Научно докажано: Луѓето кои одат брзо, не добиваат тежок облик на корона

Брзината со која се движи едно лице може да биде показател за ризикот од развој на тешка форма на ковид-19, покажуваат новите истражувања.

Брзината на одењето често се користи како показател за физичкото здравје.

Научниците анализирале податоци за повеќе од 400.000 лица опфатени со британската Биобанк, регистар со кој се следи здравјето на испитаниците со години.

Од сите субјекти, 973 развиле тешка форма на ковид-19 по инфекција со коронавирус, по што морале да бидат хоспитализирани. Во споредба со луѓето со нормална тежина, дебелите луѓе имале 49 проценти поголем ризик од развој на тешка форма на ковид-19.

Но, луѓето што се движеле бавно, имале најголем ризик да развијат тешка форма ковид-19, без разлика дали се дебели или не.

На пример, луѓето со нормална тежина кои оделе бавно - помалку од 4,8 километри на час - имале двојно поголема веројатност да развијат тешка форма на ковид-19 од луѓето со нормална тежина кои оделе побрзо од 6,4 километри на час.

Луѓето кои оделе полека честопати имале и други здравствени нарушувања. Брзината на движење често се користи за да се тестира физичкиот капацитет на возрасните и да се предвидат ризиците од заболувања, инвалидитет и смрт.

„Брзината на одење што самите субјекти ја знаат е едноставна мерка на функционална способност и се чини дека е фактор на ризик за тешка форма на ковид-19 без оглед на тоа дали некое лице е дебело или не“, напишаа авторите на нерецензираната студија за medRxiv.

Копач: Да не се политизираат одлуките на Регулаторот, Владата да го амортизира ударот од поскапувањето на струјата

Покачувањето на цената на електричната енергија нема да се одрази на цените на другите продукти, туку единствено на сметките на граѓаните.

На енергетскиот сектор му е потребна визија, а не политизирање на одлуките донесени од независниот регулатор кој работи транспарентно и професионално и кој беше прогласен две години по ред за најдобар меѓу земјите кои ги мониторира Енергетската заедница. Задача на Регулаторот е да ги балансира различните и понекогаш спротивставени интереси во енергетскиот сектор, истовремено дејствувајќи независно од Владата и од енергетскиот сектор, додека интерес и обврска на Владата е да обезбеди заштита на потрошувачите и да ги разгледа можностите за да се намали ударот од зголемената цена на електрична енергија за граѓаните кои се директно погодени од корона кризата, смета директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница со седиште во Виена, Јанез Копач.

Тој ова му го кажал на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски во телефонски разговор и додал дека единствено РКЕ како независна институција која детално го познава секторот, може, според Копач, да ги пресмета трошоците на системот согласно перформансите, имајќи предвид дека производството и голем дел од пазарот се либерализирани.

Како што соопшти РКЕ, Копач во разговорот со Бислимоски порачал и дека државата не треба да ги субвенционира сметките за електрична енергија на највисоко платените менаџери и другите граѓани со високи примања кои, како што оценил, се субвенционирани со нереално ниски цени во моментов.

-Треба да се разгледа можност да се воведе привремена мерка која ќе значи проширување на опфатот на лица кои ќе влезат во групата за субвенционирање сметки со вклучување граѓани кои се директно економски погодени од здравствената криза на пример оние граѓани кои се останати без примања. Но, тоа не значи дека секој треба да добие помош, истакнал Копач.

Бислимоски и Копач се согласиле дека сигурноста и стабилноста во испораката на електрична енергија е предизвик што пандемијата го наметна за сите економии, посебно за оние кои се енергетски зависни од увоз на електрична енергија, каква што е македонската економија.

-Времето во кое што живееме во 2020 година е посебно предизвикувачко, затоа што ефектите од Ковид 19 на севкупната економија и особено на енергетскиот сектор се големи, така што треба сите ние да се адаптираме на новите услови. Владите мора да ја гарантираат достапноста до струја, вода и гас за секого и да ги разгледаат можностите да им помогнат на граѓаните кои се со ниски примања. Македонија ја имплементираше целокупната потребана легислатива и го реформираше електро-енергетскиот сектор во согласност со третиот енергетски пакет. Националната легислатива опфаќа и правила кои се однесуваат на енергетска сиромаштија во која се дава можност на државата да субвенционира дел од сметките за струја за најранливите категории, подвлекол Копач.

Бислимоски го информирал за состојбата во енергетскиот сектор и предизвиците во време на КОВИД-19 со цел да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија.

-Енергетскиот сектор покажа отпорност во време на пандемија и кога во државата беше прогласена вонредна состојба испораката на енергенси остана гарантирана. Граѓаните не беа исклучувани поради неплатени сметки за електрична енергија, а токму овие режиски трошоци во време на вонредната состојба најранливите категории на потрошувачи можеа да ги плаќаат на рати без камати. Сето ова беше возможно поради стабилната финансиска состојба и здравите инвестициски политики на сите енергетски компании, рекол Бислимоски во телефонскиот разговор со Копач./МИА.

Ердоган: Секој напад врз нас ќе резултира со висока цена

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вели дека секој напад врз турскиот брод кој истражува нафта и гас во спорните води на Средоземното море ќе резултира со висока цена.

Тој сугерираше дека Турција веќе постапила по тоа предупредување.

„Кажавме дека ако го нападнат нашиот брод Оруч Реис ќе платат висока цена, а тие денес го добија првиот одговор“, кажа Ердоган во Анкара без да даде детали, пренесува Ројтерс.

Бродот Оруч Реис тргна во понеделникот со воена придружба во истражување во водите меѓу Крит и Кипар. Како одговор на тоа, францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека Франција ќе го зголеми военото присуство во регионот и побара од Анкара да го прекине своето истражување.

Француските и грчките сили одржаа денес воени вежби во близина на Крит. Ердоган денес телефонски разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

За време на разговорот со Мишел, Ердоган ја повторил својата посветеност на одбраната на правото на Турција против обидите за нејзино непочитување, соопшти кабинетот на турскиот преседател.

И Турција и Грција неделава соопштија дека сакаат да го решат спорот околу меѓусебните поморски барања, но истакнаа дека ќе ги штитат своите интереси обвинувајќи ја другата страна за провокации.

Убиство во Инџиково

Убиство при развојништво во скопско Инџиково .

Според неофицијални информации лица маскирани со фантомки и вооружени влегле во куќа на 49-годишен жител на Инџиково кој бил во домот со сопругата и од него побарале пари.

„Вооружените лица им побарале пари, откако сопственикот им кажал дека нема пари и дека има само возило џип во дворот и дека може да го земат, едно од лицата истрелал од пиштол кон него и го погодил во главата, по што починал“, објавува Алсат-М.

притисни ентер