Нема потврда од науката дека ГМО се штетни

Од генетски модифицираните организми (ГМО) регистрирани во светски рамки, досега не е евидентиран ниту еден штетен случај врз здравјето на луѓето, рече денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов.

По трибината на оваа тема во Стопанската комора на Македонија, професорот Среќко Ѓорѓиевски од Факултетот за земјоделски науки и храна напомена дека се докажани поголеми штетни влијанија од употребата на хормоните и микотоксините, отколку од генетски модифицираната храна.

Според него, засега не се констатирани генетски модифицирани производи со штетно влијание во исхраната на животните. Противници на овој тип храна има, но над 95 проценти од анализите покажуваат дека живтоните хранети со генетски модифицирани продукти не прават проблем.

- Има неколку фази кои претходат за да биде загрозена хуманата популација. Произведената генетски модифицирана пченка или соја за исхрана на животните, прво треба да се види дали е послаба или подобра во квалитет, дали го менува процесот на варење, какви хранливи материи содржи, дали го пренесува модифицираниот ген во ткивото на добитокот, колкава е неговата видливост и каренца, дали ќе премине во сточарските производи, објасни професорот.

Има микотоксини и хормони, дополни Ѓорѓиевски, кои се задржуваат во ткивата на живтоните и дури може да се пренесат во храната, како афла токсините кои се трансферираат во млекото или месото со каренца од 17 до 30 дена.

- Се уште нема студија која може начуно да докаже дека генетски модифицираната храна е штетна. Но, институциите секако мора да воведат строга контрола за да нема измама на потрошувачите зашто целата приказна е тоа, подвлече професорот.

Во Македонија засега само на Факултетот за ветеринарна медицина се прави скрининг за ГМО, иако има уште една лабораторија што може да да утврди и квантификација. Како што истакна Ѓорѓиевски, на домашните анализи можеме да се потпреме, а ако операторите евентуално не се задоволни од исходот, моќе да испратат проби надвор за супер анализа.

Во Европа прописите за регистрација и одобрување ГМО се многу строги, а за тоа се свесни и компаниите што сакаат да дојдат до таков производ. Кога аплицираат во Европската агенција за безбедност на храната, тие знаат низ какви долги процедури на испитување и истражување мора да поминат. Прагот, пак, на толеранција во ЕУ за генетска модификација на некој производ или организам е 0,9 отсто.

Домашните потрошувачи бараат подобро информирање и регулирање на областа, како и уредување на законската регулатива, додека стопанството е за усогласување со ЕУ легислативата која строго предвидува пред да се одобрат и пуштат во употреба ГМО, да се направат детални испитувања за евентуалните штетни последици по здравјето на луѓето.

АХВ достави Предлог-правилник до Владата со измени на регулативата според европската, но се уште, како што информира Атанасов, се чекаат мислењата од надлежните.

Директорот е дециден дека институциите се способни да гарантираат безбедност на храната.

- Откако сум на должноста директор, ја воспоставивме мониторинг програмата со што и утврдивме дека во Македонија има генетски модифициран ориз, како и дека е увезена генетски модифицирана соја (шницли и трошки). Продолжуваме да го работиме тоа. Засега само детектираме, но ако во иднина се усвојат новите законски прописи за праг на толеранција, ќе одиме и на утврдување на квантификација на присуството на ГМО, подвлече Атанасов. /МИА

Песков: Не ја гледаме смислата на мировната конференција во Швајцарија без учеството на Русија

​ Русија денеска реагираше дека не ја гледа поентата на мировната конференција за Украина што Швајцарија ја планира за средината на јуни, на која Москва не е поканета. 

Швајцарската влада денеска соопшти дека „во овој момент“ Русија не е меѓу 160-те поканети делегации, додавајќи дека е отворена за нејзиното учество, но дека Москва не е заинтересирана.

Берн ја најави средбата уште во јануари, наведувајќи дека тоа го прави на изричито барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска истакна дека Москва не ја смета оваа иницијатива за веродостојна.

-Не разбираме каква пресвртница би била таа мировна конференција, изјави Песков. „За каква конференција зборуваме, за каква сериозна конференција со сериозни очекувања дека ќе има некакви резултати, без учество на Русија?, додаде тој.

„Тоа е целосно невозможно и јасно е дека тоа е некаква иницијатива која не е фокусирана на резултати“, заклучи портпаролот на Кремљ.

Швајцарската влада соопшти дека „мировниот процес не е можен без Русија. Украина, од друга страна, ги доведува во прашање придобивките од руското учество на состанокот што ќе се одржи во близина на градот Луцерн.

-Знаеме дека нема смисла да се има Русија на маса ако не можете да се осигурате дека таа ќе дејствува со добра волја, изјави шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба минатата недела во интервју за магазинот „Форин полиси“.

Кулеба смета дека создавањето дополнителен притисок на Русија на бојното поле и обединувањето на државите „кои делат исти принципи“ ќе и помогнат на оваа земја да биде подготвена да учествува во дијалогот. /МИА

Рангник го одби Баерн

Селекторот на австриската репрезентација Ралф Рангник одби да ја напушти репрезентацијата за да го преземе Баерн Минхен.

- Со цело срце сум посветен да работам за австриската репрезентација. Неизмерно уживам во мојата работа и планирам да продолжам по патот што го избравме. Сакам да истакнам дека ова не е одбивање на Баерн, туку одлука во корист на мојот тим и нашите заеднички цели. Целосно сме фокусирани на Европското првенство и ќе дадеме максимум за да одиме што подалеку, изјави Рангник, за официјалниот сајт на Фудбалскиот сојуз на Австрија.

Претходно беше објавено дека Рангник би можел да стане нов тренер на Баварците. /МИА

Се враќаат старите цени за осигурување за регистрација на возила

Се враќаат старите цени на осигурувањето при регистрација на возилата. 

Ваква одлука беше донесена откако денеска Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност ја разгледа анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Предлог-одлуката е доставена на усвојување до Владата на Македонија

Освен тоа, Комисијата утврдила и потреба од измени на Тарифата за премии за осигурување и подготвила Предлог-измени во насока на заштита на корисниците.

-Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15% до 30% во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30% да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Комисијата е задолжена најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година. – Министерство за финансии

Од Финансии додаваат дека одлуката е резултат на недостатокот на финансиски анализи од осигурителните компании, кои како единствен аргумент на кој се повикале биле растечките трошоци од работење.

Според анализата на Агенцијата за супервизија, пак, 10 осигурителни компании оствариле добивки за 2023 година, а само една завршила со загуба од работењето.

Поскапувањето на полисата за осигурување стапи на сила од минатата недела и граѓаните плаќаа од 840 па до речиси 1600 денари поскапа цена, во зависност од моќноста на возилото. Дали на тие што веќе платиле по новите цени,сега ќе им бидат вратени парите, во соопштението на финансии одговор нема.

притисни ентер