МакедонијаНатпросечни температури ова лето, но и краткотрајни и интензивни локални врнежиЛетниот период (јули-август-септември) се очекува да биде со натпросечни температури, но и со нестабилности со локализирани врнежи. Во јули и август се очекуваат топлотни бранови, особено во втората половина од месецот, кога ќе има и поголема опасност од пожари поради фазата на созревање на вегетацијата. Веќе денеска дневните температури ќе го надминат 40-тиот степен, а во петок попладне кон сабота (27/28 јуни) се очекува нестабилност. Нова дестабилизација на времето се очекува околу 3 и 4 јули. Професорите Владо Спиридонов и Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет во Скопје во најновиот климатски билтен до којшто дојде МИА, наведуваат дека во јули и август се очекуваат периодични топлотни бранови со умерен интензитет, помалку екстремни од 2024 година, но и засилување на сушните услови особено во втората половина од овие два месеца. Сепак, професорите укажуваат дека опасноста од интензивни суши ќе биде поумерена во однос на минатата година. - Летото 2025 покажува одредени синоптички и динамички сигнали кои укажуваат на поволни услови за развој на нестабилности, за разлика од минатогодишниот изразен сушен и екстремно топол карактер. Имено, излезите од повеќе метеоролошки модели укажуваат на понизок притисок над југоисточна Европа и повисок притисок над северните делови на континентот, што создава услови за формирање на синаптико-динамички образец на циркулација со засилено Атланско влијание. Тоа, од метеоролошки аспект, подразбира зголемена веројатност за летни нестабилности, односно повремени грмежливи процеси, локални врнежи и атмосферска динамика. Иако трендот на температурите е за 1 до 2°C над просекот за сезоната, не се детектираат јасни сигнали за значаен дефицит на врнежи, што дава одредена веројатност дека опасноста од интензивни суши и шумски пожари би била поумерена во споредба со минатата сезона, посочуваат професорите. И според прогнозите од ECMWF и Коперниковата служба за климатски промени (C3S), просечната температура во јули и август може да биде повисока за 1 до 2 °C над климатската норма (1991–2020), особено во низинските и урбаните подрачја. Количините на врнежи ќе бидат блиску до нормалата, но нивната распределба ќе биде нерамномерна. Зголемена ќе биде веројатноста за краткокрајни, но интензивни локални непогоди. Според професорите Спиридонов и Милевски, топлотните бранови нема да бидат толку долготрајни како минатото лето, туку пократкотрајни, но поекстремни, односно со повисоки температури. - Затоа е неопходна добра подготвеност на соодветните здравствени установи, со почитување на препораките на здравствените работници, во поглед на заштита од високи температури. Важно е да се напомене дека сувите услови и топлотните бранови можно е да доведат до други проблеми, како недостиг на вода, особено во земјоделските области. Локалните невремиња, иако не се очекува да бидат екстремни и во голем обем, можат да предизвикаат привремени проблеми. Прогнозите покажуваат можни појави на локализирани поројни поплави, со зголемен ризик за руралните подрачја во подножјето на планинските падини, но и за некои урбани подрачја. Посебно зголемен ризик се очекува во почетокот на месец јули и во месец август, наведуваат двајцата професори. За да се минимизираат ризиците, препорачуваат следење на официјалните метеоролошки извештаи и предупредувања, особено од Управата за хидрометеоролошки работи. Очекувањата се дека во втората половина од јули и август постои зголемен ризик од пожари во шумските и руралните области од земјава. - Со оглед на високите температури, скромните врнежи и намалената влажност, условите ќе бидат поволни за ширење на пожари, особено во јули и август, кога традиционално е пикот на пожарната сезона. Покрај климатските фактори, човечките активности, како запуштени земјоделски површини и намалена одржливост на шумите, дополнително го зголемуваат ризикот. Особен ризик од појава на пожари ќе има вдолж патиштата кои минуваат низ пониските и посушни делови на државата, во близина на шумски комплекси, особено од четинарски тип, се вели во климатскиот осврт на двајцата професори. Професорите во изјава за МИА велат дека летото не треба да се гледа исклучиво како климатска закана, туку и како повик за навремено препознавање на ризиците, стратешко дејствување и градење капацитети за прилагодување. - Со научно заснована проценка на ризикот, со ефикасна интерсекторска соработка, како и со добро координирани превентивни активности, можеме навремено да ги минимизираме последиците од климатските екстреми. Тоа би помогнало во следните аспекти - заштита на човечките животи и јавното здравје преку подготвени системи за рано предупредување и јавна информираност, намалување на економските загуби, особено во земјоделството, енергетиката и шумарството, јакнење на институционалната отпорност и промовирање на научните и иновативни сознанија и одржливи политики и практики што ќе обезбедат долгорочна прилагоденост кон климатските предизвици, нагласуваат двајцата професори./МИАТагови: Сончево и топло температура Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
СветВо Кина ќе се одлучува за крајот на војната Украина - Русија?!Во Абу Даби завршија преговорите меѓу Русија, Украина и САД – прва ваква дипломатска средба по речиси девет месеци. Како што се очекуваше, не беше постигнат конечен мировен договор, ниту пак беше запрена војната. Сепак, започнати се одредени клучни процеси што би можеле целосно да ја прекројат безбедносната карта на Европа, како и самата динамика на војната во Украина. Вториот ден, разговорите зад затворени врати траеја околу два часа. Како што потврди главниот американски преговарач, Џаред Кушнер, најголемите спорови се воделе околу исклучително чувствителни територијални прашања. Уште пред почетокот на средбата, Русите – со помош на пратениците на Трамп – промовираа предлог за промена на административните граници, со цел, барем на хартија, да ја остварат својата зацртана цел: заземање на целиот регион Донбас. Киев категорично ги отфрли ваквите идеи, повторувајќи дека немаат намера да ја повлечат војската зад границите на Доњецката област, која Украина сè уште делумно ја контролира. Бидејќи не успеаја да постигнат договор за територијата, единствениот конкретен резултат од оваа средба остана големата размена на затвореници. Според изјавите на руските и украинските претставници, тоа ќе биде најголемата размена од почетокот на војната. Зеленски и неговото политичко раководство сега се наоѓаат во крајно незавидна ситуација. Официјален Киев строго инсистира на одреден редослед на потези: прво бараат целосен прекин на огнот, потоа јасни безбедносни гаранции, па дури потоа преговори за поширок воено-безбедносен договор. Истовремено, украинските генерали не се откажуваат од барањето војската да остане оперативна и силна. Бидејќи стана сосема јасно дека западните сојузници сè уште не се подготвени да ја примат Украина во НАТО, Киев излегува со ново барање. Тие бараат долгорочна финансиска поддршка во траење од најмалку десет години, за да можат да одржуваат војска од неверојатни 800 до 900 илјади војници. Во Киев сметаат дека само толку моќна воена сила би можела ефикасно да ги одврати Русите од нова инвазија. И самото украинско општество почна да ги менува позициите кога станува збор за војната и мирот. До неодамна, секое спомнување на компромис со Москва автоматски се прогласуваше за чиста капитулација. Денес, сепак, Украинците сè поотворено предупредуваат во јавноста за опасноста од целосен економски колапс. Се разбира, порадикалната опозиција и дел од здруженијата продолжуваат остро да ја напаѓаат владата штом некој само ќе ги спомне преговорите со Русите. Поделбата се чувствува и во самата војска. Од друга страна, Русите пристигнаа во Абу Даби со амбициозен план кој оди многу подалеку од самото решавање на војната во Украина. Москва се стреми кон изградба на целосно нова безбедносна архитектура. Со цел да ги принуди Киев и Западот на отстапки, Русија намерно ја уништува украинската енергетска мрежа среде зима, ставајќи ги Украинците во уште понеповолна преговарачка позиција. Особено е интересно како Москва грчевито инсистираше Европа да биде исклучена од преговорите. Имено, Русите сакаат САД да останат единствениот легитимен канал преку кој ќе преговараат за поделбата на сферите на влијание. Европските дипломати во Абу Даби буквално седеа на „резервната клупа“ и учествуваа исклучиво на споредни состаноци. Понатамошните потези ќе зависат од Москва, при што Европа – веројатно со одредени отстапки што ќе мора да се побараат од Вашингтон – сепак ќе остане само обичен набљудувач. Во пракса, тоа значи дека Вашингтон и Москва ќе ја кројат картата на Европа и ќе одлучуваат каде ќе биде стационирана војската, додека на европските лидери ќе им остане само да стават потпис. Русите одлично ја согледуваат ранливоста на европската заедница, па затоа намерно ја заобиколуваат Западна Европа и сакаат да ги наметнат своите услови преку директен договор со САД. Сериозноста на руската позиција – како и степенот до кој светската карта навистина се прекројува – најдобро се илустрира со фактот дека Пекинг официјално потврди оти се водат разговори за историска средба меѓу Доналд Трамп, Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг. Се очекува овој трилатерален самит да се одржи на маргините на состанокот на лидерите на АПЕК во Шенжен, Кина, на 18 и 19 ноември. Русите веќе навестија дека, за време на престојот во Кина, Путин и Трамп имаат намера да разговараат за мировен договор за Украина – маса на која не е поканет апсолутно никој од Европа или од Киев.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ЕвропаРазоткриена мрежа за шверц на кокаин во ЕвропаВо Швајцарија се уапсени 41 лице како дел од меѓународна операција насочена против мрежа осомничена за шверц на кокаин и перење пари, соопшти Европол.Истражителите ја поврзуваат оваа мрежа со запленувањето на над 750 килограми кокаин во Антверпен. Меѓународна истрага, поддржана од Европол и Евроџаст, разоткри криминална мрежа осомничена за шверц на големи количества кокаин од Еквадор и други земји од Латинска Америка во Европа – практика што постои најмалку од 2019 година – при што истовремено се вршело и перење на средствата стекнати од трговијата со дрога. Истрагата беше предводена од швајцарското Федерално обвинителство и Федералната полиција. Операцијата се спроведе на 10 и 11 ноември на територијата на Швајцарија, Чешка, Германија, Холандија и Шпанија. Во Швајцарија беа извршени претреси на 55 локации, а за пет од 41 уапсено лице беше побаран притвор. Европол исто така соопшти дека петмина осомничени се приведени во Германија. Во Белгија откриени 750 килограми кокаин Истражителите ја поврзуваат мрежата со неколку заплени на кокаин, вклучително и една од август оваа година, кога во белгискиот град Антверпен беа откриени повеќе од 750 килограми од оваа дрога, скриени во кутии испратени од Латинска Америка. Според Европол, увозот бил овозможен преку фиктивни компании регистрирани во Швајцарија и Холандија, додека се претпоставува дека заработката од шверцот се перела преку компании во Чешка, Германија и Швајцарија. Во земјите што учествуваа во оваа операција, досега се запленети повеќе од 2,3 милиони швајцарски франци, криптовалути во вредност од 50.000 франци и 15 парчиња огнено оружје. Во Германија се запленети околу 1,3 милиони евра во готовина, додека во Чешка се одземени околу еден милион евра и 850.000 чешки круни. Европол ја поддржува истрагата уште од 2022 година, преку олеснување на размената на информации, анализа на податоци и координација на активностите. Евроџаст поддржа заеднички истражен тим кој ги обедини надлежните органи од пет земји за да ги координираат истрагите и да разменат докази. Фото: ВИ Извор: Индекс.хрТагови: Европа кокаин Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаМицкоски: Честит 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје!Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје.„13 Ноември е еден од најзначајните датуми во историјата на нашиот главен град, денот кога Скопје ја дочека слободата и го означи почетокот на едно ново поглавје во своето историско постоење. На овој ден се сеќаваме на храброста, пожртвуваноста и непоколебливата решителност на борците кои го положија својот живот за слободата, достоинството и иднината на генерациите што доаѓаат. Нивната борба е трајно вградена во темелите на современо Скопје и претставува обврска да го чуваме историското паметење и вредностите врз кои се гради едно слободно општество.“- напиша Мицкоски. Тој потенцираше дека денес нашата одговорност е да продолжиме да го градиме Скопје како модерен, уреден, безбеден и достоинствен европски град, град на можности, солидарност и просперитет за сите негови граѓани. „Скопје не е само географски и административен центар, туку срцето на нашата државност, нашиот заеднички дом и симбол на истрајноста на македонскиот народ. Со почит кон минатото, одговорност кон сегашноста и визија за иднината, да продолжиме да создаваме град со кој ќе се гордеат сегашните и идните генерации. Честит 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје!“- додава Мицкоски. Тагови: Христијан Мицкоски Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter