КултураНеобјавен текст на Блаже Конески на Отворените денови на Институтот за македонски јазикНепознат ракопис што на три страници го напишал Блаже Конески и му го посветил на Никола Јонков Вапцаров беше претставен денеска на почетокот на шестите Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков"Д-р Марија Коробар-Белчева рече дека необјавениот текст на Конески, насловен „Вапцаров меѓу македонските писатели", го нашла во оставнината на Перо Коробар, прв директор на првото Државно книгоиздателство на Народна Република Македонија. Најден е во бел плик, веројатно, рече таа, случајно заборавен и од авторот, и од оној што требало да го објави. Текстот бил потпишан од Конески како претседател на Друштвото на писателите на Македонија и е без датум, но според јазичните особености, пред сè употребата на глаголската форма со наставка -уе, се претпоставува дека е напишан во 1947 година (пет години по стрелањето на Вапцаров во Софија) затоа што, рече Коробар-Белчева, промената на глаголските форми од -уе во –ува било усвоено подоцна, на 6 април 1948, на предлог Правописната комисија на Министерството за просвета. -Ова е едноставен ракопис кој го доживеав како внатрешна потреба на авторот да се претстави една вистинска возбуда, полна со топли сеќавања за поезијата и за поврзаноста на Вапцаров со родната Македонија… На крајот од ракописот, Конески поентира со зборовите: „Вапцаров со срце ја преживуваше романтиката на македонската национална пробуда, па затоа и тој е меѓу нас, меѓу македонските писатели. Тој создаваше на бугарски јазик, што е сосема разбирливо, но по содржината на својата поезија, тој е посврзан и со македонската литература", рече Коробар-Белчева. Шестите Отворени денови на Институтот за македонски јазик годинава се во знакот еден век од раѓањето на Блаже Конески и 95 години од смртта на патронот на Институтот – Крсте Мисирков, како и 30 години од независноста на државата. Директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, истакна дека македонистиката денес ги има сите предизвици што ги имал и Блаже Конески во 1948 година – борбата за македонскиот јазик. -Но ние сме во многу подобра позиција зашто Конески и неговите современици му докажаа на светот дека македонскиот јазик има свој историски развој, има свои дијалекти, лексикографски трудови и истражувања, изјави Јованова-Грујовска. Во изјава за медиумите таа нагласи дека негирањето е од дел од бугарските лингвисти кои тврдат дека не постои македонски јазик, но дека нивната битка е изгубена, бидејќи, како што рече, светската наука и вистината се на наша страна. -Минатата година беа подготвени четири монографии за да му покажеме на светот за досегашните истражувања. Институтот подготви зборник на трудови „Погледи за македонскиот јазик" во кој има над 50 странски лингвисти кои го проучуваат македонскиот јазик, рамноправно со сите други словенски и европски јазици. Тоа покажува дека битката што ја водат група бугарски лингвисти е изгубена и дека науката и вистината се на наша страна, додаде Јованова-Грујовска. Никола Стојановски, прв претседавач на Собранието на независна Македонија во 1991 година, на отворањето на манифестацијата во Институтот истакна дека растел во време кога морало да се зборува на српски и потоа на бугарски јазик, и зашто зборувал македонски бил исклучен од гимназија. -Затоа, вие сте среќна генерација зашто од раѓање може да зборувате на мајчин јазик… Уште од мојот детски крик говорев и не се срамев да говорам на македонски јазик. Ме радува фактот што во овие 30 години независност тој сè повеќе се изучува на високообразовните институции, а особено на Институтот за македонски јазик, на историски и на современ план. Важен чекор е што тој се изучува и во дијаспората. Нема поголема гордост кога ти го признаваат јазикот, рече 98-годишниот Стојановски. Шестите Отворени денови на Институтот за македонски јазик ќе траат до 22 октомври и ќе вклучат дводневна (среда и четврток) меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни лингвистички истражувања", одбележување 25 години од првите „Денови на Благоја Корубин", заедно со сто години од неговото раѓање, а в петок, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски ќе биде посетена спомен-куќата на Конески во Небрегово. На отворањето на петдневната манифестација беа наведени и проектите меѓу две нејзини изданија, како објавата на електронско издание на Толковниот речник (makedonski.gov.mk) под покровителство на Владата, како и отворањето на Спомен-собата на Мисирков во Институтот. Им беше оддадена почит и на двајца поранешни директори на Институтот за македонски јазик кои починаа меѓу петтото и шестото издание на Отворените денови – Трајко Стаматоски и Снежана Веновска-Антевска.