НБРМ за Канал 5: Патувате во странство на одмор? Како да плаќате, готовина или картичка? - Канал 5

НБРМ за Канал 5: Патувате во странство на одмор? Како да плаќате, готовина или картичка?

Сезоната на одмори веќе започна, а додека некои веќе се сончаат, други се подготвуваат за своите 10 дена и ги планираат трошоците. Она што многумина ги интересира е како функционираат плаќањата во странство.

НБРМ за Канал 5: Патувате во странство на одмор? Како да плаќате, готовина или картичка?

Како и секоја летна сезона, една од најголемите дилеми меѓу луѓето е поврзана со плаќањето во странство. По тој повод, Канал 5 стапи во контакт со Народната банка на Република Македонија и побаравме неколку совети за сите кои годинава планираат одмор во странство.

Граѓаните на Македонија годишно трошат многу пари во странство, а само минатата година таа сума достигна речиси 2 милиони денари со извршени 174.883 трансакции на банкомати во странство.

– Во текот на 2024 година, имајќи ги предвид податоците кои банките ги доставуваат на редовна основа до Народната банка, нашите граѓани, користејќи ги платежните картички издадени од домашните банки на банкоматите во странство извршиле 174.883 трансакции со кои подигнале готовина во вкупна вредност од 1.994 милиони денари – потврдија од Народната банка.

Кога станува збор за плаќања со девизни или денарски картички, НБРМ има јасен став и советува секој корисник пред патување да се консултира со својата банка за условите.

– Законот за платежни услуги и платни системи не прави експлицитна разлика во однос на провизиите помеѓу денарски и девизни картички при користење во странство. Сепак, секој давател на платежни услуги, како што се банките, е должен во своите преддоговорни акти – како што се Општите услови, тарифите на надоместоци и други релевантни документи уредени со закон – да ги наведе сите услови под кои се користат платежните картички, вклучително и надоместоците и применетиот девизен курс при трансакции во странство.

Со потпишување на рамковниот договор, корисникот се согласува со овие услови. Токму таму се дефинира дали при користење на картичката во странство ќе се пресметува дополнителен надомест, каков курс ќе се применува при конверзија на валути (доколку е потребна), како и дали постојат разлики меѓу денарска и девизна картичка во пракса. Давателите на услуги се должни да ги објават и ажурираат овие информации на транспарентен начин и да ги стават на располагање на корисниците пред склучување на договорот – потврдија за Канал 5 од НБРМ.

„Кога се плаќа во странство – на пример во ресторани, маркети или други продажни места – износот што го плаќа корисникот најчесто се пресметува во валутата на земјата во која се наоѓа продавачот. Понатамошната конверзија во денари, доколку картичката е денарска, зависи од условите за валутна конверзија кои корисникот претходно ги прифатил со својата банка.Поради тоа, корисниците секогаш се советуваат да се информираат кај својата банка за конкретните услови пред патување или плаќање во странство.“

Што е подобро за користење во странство – девизна или денарска сметка?

Кога ја прашавме НБРМ дали е подобро во странство да се користи девизна или денарска сметка, тие рекоа дека постојат повеќе фактори кои влијаат на изборот на граѓаните.

– Изборот помеѓу девизна и денарска сметка при користење во странство зависи од повеќе фактори, како што се валутата во која се врши трансакцијата, надоместоците што ги наплатува банката, начинот на конверзија и личните навики на корисникот.

Секоја банка, согласно својата деловна политика, може да применува различни надоместоци за користење на денарски или девизни сметки при меѓународни плаќања. На пример, при користење на денарска сметка во странство, често се врши двојна конверзија (прво валутата на плаќањето различна од евро се конвертира во евра, па потоа во денари), што може да значи и дополнителни трошоци. Од друга страна, плаќањето со девизна сметка (на пример во евра) може да биде поекономично кога трансакцијата се врши во истата валута, бидејќи се избегнуваат дополнителни курсни разлики и провизии.

