдеме модел на ниво на Европска Унија, но очигледно таков модел нема, туку моделот е билатерално да правиме договори со земјите. Веќе имаме таков договор со Хрватска, веќе имаме таков договор со Словенија. Разговараме сега со уште неколку други држави и Ве замолувам да разговарате со соодветните институции и власти за да постигнеме таков договор и со Австрија, за да можат македонските превозници да добиваат долгорочни австриски визи. Да не треба кога некоја компанија планира извоз во Австрија или кога австриска компанија планира извоз во Македонија, да седат на календар и да бројат денови, потенцира вицепремиерот Николоски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерството за здравство обезбедува континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија

МЗ ја проширува достапноста на современата терапија за лицата со дијабетес.

Министерството за здравство обезбедува континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија

Министерството за здравство континуирано работи на унапредување на грижата за лицата со дијабетес, преку обезбедување современа терапија, медицински помагала и подобри услови за следење и контролирање на болеста.

Со последната јавна набавка, сензори за следење гликемија се обезбедени за 800 лица со дијабетес тип 1, согласно Програмата за дијабетес и заклучоците на националната комисија за дијабетес. Јавната набавка, склучена во април, годинава, важи до април 2028 година. Со последната јавна набавка е обезбедена современа инсулинска и антидијабетична терапија со зголемени количини.

Во тек на мај и јуни, годинава, е извршена и замена на сите трансмитери согласно протоколот, а на пациентите вклучени во Програмата им се распределени количини на сензори за шестмесечен период, односно до декември 2026 година. Пациентите ги подигнуваат сензорите во инсулинските аптеки, согласно утврдениот режим.

Со сензори се опфатени лицата со дијабетес тип 1 до 25-годишна возраст, бремени жени со дијабетес тип 1, слепи лица со дијабетес тип 1, како и лица со дијабетес тип 1 кои имаат најтешки компликации и коморбидитети.

На овој начин, согласно расположливите буџетски средства, приоритетно се опфатени најранливите категории пациенти за да се обезбеди континуирано следење на нивото на гликемија и подобро управување со болеста.

Потсетуваме дека сензорите за континуирано следење на гликемијата првпат беа обезбедени во 2023 година за 650 пациенти, додека со јавната набавка во 2026 година бројот на опфатени лица е зголемен на 800.

Министерството за здравство останува отворено за комуникација со пациентските организации и ќе продолжи со напорите за подобрување на грижата за лицата со дијабетес.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија

Денеска во Собранието, Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Полска одржа средба со потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња и делегацијата.

Потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија

На средбата покрај претседателката на Групата, Даниела Николова, присуствуваа и членовите: Оливер Спасовски, Весна Бендевска, Жан Дрвошанов и Драгана Бојковска.

Претседателката на Групата, Николова, им посака добредојде на потпретседателот Холовња и на членовите на полската делегација, изразувајќи задоволство од можноста за средба и размена на мислења. Таа ги истакна добрите и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Полска, нагласувајќи ја потребата од нивно натамошно продлабочување и унапредување.

Потпретседателот на полскиот Сејм, Холовња, се заблагодари за топлото добредојде потврдувајќи ја полската поддршката на патот кон ЕУ. Тој истакна дека земјата има значајно искуство во надминувањето на предизвиците и изнаоѓањето решенија за сложени прашања, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се надминат и отворените прашања со Република Бугарија.

Соговорниците ја истакнаа досегашната соработка помеѓу двете земји во областа на економијата, туризмот и образованието, исто така, беше нагласена и потребата од нејзино проширување и продлабочување во повеќе сектори и тоа не само на ниво на билатерална соработка туку и на ниво на работни тела/комисии бидејќи тие се сржта на парламентаризмот.

Томаш Глоговски, претседателот на Пратеничката група за соработка Полска – Балкан во полскиот Парламент, ја потврди поддршката за европските интеграции на Република Македонија. Тој истакна дека ги разбира предизвиците со кои се соочува земјата во моментот на евроинтегративниот пат, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се најде заемно прифатливо решение.

На крајот на средбата, соговорниците изразија подготвеност за продолжување на соработката преку интензивирање на меѓусебните контакти и размена на искуства, со цел зајакнување на билатералните односи и продлабочување на пријателските врски меѓу двете земји.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Приказни што оживуваат“: Децата го истражуваат надреалистичкиот свет на Салвадор Дали

Креативниот центар „Сончогледи“ продолжува со реализација на циклусот креативни работилници „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“, поддржан од Град Скопје. 

„Приказни што оживуваат“: Децата го истражуваат надреалистичкиот свет на Салвадор Дали

Второто издание од циклусот ќе биде посветено на Салвадор Дали, еден од највпечатливите претставници на надреализмот, чие творештво ја истражува границата меѓу реалноста, соништата и фантазијата.

Работилницата наменета за деца и млади над 6 години ќе се одржи во четврток, 29 октомври, со почеток во 18 часот, во просториите на креативниот центар „Сончогледи“, во Т.Ц. Олимпико, Тафталиџе.

Преку раскажување, набљудување и анализа на уметнички дела, децата и младите ќе се запознаат со животот и творештвото на Дали, неговиот необичен уметнички израз и светот на надреалистичката имагинација. Дел од неговата лична приказна ќе биде претставен преку глума и пантомима, со што литературата, ликовната уметност и сценскиот израз ќе се поврзат во едно интерактивно креативно искуство.

Практичниот дел од работилницата ќе биде посветен на сликањето со акрилни бои. Инспирирани од надреалистичките визии на Дали, учесниците ќе создаваат сопствени дела, експериментирајќи со формите, боите и неочекуваните комбинации. На тој начин, преку непосредно искуство и слободно творештво, ќе имаат можност да ја развиваат својата визуелна перцепција, креативно размислување и личен уметнички израз.

Циклусот „Приказни што оживуваат“ има за цел да им овозможи на децата и младите да ја доживеат уметноста како простор за истражување, прашања, имагинација и сопствено творештво, поврзувајќи ги литературата, ликовната уметност и пантомимата на пристапен и инспиративен начин.

Работилницата ќе ја водат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог – вајар и магистер по сликарство; и Метo Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.

Учеството на работилницата е бесплатно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер