Нетанјаху ја напушти седницата на Владата на Израел за да разговара со Путин

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предвреме ја напушти денешната седница на Владата на Израел и разговараше педесет минути со рускиот претседател Владимир Путни, изјави неговиот портпарол за израелските медиуми.

Телефонскиот разговор доаѓа во време на затегнати односи со Русија поради нејзиниот цврст анти-израелски став во војната против палестинскиот Хамас и додека рускиот амбасадор во ОН го критикуваше Израел на состанокот на Советот за безбедност на ОН во петокот.

На почетокот на седницата на Кабинетот, Нетанјаху му се заблагодари на американскиот претседател Џозеф Бајден што неговата администрација стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на прекин на огнот и што одобри итна испорака на околу 14 илјади противтенковски гранати на израелската армија.

Израелскиот лидер исто така рече дека им рекол на лидерите на Франција и Германија „дека не може да се поддржи елиминацијата на Хамас од една страна, а од друга страна да се врши притисок за завршување на војната“.

Тој рече дека борбите во Газа продолжуваат „со полна сила“ и дека „правдата е на страната на Израел“.

Во куќа во Англија се најдени тела на три деца- биле убиени со нож, покажа обдукцијата

Во неделата три мали деца се пронајдени мртви во куќа во Бристол. Обдукцијата покажала дека децата починале од повреди со нож.

Полицијата на местото на настанот пристигнала во 00:40 часот по локално време, по добиена пријава за можен инцидент. Полицајците ги пронашле телата на деветмесечниот Мохамед Баш, тригодишниот Жури Баш и седумгодишниот Фарес Баш.

42-годишната жена е уапсена под сомнение за убиство. Не е соопштено дали таа е во крвно сродство со жртвите. Таа се уште е во болница, каде што се лекува од повреди кои не се опасни по живот, пишува Би-Би-Си.

„Истрагата од страна на Единицата за истраги за големи злосторства е во тек. Се спроведува сеопфатна истрага за да се утврди што доведе до загуба на животи“, рече главниот инспектор Викс Хејворд-Мелен.

„Загубата на толку мали деца, кои имаа цел живот пред себе, е навистина потресна. Специјалните офицери за врска продолжуваат да му даваат поддршка на семејството“, додаде таа.

Американската војска следи сомнителен балон над западниот дел на САД

САД следат балон на голема височина што лета над западните делови на земјата, изјавија официјални лица за CBS news.

Воен авион го забележал балонот и „пресудил“ дека не е закана, но не се знае неговото потекло и намена.

Претходно денеска извор изјави дека балонот летал над Колорадо. Неговото присуство ги загрижило официјалните лица, па војската испратила авион за истрага, објави CBS news.

Франција протера радикален имам веднаш по пристигнувањето во земјата

Француските власти вчера протераа туниски имам обвинет за проповедање омраза кон жените и Евреите, објави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Махџуб Махџуби, имам во малиот град Бањолс-сур-Сезе на југот на Франција, бил вратен во Тунис за „помалку од 12 часа по неговото апсење“, порача Дарманин во објава на X, порано Твитер, пренесе Би-Би-Си.

Тој додаде дека овој пример докажува како неодамна донесениот закон за имиграција „ја прави Франција посилна“. Законот, кој ги заострува условите за миграција, се смета за дел од одговорот на владата на подемот на екстремната десница во француските анкети. На ова остро се спротивставија партиите на левицата.

„Цврстината сега е правило“, рече Дарманин, кој остро го критикуваше, како што рече, „радикалниот имам кој даваше неприфатливи коментари“.

Во официјалната одлука за протерување, се наведува дека во своите проповеди во февруари тој дал „ретроградна, нетолерантна и насилна“ слика за исламот што поттикнува однесување против француските вредности, дискриминација на жените, „тензии со еврејската заедница“ и „џихадистичка радикализација“.

Имамот, исто така, „го нарече еврејскиот народ непријател“, се вели во пресудата, исто како што Маџуби повика на „уништување на западното општество“. Адвокатот на имамот, Самир Хамрун, рече дека ќе поднесе жалба на протерувањето. Минатата година, Франција протера еден марокански имам и еден Алжирец, кои беа службеници во џамијата, која што била затворена во 2018 година.

притисни ентер