Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст - Канал 5

Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст

Градежништвото повторно со двоцифрен раст, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил и додаде дека има силна динамика во изградба на капиталните проекти.

Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст

-Раст од 14,6 отсто бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти. Двоцифрена стапка на раст од 14,6 отсто во Градежниот сектор има во четвртиот квартал од 2025 година што само ја потврдува нашата силна заложба и посветеност во реализација на капиталните проекти. Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21 отсто раст, а четвртиот квартал од бележиме 14,6 отсто раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат), напиша Николоски.

Македонија, како што посочува вицепремиерот во објавата, е меѓу земјите со најголем раст на БДП, каде градежништвото повторно има двоцифрена стапка на раст.

-Во четвртиот квартал БДП порасна за 3,8 отсто што е најдобар показател за успешните политики што ги спроведуваме. Македонија се гради и се развива - следуваат нови инфраструктурни проекти, објави вицепремиерот Николоски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

НУ Камерен Oркестар на Битола го одржа својот јубилеен концерт по повод 3 години од основањето

Три години уметнички раст, посветеност и музика: јубилеен концерт на НУ Камерен Oркестар на Битола.

НУ Камерен Oркестар на Битола го одржа својот јубилеен концерт по повод 3 години од основањето

Минатата вечер, НУ Камерен оркестар на Битола го одржа својот јубилеен концерт по повод 3 години од своето постоење, одбележувајќи значаен момент во својот уметнички развој и присуство на македонската музичка сцена.

Пред полната свечена сала во Офицерски Дом, Битола, оркестарот изведе програма која го отслика неговиот досегашен уметнички пат, зрелост и континуиран стремеж кон квалитетна концертна продукција. Концертот беше под диригентска палка на маестро Борјан Цанев.

Програмата опфати дела од различни стилски периоди и музички изрази, создавајќи богата концертна целина. Во првиот дел беа изведени композиции од Клод Дебиси, со Прелудиум VI „Стапки во снегот“ и Прелудиум VIII „Девојката со ленена коса“, во оркестрација на Б. Цанев, како и „Capriol Suite“ од Питер Ворлок, „Fantasia on Greensleeves“ од Ралф Вон Вилијамс и „Romanian Folk Dances“ од Бела Барток.

Во вториот дел од концертот, публиката имаше можност да ја слушне „Serenade for Strings“ од Едвард Елгар, „A Little Daneliade“ од Гија Канчели, како и „Happy Birthday Variations“ од Питер Хајдрих — дело кое на симболичен и уметнички начин ја заокружи јубилејната вечер. Преку препознатливата тема „Happy Birthday“, обработена во различни стилови и варијации, оваа композиција внесе посебна свечена атмосфера и беше соодветен музички поздрав за роденденот на оркестарот.

Во изминатите три години, НУ Камерен оркестар на Битола реализираше повеќе од 30 концерти, настапуваше на значајни сцени низ Македонија и оствари гостувања надвор од државата, меѓу кои и во Виена и Рим. Со својата посветеност, професионализам и постојана активност, оркестарот изгради силна врска со публиката и се позиционираше како еден од значајните музички ансамбли во земјата.

Јубилејниот концерт беше можност да се прослави досегашниот успех, но и да се најави ново поглавје во работата на институцијата. Оркестарот продолжува со својата мисија да создава квалитетни музички содржини, да ја збогатува културната сцена во Битола и да ја претставува македонската музичка култура пред пошироката публика.

Публиката ја поздрави изведбата со силен аплауз, потврдувајќи дека НУ Камерен оркестар на Битола за кратко време успеа да стане препознатлив културен симбол на градот и институција од значење за македонската уметничка сцена. По завршувањето на концертниот дел, јубилејната вечер продолжи со свечен коктел, на кој беше одбележан роденденот на оркестарот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Промена на врвот на ФИФА листата пред почетокот на Светското првенство

Шест дена пред почетокот на Светското првенство, имаме нов лидер на ФИФА ранг-листата на националните селекции.

Промена на врвот на ФИФА листата пред почетокот на Светското првенство

Станува збор за селекцијата на Аргентина, актуелниот светски шампион, по што може да се заклучи дека пред почетокот на најголемото Светско првенство во историјата, сè си дојде на свое место.

Според најновите проекции што го следат пласманот во реално време, актуелниот шампион ги „прескокнаа“ Франција и Шпанија на ранг листата на најдобри на ФИФА.

Промената на врвот дојде откако најблиските ривали на Аргентина разочараа во своите подготвителни натпревари пред СП.

Според последните пресметки, Аргентина сега има 1.875 поени. Веднаш зад неа е Шпанија со 1.873 поени, додека Франција падна на третото место со 1.869 поени.

Минималните разлики меѓу водечките тимови покажуваат колку се неизвесни пласманите и како секој натпревар може да доведе до значителни промени.

Зад водечката тројка исто така со мала разлика се следните селекции:

Англија е четврта со 1.826 поени, по неа следуваат Португалија (1.764), Бразил (1.763), Мароко (1.757), Холандија (1.751), Белгија (1.740) и Германија, која ги заокружува првите десет со 1.731 поени.

Селекцијата на Хрватска испадна од Топ 10, моментално на 11-то место со 1.712 поени.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Миленикот на Заев, Богоев местел тендер во Царина вреден 300 илјади евра и побарал мито од 2.000 евра

Стефан Богоев ја следел добро познатата матрица на својот политички ментор Зоран Заев. 

ВМРО-ДПМНЕ: Миленикот на Заев, Богоев местел тендер во Царина вреден 300 илјади евра и побарал мито од 2.000 евра

Додека СДС зборува за правда, транспарентност и чесност, на површина повторно излегуваат скандали, сомнежи за корупција, влијанија и договарање тендери зад затворени врати.

Богоев, поранешен директор на Царинската управа и висок функционер на СДС, е осомничен за местење тендер вреден над 300 илјади евра, при што според информациите кои излегоа во јавноста се товари и за примање награда за противзаконито влијание во вредност од околу 2.000 евра.

Очигледно е дека Богоев решил да ја следи матрицата на делување на својот политички ментор Зоран Заев кој бараше евро за Вицето.

Според јавно достапните информации, Богоев и Александар Спирковски – Џемо договарале која фирма ќе го добие тендерот за одржување на хигиената на граничните премини и царинските терминали. А со тоа директно овозможиле правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од над 18 милиони денари.

Дополнително покрај сомнежите за влијание врз тендерската постапка, Богоев се товари и дека за својата улога побарал и добил лична корист. Наместо да работи во интерес на институциите и граѓаните, Богоев работел за сопствен ќар.

Фактот што за Богоев е побарана мерка притвор говори дека надлежните органи располагаат со сериозни индиции и докази за неговото постапување.

Богоев е огледало на СДС, партија чии функционери премногу често се поврзуваат со тендери, афери, рекети и сомнежи за корупција.

Граѓаните имаат право да знаат кој и како управувал со институциите и како се трошеле народните пари. Затоа истрагата треба да биде целосна, темелна и без политички калкулации, а сите инволвирани да понесат одговорност согласно законите.

Времето кога функционери блиски до СДС мислеа дека се недопирливи мора да остане во минатото. Одговорност мора да има за секого.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер