Најдобри автомобили: Нема дефекти и поправки дури ни по 100.000 километри - Канал 5

Најдобри автомобили: Нема дефекти и поправки дури ни по 100.000 километри

Германското списание за автомобили, „Ауто билд“ (Auto Bild), по долгорочни, повеќегодишни тестови на возила коишто траат до 100.000 минати километри, собрале богата база на податоци со десетици модели. 

Најдобри автомобили: Нема дефекти и поправки дури ни по 100.000 километри

Некои автомобили минале и низ исклучително тешки услови на возење, па списанието ги издвои оние со најмалку дефекти. Следниве автомобили ја постигнаа највисоката оценка.

Најдобар по изминати 100.000 км е „Ауди А-3 спортбек г-трон“ (Audi A3 Sportback g-tron), тестиран во 2017 година. Овој автомобил доби оценка 1+ (во германската терминологија, најдобрата оценка е 1, а најлошата е 5). „Не само што демонстрира висок квалитет и сигурна технологија, туку покажа и минимални слабости во секојдневната употреба и за време на расклопувањето. 'Аудито' немаше никакви маани“, се истакнува. Оценка 1+ има и „Бе-ем-ве М-3“ (BMW M3), тестиран во 2023 година, со мануелен менувач и карбонски ќерамички сопирачки, пренесува „Ревија ХАК“.

Автомобилите се тестираат во сите временски услови - од кратки градски патувања до возење по автопат, така што резултатите не претставуваат само техничка анализа, туку сеопфатна и сигурна слика за издржливост и квалитет, се наведува во написот.

На третото место е „Ауди А-4 авант ТФСИ ултра“ (Audi A4 Avant TFSI ultra) од 2019 година со оценка 1 - без поголеми проблеми. Следи „Ауди А-6 авант 40 ТДИ“ (Audi A6 Avant 40 TDI) (2021), којшто, освен што сензорите за паркирање што постојано пријавуваа грешки, исто така, нема никакви маани. На петтото место е „Бе-ем-ве Зед-4 ес-драјв 30-и“ (BMW Z4 sDrive 30i) (2021) којшто го заврши тестот за издржливост практично без абење и други компликации, никогаш не бараше непланирани посети на работилницата, а и расклопувањето под строг надзор на „ДЕКРА“ не откри никакви дефекти, ниту поголемо абење.

„Сеат атека 1.4 ецо ТСИ стајл“ (Seat Ateka 1.4 Eco TSI Style) (2020) - по возење на долги релации, неколку возачи се пожалија на болки во грбот и вкочанетост. Ова значи „казнен поен“ за автомобилот - покрај другите беспрекорни перформанси. „Фолксваген Т-крос 1.0 ТСИ“ (VW T-Cross 1.0 TSI) (2023) помина 100.000 км без ниту една грешка или дефект, освен безопасната површинска корозија, којашто не влијаеше на неговите перформанси, мотор, менувач, спојка - сè било во совршена состојба, се вели во написот.

Натаму, „Бе-ем-ве 320-д туринг“ (BMW 320d Turing) (2022) издржа 100.000 км со леснотија, освен неколкуте функционални слабости во секојдневната употреба, неколку (претежно минорни) проблеми при расклопување и високата цена...

И „Мазда це-икс-5 скајактив-Д 184 АВД“ (Mazda CX-5 Skajaktiv-D 184 AVD) во 2021 година го помина тестот без никакви значајни дефекти и со беспрекорно сервисирање во работилницата. Нејзиниот 2,2-литарски дизел-мотор не покажа знаци на абење по 100.000 километри. „Сузуки свифт спорт 1.4 бустерџет“ (Suzuki Swift Sport 1.4 Boosterjet) таа 2021., исто така, го заврши тестот без никакви проблеми, освен релативно мала 'рѓа во надолжните елементи. Заштитата од корозија беше недоволна за највисоката оценка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ирина Шајк како ѓаволица на Ноќта на вештерките- сите се воодушевени (ФОТО)

Манекенката Ирина Шајк (40) избра смел костим за овогодинешната Ноќ на вештерките, кој привлече големо внимание на социјалните мрежи. 

Ирина Шајк како ѓаволица на Ноќта на вештерките- сите се воодушевени (ФОТО)

Таа носеше тесен црвен комбинезон од сјаен материјал, а комбинацијата ја надополни со високи потпетици и ѓаволски рогови.

На фотографиите што ги сподели на Инстаграм, таа позира во комбинезон со долги ракави и висока јака што ја нагласува нејзината фигура. „Ангел претворен во ѓавол“, напиша таа покрај објавата, која собра повеќе од 163.000 лајкови.

Меѓу бројните реакции, се издвоија коментарите на познати лица од светот на модата. Дизајнерот Рикардо Тиши остави емотикони во форма на црно срце, додека моделот Даниела Понтес рече: „Воау“.

