НАСА изведе симулација на прифаќање и склад на примероци од астероид

Американската Национална воздушно-вселенска администрација - НАСА изведе симулација на првата своја мисија за прифаќање, пренос и безбедно складирање примероци од астероид на Земјата.

Вселенското летало „Озирис-Рекс“ (OSIRIS-REx) на НАСА ќе испорача примероци од астероидот Бену на нашата планета на 24 септември, а тимот што треба да стигне до нив, мора да дејствува многу брзо. Имено, капсулата што ги носи примероците, ќе падне со падобран во пустината во Јута, а тимот мора да стигне таму што е можно поскоро за да се избегне контаминација од Земјата што би го расипала примерокот. Капсулата ќе биде прикачена за хеликоптер и пренесена по воздушен пат. Токму затоа тимот на мисијата „Озирис-Рекс“ го спроведе тестот, како подготовка за она што следи за два месеца.

Како што е познато, леталото „Озирис-Рекс“ веќе слета на Бену пред три години и собра примерок од неговата карпеста површина, па сега е на последната етапа од своето патување назад кон Земјата.

Мисијата „Озирис-Рекс“ е првиот обид на НАСА да испорача примерок земен од астероид, но Јапонската вселенска агенција - ЈАКСА веќе го направи тоа двапати за време на двете мисии „Хајабуса“.

Американското летало беше лансирано на 8 септември 2016., а на астероидот Бену слета во октомври 2020 година. Научниците се надеваат дека собраните примероци ќе дадат нови сознанија за улогата на астероидите во овозможувањето живот на Земјата. Можно е вселенските астероиди да донеле дел од градивата на нашата планета.

Пристигнувањето на примероците се очекува на 24 септември. Леталото на НАСА, како што е предвидено, во 2029 година има нова цел - астероидот Апофис.

На Агенцијата за хуманитарна помош на ОН и бил забранет пристап до преминот Рафа во Газа

Агенцијата за хуманитарна помош на ОН денеска соопшти дека израелските власти ѝ забраниле пристап до граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет, кој сега е под контрола на израелската армија.

- Рафа е на нишан, рече Јенс Лаерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, на редовен брифинг во Женева.

- Израелските одбранбени сили ги игнорираат сите предупредувања што тоа би можело да значи за цивилите и хуманитарните операции низ Појасот Газа. Мислам дека е фер да се каже дека извештаите што ги добивме од колегите на терен се дека завладеала паника и очај, луѓето се преплашени, истакна тој.

Лаерке рече дека 76 отсто од Газа е под наредба за евакуација и на луѓето во Рафа не им е дадено доволно време да ги исполнат тие наредби.

Лаерке предупреди дека ОН и нивните партнери во Газа имаат гориво за еден ден, главно дизел за да управуваат со камиони и генератори.

Портпаролката на Канцеларијата на ОН за човекови права Равина Шамдасани изјави дека Израел има обврски врз основа на меѓународното хуманитарно право на цивилите во Газа да им обезбеди пристап до медицинска нега, соодветна храна, вода за пиење и санитарни услови.

Таа го изјави ова неколку часа откако израелските сили ја презедоа контролата на граничниот премин Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

- Неисполнувањето на овие обврски се граничи со принудно раселување, што е воено злосторство, додаде таа.

За израелската операција во Рафа, таа рече дека постојат силни индиции дека таа го прекршува меѓународното хуманитарно право. /МИА

Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот

Ние јасно ја поддржуваме перспективата за членство на Македонија во ЕУ и се надеваме дека ќе бидеме во можност да го отвориме преговарачкиот процес што е можно поскоро.

Европската Унија верува дека сите политички сили во Македонија ќе го поддржат напредокот на земјата на европскиот пат, порача денеска портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување Ана Писонеро во однос на очекувањата од утрешните претседателски и парламентарни избори.

- Ние јасно ја поддржуваме перспективата за членство на Македонија во ЕУ и се надеваме дека ќе бидеме во можност да го отвориме преговарачкиот процес што е можно поскоро, изјави Писонеро, посочувајќи дека Европската Унија внимателно го следи процесот на претседателските и парламентарните избори.

Таа нагласи дека Европскиот совет во своите заклучоци даде јасни индиции за неговите очекувања од земјата, потенцирајќи дека „Северна Македонија се обврза да го измени Уставот“.

Во заклучоците посветени на проширувањето од последните самити на ЕУ се посочува дека Европскиот совет е подготвен да ја свика следната Меѓувладина конференција без дополнителни одложувања и без дополнителна политичка одлука во најскоро време.

Македонија ќе ја спроведе својата заложба за усвојување на уставните измени во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во Заклучоците на Советот од јули 2022 година. Советот ја повикува Северна Македонија да го забрза усвојувањето на овие измени, по што е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, согласно Преговарачката рамка.

- Се надевам дека и Македонија и Албанија ќе може да ги отворат преговорите по Првиот кластер – Основни права, што е можно поскоро. Одлуката за тоа кога ќе бидат свикани следните Меѓувладини конференции сега е во рацете на земјите членки, додаде Писонеро.

На прашање дали судскиот процес против албанскиот градоначалник припадник на грчкото малцинство во земјата, што е причина Грција да го блокира на стартот на преговорите на Албанија по кластери, ЕУ го смета за билатерален спор или за прашање поврзано со почитување на човековите права, Писонеро изјави дека Комисијата не коментира постапки кои се во тек, но смета дека билатералните прашања не би требало да бидат причина за блокирање на преговарачкиот процес.

Кои се најпродаваните мобилни телефони во првиот квартал?

Телефоните од два производители доминираат на листата на најпродавани телефони во првите три месеци од оваа година.

Според резултатите од истражувањето на аналитичката компанија „Counterpoint Research“, „Apple“ и „Samsung“ доминираат на листата на топ-10 најпродавани паметни телефони во првиот квартал од 2024 година.

Најпродаван телефон во периодот јануари-март е „iPhone 15 Pro Max“, од „Apple“, со пазарен удел од 4,4%.

По него следат „iPhone 15“ и „iPhone 15 Pro“ на второто и третото место. На четвртата позиција по продажба се најде „iPhone 14“, кој беше најпродаван телефон во истиот период минатата година.

Петтото место го зазема првиот телефон кој не доаѓа од понудата на „Apple“, а тоа е „Galaxy S24 Ultra“ на „Samsung“.

Истражувањето на „Counterpoint“ покажува некои други интересни трендови во телефонската индустрија во првите месеци од оваа година:

• за прв пат, сите модели во топ-10 имаат „5G“ способности;

• трендот на купување на премиум модели е очигледен, бидејќи седум од 10 модели припаѓаат на премиум сегментот (цена од 600 долари или повеќе);

• потрошувачите побавно ги менуваат своите постоечки телефони, бидејќи надградените модели нудат помалку разлики во функциите.

Последната ставка доведува до тоа потрошувачите да претпочитаат да се одлучат за премиум модели на телефони, со премиум карактеристики, за да се осигураат дека нивните уреди ќе останат технолошки релевантни во годините што доаѓаат.

„Counterpoint Research“ предвидува дека 10-те најпродавани паметни телефони ќе заземат поголем дел од вкупната продажба на паметни телефони во иднина, бидејќи производителите се фокусираат на понудата на помалку модели што ќе се пофалат со врвни карактеристики, вклучувајќи го и „GenAI“.

Извор: Б92

притисни ентер