Најмалку еден загинат и тројца повредени во пукање во продавница во Охајо

Најмалку едно лице загина, а три други се повредени во пукотница во продавница во Биверкрик, во американската сојузна држава Охајо, јави телевизијата WHIO.

Очевидци изјавија дека мажот отворил оган со автоматска пушка. Тројцата повредени се пренесени во блиската болница.

Полицијата во Биверкрик соопшти дека одговорила на пукањето и дека повеќе нема закана за безбедноста. Биверкрик е град со околу 46.000 жители сместен источно од Дејтон.

Шефот на руското разузнавање, Наришкин подготвен да разговара со директорот на ЦИА, Ретклиф

 Директорот на Руската служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин изјави дека е подготвен да се сретне со директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф.

„Русија отсекогаш била подготвена за преговори“, рече Наришкин, одговарајќи на новинарско прашање за подготвеноста за состанок доколку такво барање дојде од американската страна.

На прашањето дали се уште има контакти меѓу ЦИА и Руската служба за надворешно разузнавање, Наришкин рече дека руската страна има свој претставник во Вашингтон, како што ЦИА има свој претставник во Москва.

Ретклиф, исто така, претходно беше директор на ЦИА за време на првиот мандат на Трамп, од 26 мај 2020 година до 20 јануари 2021 година, пренесуваат руски медиуми.

Пожарникарите од Виница во 2024 година имале 112 интервенции

Пожарникарите од Виница во 2024 година имале 112 интервенции, проценетата штета е над 620 илјади денари.

Вкупно 112 интервенции за гаснење пожари имала Територијалната противпожарна единица од Виница во текот на 2024 година, што е за една четвртина повеќе во споредба со претходниот едногодишен период.

Најголем број од интервенциите, вкупно 83, биле кај пожари на отворен простор, при што била опожарена површина од 167 хектари, што е за над 50 отсто повеќе споредено со 2023 година. Во 13 случаи се интервенирало кај запалени објекти, четири излегувања на терен биле за гаснење пожари кај моторни возила, а останатите пет се друг вид интервенции.

-Лани од пожарите е предизвикана материјална штета што се проценува на вкупен износ од над 620 илјади денари, што е далеку пониска вредност во споредба со 2023 година. Причина за избувнување на огнената стихија кај 101 интервенција е човечко невнимание, кај 7 интервенции имаше спој на електричната инсталација и неисправност на електрични броила, а два пати интервениравме кај запалени оџаци. Во текот на минатата година спроведовме пет превентивни активности за заштита од пожари, односно предавања во училиштата и фирмите, како и заеднички практични вежби во стопанските субјекти, истакна Виктор Димитров, командир на ТППЕ – Виница.

Покрај гаснењето пожари, пожарникарите од Виница имале и 14 други интервенции, од кои седум биле кај сообраќајни несреќи во кои во два одделни случаја имало по едно загинато лице.

Освен со интервенции на територијата на општината, виничките пожарникари во текот на минатата година во седум случаи со опрема и кадар им помагале и на своите колеги од Кочани, Берово и Свети Николе.

Инфантино: Германскиот фудбал е пример на глобално ниво

 Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, го пофали германскиот фудбал за неговиот целокупен имиџ и го опиша како пример во светот.

Во говорот по повод одбележувањето на 125-годишнината од Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) на гала вечерта во Лајпциг, Инфантино рече: „Германија направи толку многу за фудбалот! Германија брилијантно организираше толку многу големи турнири, создаде „толку многу легенди“.

Истакна дека ДФБ го направи она за што ФИФА се стреми на својот главен пат: „Да се ​​обедини светот на ист начин како што Германија создаде дух на обединување“.

Тој потоа додаде дека „светот на спортот секогаш гледа кон Германија, од која секогаш може да се научи нешто ново“.

Односите меѓу Германскиот фудбалски сојуз и Швајцарецот, кој ја презеде ФИФА од Сеп Блатер, долго време се сметаа за доста тензични и затегнати.

Непосредно пред почетокот на Светското првенство во 2022 година, германските фудбалски шефови ја критикуваа ФИФА поради недостигот на одговор на тековните прекршувања на човековите права во земјата домаќин, Катар.

Потоа, кога беше реизбран за претседател на Светското седиште, гласот на Германија не беше за него. Доделувањето на домаќинот на СП 2034 на Саудиска Арабија, за кое Инфантино активно и неуморно лобираше, исто така не беше поддржано од Германија.

Инфантино на прославата на германскиот фудбал пристигна директно од САД, каде што беше гостин на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој влезе во вториот мандат. На состаноците по церемонијата, Инфантино му се заблагодари на американскиот претседател за поддршката за Светското првенство, кое следната година ќе се одржи низ Северна Америка.

притисни ентер