Неделава средба на Заев и Касами за договор за предизборна коалиција

На повидок е предизборна коалиција СДСМ Беса., со која Заев на изборите на 12 април ќе трча за нов премиерски мандат.

Првичната согласност за предизборната коалиција паднала викендов на средба меѓу високи партиски функционери, но деталите за идната коалициска соработка ќе треба да се прецизираат деновиве на средба на партиските лидери, во присуство на партиските генерални секретари.

Неофицијално лидерот на Беса би ја предводел листата во шестата изборна единица а партијата може да смета на добитни места на листите и во останатите изборни единици.

-СДСМ е отворен, инклузивен политички субјект, предводник на моделот едно општество за сите, оттаму можеме растеретени да разговараме со сите политички субјекти , освен со ВМРО-ДПМНЕ за можности за предизборно или постизборно коалицирање, велат од владејачката партија, сепак и од СДСМ и од Беса не откриваат повеќе детали.

Дека СДСМ разговара и со нови коалициски партнери деновиве потврди и Заев.

Тој најави дека исходот би бил познат најдоцна до деветти март за кога е закажан Конгресот на СДСМ..

Иако во игра за предизборната коалиција освен Беса беше и ДПА, Мендух Тачи викендов од Тетово потврди дека тие за предизборна коалиција разговараат само со НДП на Весел Мемеди и оти не очекува соработка ниту со Заев ниту со Мицкоски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека за нив основен принцип за коалицирање ќе бидат изборните програми.

Иако се чини дека Заев му го врти грбот на Ахмети од ДУИ се оптимисти дека немаат конкуренција во албанскиот блок. За нив и натаму важи принципот победник со победник.

Села и Гаши пред неколку дена ја официјализираа предизборната коалиција.

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел поради војната во Газа

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. 

Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој. /МИА

притисни ентер