Затоа, најдобар пристап е секој корисник да ја избере опцијата што најмногу одговара на неговите потреби и навики, земајќи ја предвид и ценовната политика на давателот на платежни услуги (банката).

Фото: pixabay.com

Еве како да проверите која банка нуди најповолни услови

Дополнително, граѓаните сега имаат можност на брз и транспарентен начин да направат споредба на надоместоците што ги наплатуваат различни банки за платежни услуги преку веб-страницата на Народната банка на Република Македонија. Со користење на алатката „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежни услуги“, корисниците можат полесно да изберат банка која нуди најповолни услови според нивните конкретни потреби – потврдија од НБРМ.

Многу граѓани не знаат како функционира задолжувањето за резервација, па потоа се изненадуваат кога ќе видат драстично помал износ на сметката по одморот – како функционира тоа?

– Кога се врши резервација со платежна картичка – на пример при резервирање хотел или изнајмување автомобил – прво се блокира одреден износ на сметката, но тој износ не се порамнува веднаш. Реалното задолжување, односно прокнижувањето на средствата, се случува подоцна – во моментот кога трговецот ја потврдува и извршува трансакцијата.

Разликата што понекогаш се појавува меѓу резервираниот и конечно наплатениот износ е резултат на тоа што се применуваат различни вредности за валутна конверзија во два различни моменти: при резервацијата и при финалното порамнување. Вредностите што се користат за пресметка зависат од условите за конверзија договорени меѓу корисникот и банката, а тие можат да бидат дефинирани од страна на меѓународната картична шема (на пр. Visa/Mastercard), самата банка или комбинација од двете.

Поради тоа, не е невообичаено да има разлика помеѓу иницијално прикажаниот износ (како резервација) и конечно наплатениот износ. За подобра информираност и избегнување на изненадувања, корисниците се советуваат внимателно да се запознаат со условите за валутна конверзија и процесирање на трансакции кај нивната банка, особено при користење на картичката во странство – потврдија од НБРМ.

Кеш или картичка – што е подобро?

По овие совети кои ни ги дадоа официјалните претставници од банката, нè интересираше дали е подобро во странство да се користи готовина наместо картичка, но ни тоа не го препорачуваат како најдобра опција – тврдат дека картичките сепак се побезбедна варијанта.

– Добро е да се има предвид дека платните картички денес се доведени до високо ниво на дигитализација и технолошка напредност, што ги прави особено практични и безбедни за користење во странство.

Картичките овозможуваат пристап до голем број продажни места ширум светот, без разлика во која валута е отворена сметката, што го прави плаќањето поедноставно, поефикасно и поудобно. Дополнително, преку мобилните и електронските апликации на банките, корисниците имаат можност во реално време да го следат и менаџираат своето трошење, да поставуваат лимити, да блокираат или деблокираат картички и да добиваат известувања за секоја трансакција – што значително го зголемува нивото на контрола и сигурност.

Иако е секогаш корисно да се има одредена сума готовина за мали или специфични трансакции, картичките сè повеќе стануваат најбаран платен инструмент при патувања во странство поради својата флексибилност, безбедност и зголемени функционалности.

Затоа, граѓаните треба внимателно да ги проценат сопствените навики, околностите на патувањето и условите што ги нуди нивната банка, и врз таа основа да одлучат кој платен инструмент најмногу им одговара. Често, најпрактичен е комбиниран пристап – основните трошоци да се покриваат со картичка, а соодветна сума готовина да се носи за непредвидени или ограничени ситуации – одговорија од НБРМ.

Банкомат во странство – да или не?

Користењето банкомат во странство дефинитивно зависи од потребите на корисникот, но според НБРМ тоа е една од опциите што може скапо да ве чини.

– Користењето на банкомати во странство е достапна, но често и поскапа опција за повлекување средства. Најчесто, ваквите трансакции генерираат дополнителни трошоци за корисникот, бидејќи банките – и домашната и странската – може да наплатат провизии за користење на банкомат надвор од земјата. Во некои случаи се применуваат и надоместоци за валутна конверзија, што дополнително го зголемува вкупниот трошок.

Затоа, клучна е добрата информираност на корисникот пред патување. Прво, потребно е да се провери дали неговата банка наплатува надоместоци при подигнување готовина од банкомати во странство и колкави се тие. Второ, треба да се земе предвид и достапноста на продажни места (т.н. ПОС терминали) во земјата каде што патува – бидејќи плаќањето со картичка на ПОС терминал може да биде поекономично и поудобно од подигнување готовина.

Во тој контекст, користењето на банкомати во странство може да биде оправдано во ситуации кога нема други опции за плаќање, но генерално се препорачува прво да се размисли за користење на картичката на ПОС терминали, каде тоа е можно. Добро планирање и навремена проверка на условите кај сопствената банка се најдобар начин да се избегнат неочекувани трошоци – заклучија од НБРМ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Преговорите меѓу Русија и Украина ќе продолжат наскоро, ќе се придружат ли европски претставници?

Има напредок во преговорите меѓу Русија и Украина, нов состанок е веќе закажан, а европски претставници би треало да се вклучат во преговорите веќе од наредниот состанок.

Преговорите меѓу Русија и Украина ќе продолжат наскоро, ќе се придружат ли европски претставници?

Изјавија двајцата американски медијатори - Стив Виткоф и Џеред Кушнер. Според најавите, следната рунда преговори би можеле да се оддржат во рок од две недели, меѓутоа учество на Европа засега не е потврдено од ниту еден европски претставник.

Вчера, на состанокот на Европската политичка заедница, дел од европските лидери се спротиставија на барањето на Русија безбедносната архитектура на Европа да се дискутира како дел од мировните преговори за Украина.

Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека безбедноста на Европа ќе се одлучува во Европа, додека пак, високиот претставник на ЕУ – Каја Калас посочи дека постои редослед на дипломатскиот процес – прво прекин на огнот во Украина па мировно решение, а во последната фаза би можело да се дискутира за пост-воената европска безбедносна архитектура.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Скопје го одбележува Денот на ослободувањето – 13 Ноември

На денешен ден пред 82 години, на 13 ноември 1944 година, Скопје беше ослободено од фашистичката окупација. 

Скопје го одбележува Денот на ослободувањето – 13 Ноември

По повод празникот, предвидено е положување цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани на гробот на генералот Михајло Апостолски на гробиштата во Бутел, како и пред споменикот на Ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.

Скопје денеска го одбележува 13 Ноември, Денот на ослободувањето на градот во Втората светска војна .

Од Град Скопје информираат дека вечерва во Македонската опера и балет ќе се одржи свеченото доделување на наградата „13 Ноември“.

На денешен ден пред 82 години, на 13 ноември 1944 година, Скопје беше ослободено од фашистичката окупација. Во ослободителните операции учествувале 42. и 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада, кои по неколкудневни жестоки борби влегле во градот.

Борбите се воделе на повеќе локации низ Скопје, меѓу кои на улицата „Илинденска“, кај Главната пошта, Офицерскиот дом, Народната банка и Старата железничка станица. Македонските борци ја спасиле хидроцентралата „Матка“ од уништување, додека граѓани учествувале во одбраната на Камениот мост од минирање.

Во борбите за ослободување на Скопје загинале повеќе од 420 борци, а за време на целата Втора светска војна животот го загубиле околу 4.600 скопјани.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Бесплатни скрининг тестови за рак на простата денеска во Железничар

Во здравствениот дом Железничар денеска ќе има бесплатни тестирања за рак на простата.

Бесплатни скрининг тестови за рак на простата денеска во Железничар

Бесплатниот скрининг е наменет за мажи над 45 години и ќе се спроведува во рамки на кампањата „Мовембер“ односно ноември - месец за подигнување на свеста за машкото здравје. Бесплатните прегледи ќе се одвиваат од 13 часот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер