Ваква е сликата на дел од булеварот „Партизански одреди“. Тревата на некои места достигнува и до речиси триесетина сантиметри.
Освен на Партизанска, неискосена трева има и во делови на Аеродром и Автокоманда. Жителите апелираат – екипите да се зафатат со работа, со оглед на тоа дека крлежите и змиите полека почнуваат да се појавуваат.
Од „Паркови и зеленило“, кои се надлежни за косење на тревата низ главниот град, се правдаат дека дождот и ветрот ги попречил во активностите.
-Променливите временски услови, обилните дождови и силните ветрови во последниот период го отежнаа редовното косење, но со стабилизирање на времето активностите на нашите екипи се интензивираа на терен. Во изминатиов период вршевме третирање на растенијата за заштита од разни видови на инсекти, вошки и штетници, велат од претпријатието. – ЈП „Паркови и зеленило“.
Оттаму додаваат дека периодов чистеле на повеќе булевари и паркови, а велат дека во тек се и дополнителни мерки за зголемувањето на ефикасноста во овој сегмент.
Проблемот со неискосена трева беше актуелен и лани, особено во дворот на Владата кога вегетацијата порасна и до еден метар. Тогаш, тревата „ги скара“ тогашниот технички премиер Џафери и градоначалничката на Скопје, Арсовска во врска со надлежностите за нејзиното косење.