Наканиши призна дека ги загрозил безбедносните интереси на Белорусија

Телевизијата „Беларус 1“ објави снимки од испитувањето на Јапонецот, каде што тој признава дека ја загрозил безбедноста на државата.

На јапонскиот државјанин Масатоши Наканиши, кој е уапсен во Белорусија, му е предочено обвинение за агентурна дејност откако тој ги признал своите незаконски дејства. Ова го изјави шефот на истражниот оддел на Комитетот за државна безбедност (КГБ) на Белорусија, Константин Бичок, цитиран од ТАСС.

„Наканиши е обвинет за кривично дело предвидено со член 358, став 1 (агентурна дејност) од Кривичниот законик на Белорусија. Обвинетиот е задржан во истражниот затвор на КГБ и активно соработува со истрагата, давајќи детални изјави за својата незаконска дејност“, изјави претставникот на белорускиот КГБ.

Телевизијата „Беларус 1“ објави снимки од испитувањето на Јапонецот, каде што тој признава дека ја загрозил безбедноста на државата.

- Сметам дека моите дејства ја загрозија безбедноста на Белорусија, вели Наканиши во видеозаписот. Тој признава дека фотографиите направени во близина на украинската граница, на кои се гледаат мостови и железнички пруги, би можеле да бидат искористени од САД или Украина за можна воена акција. - Мислам дека можеа да извршат ракетен напад на територијата на Белорусија, изјави приведениот Јапонец. Тој додаде дека има многу блиски врски меѓу САД и Јапонија. - Постапив лошо, нечесно. Се каам за тоа што го направив, додал уапсениот./МИА

Претрес во Гевгелија, пронајдена дрога

Полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Гевгелија вчера во  13:40 часот во Гевгелија го лишиле од слобода И.Г.(44) од Гевгелија.

При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени стебла канабис, предмети исполнети со зелена растителна материја и употребени шприцеви со игли со остатоци од непозната материја.

Како што информираат денеска од МВР, за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по документирање на случајот против И.Г. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Истрели во повеќе квартови на Бомако

Во главниот град на Мали, Бомако утрово се слушнале истрели.

Според очевидци пукање од огнено оружје имало во близина на аеродромот, но други тврдат дека престрелка има кај седиштето на жандармеријата.

Неименуван претставник на безбедносните служби изјави дека во неколку квартови на Бомако, вклучително и во регионот на аеродромот се слушаат истрели./МИА

Пезешкијан: Моралната полиција не смее да ги малтретира жените

Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан изјави дека Иранската морална полиција повеќе нема да ги „малтретира“ жените поради задолжителното носење на хиџаб.

- Моралната полиција не треба да се судри со жените. Ќе се погрижам полицијата да не ги вознемирува жените, истакна Пезешкијан на двегодишнината од смртта на 22-годишната Махсе Амини, која беше уапсена поради непрописно носење на хиџаб.

Обединети нации минатата недела соопштија дека иранските власти по масовните протести поради смртта на Амини ги „засилила напорите“ за сузбивање на правата на жените и уништување на активизмот.

Пезешкијан ја презеде функцијата од ултраконзервативниот Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа. Новиот ирански претседател важи за потенцијален реформатор.

Тој и во предизборната кампања вети дека ќе ја спречи така наречената Иранска полиција за морал да ги вознемирува жените. Но, главен авторитет во Иран е врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој тврди дека „откривањето (на делови на женското тело) е забрането и верски и политички“.

Амини, Иранка со курдско потекло почина во болница на 16 септември 2022 година, три дена откако беше уапсена од припадници на моралната полиција поради непочитување на строгиот ирански кодекс на облекување и одведена во „центар за превоспитување“ каде беше претепана. Таа беше приведена бидејќи неправилно го носела хиџабот односно и се гледала косата.

Нејзината смрт предизвика повеќемесечни протести, кои се претворија во повици за бунт против ајатолахот Хамнеи и теократската Влада. Протестите се одржуваа под мотото „Жена, живот, слобода“. Во задушувањето на протестите загинаа над 500 луѓе, а повеќе од 22.000 беа приведени.

Независна меѓународна мисија за проверка на факти на ОН за Иран на 18 март годинава објави дека смртта на Амини е незаконска и предизвикана од насилство.

Изминатиот период сè поголем број Иранки им пркосат на властите и излегуваат на улица без хиџаб./МИА

притисни ентер