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаСДСМ: Истовремено соопштение на ВМРО-ОКГ и на Платформата - ЗНАМ 2.0, ист ракопис, иста поракаТие што ја доведоа партијата до историски пораз во 2024 година. Тие што ја предадоа партијата на ВМРО. Тие што заедно со Максим Димитриевски и руската Левица бараат реформи во СДСМ. Тие што добија тендер од 1,6 милиони евра. Тие што го бранат трговецот со оружје што му плаќа на Мицкоски лобирање за американска ходник дипломатија. Тие што набавуваат хеликоптери, па ВМРО го става случајот во фиока. Тие што дозволија Артан Груби да игра фудбал по канцеларии. Тие што ја пишуваа програмата, што беа шефови на штабови по изборни единици, носители на листи на најголемиот пораз на СДСМ. Тие што потпишуваа петиција за ослободување на Орце Камчев. Тие што молчеа кога се носече Кривичниот закон за да се ослободат некои. Истите тие денес ја обвинуваат СДСМ за резултатот во Брвеница - резултат што е поголем од нивниот и подобар од лани за 46 проценти. Тие се повикуваат на анкетата на ВМРО платена 400.000 евра, анкета што не можеше повеќе да го скрие падот на ВМРО и на арамијата Мицкоски, што мораше да објави пад на повеќе од 40 проценти. Кому му пишува текст Ивона Талевска, па се однесуваат како портал на ВМРО, како Орбанов медиум што тврди дека некој договара влез во влада со Мицкоски? Каква жолта штампа е Платформата - ЗНАМ 2.0. Лош ученик на Латас. Треба ли уште објаснувања за овој нов сателит на Мицкоски? Дали има уште некој на кого не му е јасен овој обид за внесување немир во редовите на СДСМ? Не поминува. Прочитани сте одамна. СДСМ не се предава на кафеана, хотел и тендер. СДСМ не е на продажба. Македонија не е на продажба.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МакедонијаКризната состојба за снабдувањето со нафта продолжува до април 2027 годинаСобранието денеска донесе одлука кризната состојба за снабдувањето со нафта продолжува до април 2027 година.Собранието, денеска, во рамките на 126. пленарна седница ја донесе одлука за продолжување на кризната состојба за уште шест месеци поради можноста за настанување нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Можните нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати остануваат причина за продолжување на кризната состојба во земјава. На истата седница беа усвоени и Законот за државна ревизија, како и одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија во меѓународната мисија „Алтеа“ во Босна и Херцеговина. Собранието го избра и Александар Наумовски, професор на Економскиот факултет во Скопје, за надворешен комисионер во Комисијата за хартии од вредност.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
ЖивотОд Будинарци до Рим: Вангелина Пармачка меѓу 100-те жени херои на ФАОВангелина Пармачка од беровското село Будинарци е меѓу избраните 100 жени од целиот свет во иницијативата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) „100 жени херои во агро-прехранбените системи и руралниот развој“. На 15 октомври 2026 година, таа ја претстави Македонија на Светскиот форум за храна во Рим, каде што доби признание во седиштето на ФАО. Нејзината приказна е приказна за секојдневна работа на фармата, за гордоста да се произведува храна и за истрајноста трудот на жените во земјоделството да стане повидлив и повреднуван. „Горда сум што сум земјоделка“ Во Будинарци, Вангелина заедно со своето семејство управува со фарма со околу 600 овци и произведува традиционално овчо сирење. Таа секојдневно е вклучена во грижата за животните, производството и пласманот на производите. За неа, сточарството е начин на живот и професија од која може да се обезбеди достоинствена егзистенција. „Ова е благодарна професија од која може чесно да се живее. Горда сум што сум земјоделка и што со заедничка работа ја обезбедуваме егзистенцијата на нашето семејство“, вели Вангелина. Од одгледувањето на овците до сирењето што стигнува до потрошувачите, нејзината работа ги поврзува традиционалното знаење, производството на храна и претприемништвото. Таа е и пример за улогата на жените во семејните стопанства, каде што нивните обврски опфаќаат многу повеќе од самото производство. Од работата на фармата до застапувањето за жените Ангажманот на Вангелина не завршува на нејзината фарма. Како член на Управниот одбор и координаторка на Мрежата на жени фармери при Националната федерација на фармери (НФФ), таа се залага за поголемо признавање на трудот на руралните жени, посилни права и подобри услови за работа и живот. „Жените фармери се невидливи потпори на селото и државата. Нивниот труд мора да се препознае и вреднува“, нагласува таа. Преку заедничкото дејствување во НФФ, жените придонесоа за иницирање посебна мерка за поддршка на инвестициите на жените фармери во Програмата за рурален развој. Нивното застапување придонесе и за воспоставување програма за поддршка на социјалната сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, што го отвори патот кон регулирање на породилното отсуство за регистрираните жени фармери. „Заедничката акција носи вистински промени и подобар економски и социјален статус за жените“, вели Вангелина. Овие искуства ја зацврстуваат нејзината верба дека здружувањето им помага на жените да ги претворат заедничките предизвици во конкретни предлози и решенија. Признание што може да охрабри и други жени Иницијативата на ФАО се реализира во рамки на Меѓународната година на жената земјоделка 2026, прогласена од Обединетите нации. Таа ги истакнува придонесите на жените во производството, преработката и трговијата со храна, како и во развојот на руралните заедници, повикувајќи на поголема поддршка и еднакви можности. Признанието за Вангелина го доближува до меѓународната јавност знаењето, посветеноста и лидерството на земјоделките од Македонија. Таа верува дека иднината може да донесе подобри услови, поголема еднаквост и повеќе можности за жените во земјоделството. Себеси се гледа како уште поактивен глас на руралните жени и пример за младите девојки дека земјоделството може да биде стабилна и достоинствена професија. Нејзиниот пат од Будинарци до Рим покажува дека работата на една семејна фарма може да оди рака под рака со лидерство што придонесува за промени и надвор од неа.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter