Најстариот и некогаш најголем леден брег полека заминува во историјата - Канал 5

Најстариот и некогаш најголем леден брег полека заминува во историјата

Некогаш најголемиот, но се чини и денес најстар леден брег во светот - „A-23-a“ во својот зенит беше три пати поголем од Њујорк, а сега - кога се приближува кон својата 40-годишнина, е сведен на визуелно зачудувачка маса од „шарено-сина каша“.

Најстариот и некогаш најголем леден брег полека заминува во историјата

.. Имено, како што новите сателитски слики посочуваат - огромното парче мраз се ближи кон својот крај.

Своевремено наречен „кралицата на ледените брегови“, „А-23-а“ се отцепи од ледениот гребен „Филхнер Рон“ на Антарктикот летото 1986 година, но наскоро неговиот потопен долен дел потона на морското дно. Речиси 3,5 десетлетија потоа, тој остана на истото место, со минимално намалување - благодарение на неговата близина до матичниот леден гребен. Но, во 2020. „A-23-a“ конечно почна да се оддалечува од Антарктикот. Следно, масивниот леден брег повторно беше заробен - овојпат во силна океанска струја што го принуди да се врти во место со месеци.

Во декември 2024 година, се оттргна од вртлогот и се насочи кон островот Јужна Џорџија, предизвикувајќи загриженост кај научниците дека би можел да се поткачи на копното и да го загрози тамошниот екосистем, особено да им наштети на пингвини. Но, најлошиот исход беше избегнат кога ледениот брег почна да се распаѓа во мај 2025 година - пред да стигне до островот.

Оттогаш, најголемиот дел од ледениот брег се насочи кон север во јужните делови на Атлантскиот Океан, каде што потоплите океански струи го забрзуваат неговото топење.

Најновите слики, направени од сателитот „Тера“ на НАСА на 26 декември, ја покажуваат масата мраз во целосно непрепознатлива состојба. Сега намален на околу една третина од неговата првична големина, ледениот брег е покриен со базени од сина вода опкружени со дебели бели рабови од мраз, налик насипи. Сликата, исто така, покажува сива, каллива маса позната како ледена каша, којашто веројатно се пробивала оддолу под ледениот брег. Опкружен е со стотици помали парчиња лед кои се отцепиле од неговите рабови.

„'Сината каша' на површината на 'А-23-а' се состои од езерца од топена вода, коишто настануваат кога површинскиот мраз ја губи својата структурна цврстина“, објасни Тед Скембос, климатски научник на Универзитетот на Колорадо во Болдер, во соопштението на НАСА. - „Овие езера потоа се поврзуваат во ленти, најверојатно поради тежината на водата што се собира во пукнатините и дополнително ги проширува“, се вели.

Според Валтер Мејер, виш истражувачки научник во Националниот центар за податоци за снег и мраз, пукнатините веројатно се движат паралелно со жлебовите на долната страна од ледениот брег, коишто се создавале со векови додека мразот се движел низ копното, кога тој бил дел од ледениот гребен Филхнер Рон.

- Неверојатно е што овие ленти сѐ уште се видливи по толку време, додаде Крис Шуман, пензиониран професор на Универзитетот во Мериленд.

И на слика направена на 27 декември од Меѓународната вселенска станица, овие впечатливи ленти, се чини, веќе почнале да бледнеат. На таа слика, површината на ледениот брег изгледа порамномерно, со повеќе сина вода.

Поради својата величина и долговечност, „А-23-а“ неколкупати ја држеше титулата најголем леден брег во светот. Последен пат ја врати во јуни 2023 година, по распадот на претходниот носител на рекорд, „A-76-A“, но повторно ја изгуби во септември 2025 година, кратко по „блиската средба“ со Јужна Џорџија. Во овој миг, најголемиот леден брег во светот е „Д-15-A“, со површина од околу 3.100 квадратни километри, според Националниот центар за податоци за снег и мраз, што е неколку стотици квадратни километри помалку од максималната големина што некогаш ја имал „А-23-а“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Охридските нуркачи го чистеа дното на Охридското Езеро (ВИДЕО)

Нова акција за чистење на дното на Охридското Езеро.

Охридските нуркачи го чистеа дното на Охридското Езеро (ВИДЕО)

На видео објавено од нуркачкиот центар „Акватек“ се гледа како нуркачи собираат пластика, конзерви, стаклени шишиња и различен друг цврст отпад.

Акцијата се спровела на потегот од кампот „Градиште“ до „Вели Даб“, а проектот е финансиран од секторот за туризам и локален економски развој на Општина Охрид.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Државата планира современо лекување за паркинсон и алцхајмер во Македонија

Наместо електроди во мозокот да им се вградуваат во Турција, пациентите со Паркинсонова болест наскоро би можеле ваквите операции да ги прават и во Македонија.

Државата планира современо лекување за паркинсон и алцхајмер во Македонија

Државата планира да ја воведе длабоката мозочна стимулација, современа неврохируршка метода за контрола на нарушувањата во движењето, но и нови биолошки терапии за пациенти со Алцхајмерова болест. Методата на мозочна стимулација во светот се применува со децении, но кај нас допрва ќе се обучуваат тимови за нејзино спроведување.

Обуката на македонските лекари ќе ја спроведуваат експерти од Клиниката за неврологија во Љубљана. Оттаму сметаат дека воспоставувањето на методата во Македонија нема да биде тежок процес, а за дел од пациентите таа може да значи значително подобар квалитет на живот.

Според проценките, во Македонија има околу 24.000 лица со Алцхајмерова болест и други форми на деменција, додека бројот на пациенти со Паркинсонова болест, според министерот за здравство, е околу 5.000. Очекувањата се двете новини во лекувањето да станат достапни во земјава во текот на 2027 година.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Издаден налог за блокирање дополнителни 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа

Уште 102 страници и апликации кои нелегално приредувале онлјан игри на среќа ќе бидат блокирани за домашните корисници на интернет, информираат од Министерството за дигитална трансформација.

Издаден налог за блокирање дополнителни 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа

Оттаму за Канал 5 велат дека со ова, бројката на блокирани страници од овој тип е 462, а целта е да се спречат измами и нелегално испумпување на пари од граѓаните. Од ресорното министерство велат дека овие страници најчесто ги создаваат лица кои се сопственици сервери надвор од државата и поради тоа велат дека е клучна нивната превентивна реакција.

- На тие игри не се знае каде завршуваат нивните податоци, каде завршуваат нивните пари, не се знае ниту дали самата игра е фер за граѓанинот и не постојат механизми за нивна заштита во случај на измама, затоа што ваквите игри најчесто се регистрираат, односно се воспоставуваат во држави каде оваа дејност не е регистрирана, односно каде што нема да подлежат на одговорност. - Мирослав Гроздановски, советник во кабинет на министерот за дигитална трансформација

На овие нелегални страници најчесто се организираат игри како покер томболи и други игри на среќа, но граѓаните кога ќе кликнат на нив, сепак добиваат известување дека се дел од нелегална мрежа на игри на среќа, за која согласно новиот закон се предвидени и казни и за нив како учесници, објаснуваат од министерството. Сепак, иако новата законска регулатива е во сила уште од летово, казни во пракса за индивидуалци кои биле дел од вакви игри на среќа засега нема.

– И самото учество на граѓаните во ваквите игри на среќа е забрането со новиот закон за игри на среќа – се предвидуваат глоби од 1000 до 2000 евра. Има ли санкциониран граѓанин досега? Досега според нашите информации нема санкциониран граѓанин. - Мирослав Гроздановски, советник во кабинет на министерот за дигитална трансформација

Согласно законските измени, единствен приредувач на игри на среќа во државата во онлајн просторот е државна лотарија. Токму лотарија пак доставува список на нелегални страници кои приредуваат игри на среќа, а се лесно достапни за граѓаните. Потоа лотарија му го проследува тој список на Министерството за дигитална трансформација, од каде се издава налог за блокирање на страници, а Агенцијата за електронски медиуми има рок од пет дена го оневозможи пристапот до спорните страници на нашите граѓани.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер