Наградоманот Боки 13 би сакал Апелација да му ја намали казната, ама...

Додека јавноста беше загрижена за нежното здравје на Боки особено поради наградната игра во која требаше да дава станови и возила , тој сепак далеку од очите на јавноста,  се обидел да добие „бинго“, но на друга страна, и...

Реконвалесцентот кој се рехабилитира со помош на социјалните мрежи и кој не убедува дека виртуелниот свет има сериозен позитивен здравствен импакт врз реалното физичко здравје, се сeтил на уште една генијална идеја. Имено, додека Боки 13 снимаше клипови и „измазни“ најмалку два мобилни апарати од сликање и снимање со еден друг водител, клипови поврзани со наградна игра ( giveaway ) за која двајцата немаа ниту лиценца а уште посомнителни беа изворите и самиот фонд на награди...токму во тој период овој несуден cover пејач кој беше речиси на смртна постела ( според лекарскиот конзилиум ) преку својот правен застапник г-дин Владимир Туфегџиќ, побарал мислење од Вишото Јавно Обвинителство но и барање од Основниот кривичен суд да се примени чл. 447 став 1 точка 3 а во врска со „Преиначување на правосилна пресуда без повторување на постапка “ .

Адвокат Туфекџиќ вели дека неговото барање било поткрепено со 32 документи, дел од нив извештаи и отпусни писма, и дека после повеќе од 4 год. поминати во притвор и затвор доставил барање до Основниот кривичен суд Скопје, од каде биле одбиени, па сега предметот за барање на намалување на казната се наоѓа пред Апелација. Туфекџиќ вели дека ова е еден „правен лек“ кој досега често пати бил исползуван од многумина осуденици.

Токму Апелација најверојатно ќе биде каменот на сопнување за самоодлучениот „наследник“ на Пепи Бафтировски од следниве причини:

- Судско-обвинителскиот скандал поврзан со убиецот на Фросина Кулакова, Васил Јованов, кои поради несоодветно постапување и толкување на законските норми и прописи го навлекоа на себе сиот гнев и тага на македонската јавност, па сега се сомневам дека судиите во Апелација ќе имаат храброст да го аминуваат барањето на Боки XIII.

- Првата дама на Апелација, Мери Дика Георгиевска, е кума на Тредичи и дополнително беше сведок во негова полза во предметот „Рекет“, кога дознавме дека Дика го „позајмувала“ пасошот на мајката на Боки 13 за да искористат такс-фри ( нешто што остана мистерија до ден денешен ) што значи дека јавноста ќе го засили фокусот токму за барањето на Бојан Јовановски.

- Кривичниот совет во Апелација предводен од судијата Л.З. веќе прошири информација дека постои сериозен притисок кон судечкиот совет и сигурно нема ниту тие да дозволат да ги снајде судбината на Даниела Алексовска Стојановска.

Останува да видиме дали јавноста ќе добие нова „забава“ од Боки 13.

Изложба на фотографии „Вечни тела“ на Жарко Стојчевски и Искра Шукарова

Изложбата на фотографии во рамки на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографот Искра Шукарова вечер ќе биде отворена во Културно-информативниот центар – Скопје.

Проектот, како што информира КИЦ-Скопје, е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонски народен театар, a потоа во Македонска опера и балет (денес Национална опера и балет- НОБ), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.

Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно. Жарко Стојчевски, пак, е фотограф кој е инспириран од возрасното тело, прикажувајќи го доблесно и достојно за почит.

Изложбата вклучува фотографии на денес пензионирани балетски уметници од Националната опера и балет- НОБ: Емилија Џипунова (р.1935 год.), претставничка на првата генерација балетски уметници, истакната солистка, педагог и критичарка; Снежана Шијак (р.1949), солистка; Зоица Пуровска-Велевска (р.1956 год.), првенка и педагог репетитор; Зоран Талев (р.1953 год.), солист и Ирена Лозинска (р.1961 год.), солистка, педагог и кореографка.

Проектот е поддржан од Културно-информативниот центар – КИЦ - Скопје. Реализацијата на фотографските сесии е во Photo Factory. Соработници на проектот се: Сашка Костовска Длака, Емил Шулајковски и Кристина Стојчевска. Изведба на движења: Мила Блажевска, студент на катедра за балетска педагогија - ФМУ.

Изложбата ќе биде отворена до 2 март 2025 година.

Земјотреси од 4,9 и 5 степени регистрирани во близина на Санторини

Двата земјотреси беа во период од нешто помалку од час и половина, најсилниот беше во 6.46 часот, на кој му претходеше еден од 4,5 степени, додека кусо по 8 часот утрово беше регистриран уште еден, од 4.9 степени според Рихтер.

Два земјотреси со јачина од 5 и 4,9 степени беа регистрирани утрово во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос, во рамките на серијата земјотреси од изминатите најмалку три седмици, јави дописничката на МИА од Атина.

Двата земјотреси беа во период од нешто помалку од час и половина, најсилниот беше во 6.46 часот, на кој му претходеше еден од 4,5 степени, додека кусо по 8 часот утрово беше регистриран уште еден, од 4.9 степени според Рихтер.

Најсилниот земјотрес во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос беше регистриран минатиот понеделник и беше со јачина од 5,3 степени според Рихтер.

Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 15 февруари, биле регистрирани над 20.000 земјотреси, од кои над 17.400 биле посилни од 1 степен.

Поради сеизмичка активност, училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи и оваа седмица, трета по ред, се затворени.

Украинскиот претседател пристигна во Турција, денеска средба со Ердоган

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и првата дама Олена Зеленска синоќаа пристигнаа во официјална посета на Турција.

„Официјална посета на Турција заедно со првата дама. Средби со претседателот Реџеп Таип Ердоган и првата дама Емине Ердоган. Продолжуваме со сите напори за размена на воените заробеници – нашите луѓе мора да се вратат дома“, објави Зеленски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека со турските власти ќе разговараат и за прашањата поврзани со сигурноста за обезбедување храна, додека неговата сопруга ќе се фокусира на образовната и културната дипломатија.

Шефот на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство, Фахретин Алтун, најави дека Зеленски ќе престојува во официјална посета на Турција и дека турскиот претседател Ердоган денеска ќе го прими во Претседателската палата во Анкара.

Се очекува двајцата лидери да разговараат за стратешкото партнерство меѓу Турција и Украина, со фокус на зајакнување на односите во сите аспекти и договор за чекорите што треба да се преземат за натамошно зајакнување на соработката.

Хакан Фидан: Турција е подготвена да биде домаќин на украинско-руските мировни преговори

За време на разговорите на Минхенската безбедносна конференција, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан му соопштил на американскиот специјален претставник за Русија и Украина Кит Келог и на државниот секретар Марко Рубио дека Анкара е подготвена да прифати мировни преговори за Украина.

Како што пренесува весникот Туркије, повикувајќи се на извори, Фидан за два месеци остварил четири телефонски разговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Фидан се состана и со новиот американски државен секретар Марко Рубио на Минхенската безбедносна конференција.

На средбата се разговарало за прашања поврзани со украинско-руската војна и се разговарало за случувањата во врска со можноста за воспоставување мир меѓу двете земји.

Шефот на турската дипломатија, кој се сретна со специјалниот претставник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак и со украинскиот министер за одбрана Рустам Умеров во Минхен, како и со Рубио, рече дека Турција треба да биде дел од мировниот процес.

Турција го покренала прашањето да може да биде домаќин на прекин на огнот или мировни преговори, а, како што пишува весникот, се дознава дека Анкара изјавила дека има блиски врски со двете земји и може да придонесе повеќе од многу други актери.

притисни ентер