Експертите од Соединетите Држави и Швајцарија ги проучувале клетките на десетици луѓе заразени со коронавирус и откриле дека иако нивните антитела се намалуваат со текот на времето, нивото на Б-клетките (Б-лимфоцитите) останува исто.
Б-лимфоцитите се важен дел од имунолошкиот систем, бидејќи тие се клетки кои се сеќаваат на патогените микроорганизми и во случај на реинфекција го стимулираат имунитетот за да го започне производството на антитела за борба против вирусот.
„Таквиот одговор на Б-клетките е одговорен за заштита од повторна инфекција и е од витално значење за ефективна вакцина“, се вели во студијата објавена во списанието „Nature“.
"Нашето истражување покажа дека меморијата на Б-клетките не опаѓа по шест месеци, туку сосема спротивното - таа продолжува да се развива. Ова укажува на можност поединците кои биле заразени со коронавирус да реагираат брзо и ефикасно на повторното изложување на вирусот", напишале тие.
Нивната студија опфатила 87 лица со потврдена дијагноза на ковид-19, проучени помеѓу еден и шест месеци по инфекцијата.
Активноста на нивните антитела се намалила со текот на времето, но бројот на Б-клетки не се променил. Овој процес треба да предизвика производство на повеќе потентни антитела во случај на втора инфекција.
Колку трае имунитетот по инфекцијата со коронавирус е прашање на кое научниците работат веќе некое време, бидејќи тоа е клучно за предвидување на динамиката на пандемијата.
И додека претходните истражувања веќе откриле дека антителата можат релативно брзо да се распаѓаат, поновите покажале дека и другите делови на имунолошкиот систем, како што се Б-клетките, исто така може да играат улога за подолг имунитет.
Студија објавена во списанието „Science“ овој месец сугерира дека скоро сите поголеми делови на имунолошкиот систем кои можат да препознаат и запомнат нов патоген, продолжуваат да реагираат на вирусот најмалку осум месеци.