Научниците предупредуваат: Северниот Пол се загрева со рекордна брзина

Според научниците, овој необично топол бран е поврзан со систем на низок воздушен притисок над Исланд, кој насочува силен топол воздушен тек кон Арктикот, објави британскиот весник „Гардијан".

Температурата на Северниот Пол во неделата, 2 февруари, се искачи за повеќе од 20 степени Целзиусови над просекот за овој период од годината, достигнувајќи -1 степен, што е праг за топење на мразот, соопшти Службата за климатски промени на ЕУ „Коперникус".

Според научниците, овој необично топол бран е поврзан со систем на низок воздушен притисок над Исланд, кој насочува силен топол воздушен тек кон Арктикот, објави британскиот весник „Гардијан".

Температурата северно од архипелагот Свалбард во Норвешка во саботата била за 18 степени повисока од просекот за периодот 1991-2020 година, со измерена вредност близу нулата. До неделата, температурната аномалија надминала 20 степени.

- Ова е екстремен случај на зимско затоплување. Не е најекстремниот забележан досега, но е на горната граница на тоа што може да се случи на Арктикот, изјави Мика Рантанен, научник од Финскиот метеоролошки институт.

Тој додаде дека проценките за температурните вредности се прават преку сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици, но дека во оддалечените региони како што е централниот Арктик, со малку директни мерни точки, е „тешко да се одреди точната температурна аномалија“.

- Сите модели покажуваат аномалија од над 20 степени, а некои дури од 30 степени Целзиусови, рече Рантанен.

Научникот Жулиен Николас од „Коперникус“ истакна дека невообичаено топлите температури се резултат на топлите атлантски струи, кои дополнително ја интензивираат промената.

- Овој тип на настани е редок, но не можеме да процениме колку стануваат почести без подетални анализи. Сличен случај беше забележан во февруари 2018 година, додаде Николас.

Германскиот климатолог Дирк Ноч од Универзитетот во Хамбург предупреди дека растот на температурите над нулата е особено загрижувачки, бидејќи предизвикува топење на мразот.

- Очекуваме Арктичкиот Океан да го загуби својот лед во текот на летото во следните две децении. Ова ќе биде првиот природен пејзаж што исчезнува како директна последица на човековите активности, што уште еднаш покажува колку ние, луѓето, станавме моќни во обликувањето на лицето на нашата планета, заклучи Ноч. /МИА

СЗО: Масовната вакцинација на децата во Газа против детска парализа ќе продолжи во сабота

Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека во сабота ќе продолжи масовна кампања за вакцинација против детска парализа во Појасот Газа, со цел да се вакцинираат повеќе од половина милион деца.

„Сегашната средина во Газа, вклучително и пренатрупаноста во засолништата и сериозно оштетената водоводна и санитарна инфраструктура и инфраструктурата за одржување хигиена, што го олеснува фекално-оралниот пренос, создава идеални услови за понатамошно ширење на полиовирусот“, се вели во соопштението на СЗО.

Се додава дека големите движења на населението поради сегашниот прекин на огнот најверојатно ќе го влошат ширењето на инфекцијата со полиовирусот.

Детската парализа е многу заразна вирусна болест која примарно ги погодува децата на возраст под пет години и може да предизвика неповратна парализа на екстремитетите.

Вирусот, категоризиран како тип еден, тип два и тип три, се шири преку контаминирана вода или храна и го напаѓа нервниот систем. /МИА

Ел Сиси: Да се усвои план за обнова на Газа без раселување на Палестинците

Ел Сиси ја повика денеска меѓународната заедница во Мадрид да усвои план за обнова на Газа разурната од војна без раселување на Палестинците

Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси ја повика денеска меѓународната заедница во Мадрид да усвои план за обнова на Газа разурната од војна без раселување на Палестинците, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги налути Арапите со неговата визија за енклавата.

„Истакнавме колку е значајно меѓународната заедница да усвои план за обнова на Појасот Газа без раселување на Палестинците - повторувам, без раселување на Палестинците од нивната земја“, рече Ел Сиси на заедничката прес-конференција со шпанскиот премиер Педро Санчез во Мадрид.

Тој додаде дека Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) им е неопходна на Палестинците./МИА

Уставниот суд поведе постапка за оценување на стажот на членовите на Советот на ЈО

 Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука да поведе постапка за оценување на стажот на членовите на Советот на јавни обвинители кои се избрани од редот на јавните обвинители. 

Оваа одлука е резултат на иницијативата поднесена од обвинителката Ленче Ристоска, која го оспори Член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот. Според оспорената одредба, мандатот на овие членови се смета за позитивно оценет јавно-обвинителски стаж, освен во случаи предвидени во член 35-а од Законот за Советот на јавните обвинители.

Во иницијативата е наведено дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XXX од Уставот, членот 7 од Законот за Совет на јавни обвинители и членовите 36 и 62 од Законот за јавното обвинителство. Подносителката наведува дека за времетрањето на мандатот, членовите на Советот на јавни обвинители избрани од редот на јавните обвинители не вршат јавно-обвинителска функција и не може да бидат оценувани, односно тие во конкретниот период не може да реализираат „позитивно оценет јавно-обвинителски стаж”. Се тврди дека станува збор за прашање кое не може да се уредува со Деловник, бидејќи изворно не е уредено со законски пропис, па се остава впечаток дека членовите сами си доделиле право и поволност кои Законодавецот не им го гарантирал. Од ова придобивка имаат самите членови кои по завршување на мандатот во Советот на јавни обвинители се унапредени во повисоки позиции во јавните обвинителства, се наведува во иницијативата.

Во врска со иницијативата за Изборниот законик со која се оспорени членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, која што, исто така, беше на денешната седница, како што соопштуваат од Уставен, немало мнозинство бидејќи гласањето било изедначено поради отсуство на судијката Ана Павловска Данева. Ќе се гласа повторно на следната седница.

Подносителите на иницијативата Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска, Јане Димески преку полномошник адвокатска канцеларија Петрушева, сметаат дека со оспорените членови се прави измена на членовите 61 и 62 од Изборниот законик, кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на изобри на 1 отсто од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1000 гласачи. Дополнително, според подносителите спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа.

притисни ентер