Црвен комбинезон и впечатлива шминка

Покрај самиот костим, вниманието го привлече и нејзиниот изглед. Таа ја стилизираше црната коса во бујни локни што паѓаа преку рамената, додека челото ѝ беше украсено со внимателно стилизирани бранови коса. На главата носеше црвени рогови што дополнително ја нагласуваа целата комбинација.

Шминката беше подеднакво импресивна. Таа ги нагласи очите со смело црно мастило и светкава сенка за очи, а на усните стави темноцрвен кармин со сјаен финиш. Исто така, избра црвен маникир што одговара на костимот, чиј сјаен материјал беше особено видлив на фотографиите направени со блиц.

По модната писта, Ноќта на вештерките со семејството

Фотографиите пристигнаа кратко по нејзиното враќање на модната ревија на „Викторијас сикрет“, одржана на 18 октомври во Лос Анџелес. Во интервју за ¡HOLA! зад сцената, таа зборуваше за самодовербата и предизвиците што ги носи таа. „Мислам дека е многу тешко да се има самодоверба денес“, рече таа.

Покрај тоа што го покажа својот гламурозен костим, Ирина дел од Ноќта на вештерките го помина и со своето семејство. Со нејзиниот поранешен партнер, актерот Бредли Купер, и нивната ќерка Леа, таа посети куќи и собираше слатки во Њујорк.

„40-тите години се новото најдобро време за жените“

Ирина го прослави својот 40-ти роденден во јануари, а во неодамнешното интервју за „Вог Арабија“ зборуваше за стареењето, убавината и прифаќањето на телото. „Луѓето треба да се опуштат бидејќи четириесеттите години се новото најдобро време за жените. Тоа е нов почеток“, рече таа.

Таа, исто така, се осврна на нереалните очекувања што ги следат жените во модната индустрија. Таа нагласи дека професионалните фотографии не мора нужно да покажуваат како изгледа во секојдневниот живот и отворено зборуваше за брчките и целулитот.

Таа, исто така, призна дека научила повеќе да го прифаќа своето тело со текот на годините, по долг период во кој се чувствувала притисната да се вклопи во одредени стандарди за убавина. Денес, таа се обидува да најде време за себе и покрај деловните обврски и грижата за својата ќерка. Меѓу навиките што станаа дел од нејзината рутина, таа ги издвои здравата исхрана и посетите на руската сауна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Петровска: Ако службите се неспособни, оставки треба да поднесат министерот и директорите

Пратеничката Славјанка Петровска упати критики до Владата поради предлогот за укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

Петровска: Ако службите се неспособни, оставки треба да поднесат министерот и директорите

Пратеничката Славјанка Петровска упати критики до Владата поради предлогот за укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, оценувајќи дека со образложението за ваквиот потег се доведува во прашање способноста на безбедносните институции. Таа порача дека, доколку власта остане доследна на наведените оценки, треба да следат оставки од министерот за внатрешни работи и од директорите на разузнавачките агенции.

На расправата во собраниската Комисија за одбрана и безбедност, Петровска го оспори пристапот со кој утврдените недоследности се решаваат со укинување на законот, наместо со нивно отстранување.

„Не постои во нашата поблиска и подалечна историја која било влада што ќе даде карактеристика за безбедносно-разузнавачките служби дека се неспособни. Ако сакате да бидете доследни на она што сте го напишале, очекувам откако ќе се усвои законот да следат и оставки на оние што се одговорни во МВР, директорите на АНБ и Агенцијата за разузнавање и надлежните институции“, рече Петровска.

Таа посочи дека надлежните имале една година да ги коригираат констатираните недоследности, но наместо тоа сега предлагаат престанување на важењето на законот.

Според Петровска, укинувањето на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница претставува сериозен безбедносен проблем, особено во услови кога соработката меѓу институциите е клучна за одговор на глобалните предизвици.

„Дали ова значи дека безбедносните институции немаат капацитет да одговорат на глобалните предизвици?“, праша таа.

Дополнителна загриженост, според неа, предизвикува тоа што укинувањето на законот се предлага во период кога Владата најавува обединување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.

Петровска оцени дека евентуалното спојување на службите не треба да започне со отстранување на постојните механизми за координација, без претходно да се понуди јасна слика за идната институционална поставеност и начинот на кој ќе се обезбеди нивната соработка, се наведува во соопштението на Петровска. .

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јанчев: Разговорите со граѓаните продолжуваат и оваа вечер

Во рамки на посетите на урбаните и месните заедници, вечерва остваривме средби со жителите на локациите Киро Крстев, Браќа Џунови, Страшо Пинџур 1 и Страшо Пинџур 2.

Јанчев: Разговорите со граѓаните продолжуваат и оваа вечер

Преку непосредна комуникација, размена на мислења и конкретни предлози, ги слушаме потребите на граѓаните и ги утврдуваме приоритетите за Програмата за работа за 2027 година.

Продолжуваме да бидеме на терен, таму каде што се создаваат најдобрите решенија – во директен разговор со граѓаните, објави на ФБ градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер