Наградени најдобрите цртежи на темата „Маркови Кули – предизвик за сите нас" - Канал 5

Наградени најдобрите цртежи на темата „Маркови Кули – предизвик за сите нас"

Вкупно 123 цртежи на учениците од прилепските основни и средни училишта беа претставени на изложбата во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков" на тема „Маркови Кули – предизвик за сите нас". 

Наградени најдобрите цртежи на темата „Маркови Кули – предизвик за сите нас"

Цртежите се резултат на конкурсот што го распиша прилепската локална самоуправа, дел од проектот „Маркови Кули – заштита и делување" во рамките на Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, финансирана од ЕУ, а спроведена од УНДП.

За најдобри со мотивот на Марковите кули беа прогласени цртежите на Илина Смугреска од гимназијата „Мирче Ацев", која го освои првото место, ликовната творба на нејзиниот соученик од гимназијата, Матеј Зарески го освои второто, а цртежот на Лејла Јаховиќ од основното училиште „Пере Точев" од Дупјачани според четиричлената комисија го освои третото место.

Конкурсот, кој на 15 март оваа година го објави прилепската локална самоуправа имаше за цел да ги мотивира и активно да ги вклучи младите како дел од локалната заедница.

Според Бранко Ристески, директор на Инстиутот за старословенска култура, изложбата претставува почеток на заокружување на завршната фаза на вреднување на овој проект кој е финансиран од ЕУ, а го спроведува УНДП.

-Овој проект има цел да ја подобри методологијата за управување со заштитените подрачја во кој издвоено место има локалитетот Маркови Кули. Ова е почеток на завршната фаза за изработка на план за управување со Марковите Кули , по што би следела постапка за ревалоризација на просторната целина како мешовито добро со природни и културни вредности, на што би се надоврзала завршната, оперативна фаза со активности околу осветлувањето на Марковите Кули, санирање на пристапниот пат, поставување информативни табли и видиковци. Партиципацијата на младите во оваа фаза е особено значајна бидејќи се добиваат почетни идеи и визуелизација на еден простор кој тие непосредно го доживуваат за разлика од нас возрасните. Секако дека избраното решение допонително ќе се обработува за да се добие графичко решение, истакна Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура.

На изложбата беа доделени благодарници и книги на сите учесници како и благодарница за поддршка на асоцијацијата „Ластовица" и градинката „Наша Иднина" која ја збогати оваа поставка со 67 цртежи од најмладите. Исто така награди беа обезбедени и за првонаградениот gopro камера и bluetooth звучници за второто и третото место.

Следен чекор во спроведувањето на проектот „Маркови Кули – заштита и делување" ќе биде поставувањето видео-мониторинг и осветлувањето на дел од локалитетот, согласно нормите за заштите за да не се влијае инвазивно и да се нарушува биодиверзитетот на локалитетот. Ќе се постават инфо –точка на потегот „Кај слонот" за потребите на посетителите и туристите, а ќе се реконструира и дел од постојниот пат за да се спречи ерозија./MИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Предлог – закон за трансформација на работниот однос на пет илјади вработени на неопределено време

Околу 5.000 вработени со договор на дело во јавниот сектор да добијат редовен работен однос на неопределено време предлагаат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од каде во Собранието доставија нов предлог закон за трансформација.

Предлог – закон за трансформација на работниот однос на пет илјади вработени на неопределено време

Околу 5.000 вработени со договор на дело во јавниот сектор да добијат редовен работен однос на неопределено време предлагаат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од каде во Собранието доставија нов предлог закон за трансформација во редовен работен однос по скратена постапка. Според пратеникот Бојан Стојаноски целта е да им се помогне на илјадници лица кои со години работат со државните и јавните институции на определено време, а немаат како што рече сигурност на работното место, ги немаат сите права на платен одмор, социјално и пензиско осигурување.

- Станува збор за лица ангажирани со договори на определено време, договори на дело, авторски договори, преку агенции за привремени вработувања и други договори за извршување работа. Со решението се опфаќаат органите на државната власт, определени јавни установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите, фондовите и другите институции утврдени со законот, изјави - Бојан Стојаноски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Правото на трансформација ќе се однесува на лицата кои имаат важечки договор на денот на влегувањето во сила на законот и чиј договор останува важечки во моментот на трансформацијата, кажа Стојаноски.

Законот предвидува институциите да не смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека не стапат во сила нивните решенија за вработување, освен во случаите на повреда на договорните обврски согласно законот.

-Институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Притоа, трансформацијата ќе се реализира фазно. За најмногу 50 проценти од опфатените лица, договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, односно донесување. За преостанатите лица, договорите и решенијата ќе стапат во сила најдоцна до 31 декември 2027 година, објасни Стојаноски.

Од законското решение предвидени се и конкретни исклучоци. Изземени се акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, како и високообразовните и научните установи. Од листата исто така изземени се МВР Агенциите за национална безбедност и за разузнавање, БЈБ и уште неколку други.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дојавувале кога доаѓаат УЈП и МВР во „Пулс“ - девет лица обвинети за поткуп, злоупотреби и фалсификување

Две нови обвиненија против вкупно девет лица за злоупотреби поврзани со даночните контроли во дискотеката Пулс во Кочани.

Дојавувале кога доаѓаат УЈП и МВР во „Пулс“ - девет лица обвинети за поткуп, злоупотреби и фалсификување

Тамошното обвинителство поднесе обвинителен акт против три лица – двајца даночни контролори од УЈП кои побарале и примиле очила и рачен часовник со цел да го информираат за ненајавени вонредни контроли во фирмите каде третообвинетиот бил одговорно лице. Според информациите станува збор за инспекторите во штипската дирекција на УЈП, Драган Паунов кој инаку е брат на претседателката на скопскиот Кривичен суд Даниела Димовска, и Дуле Димитриев. Додека Михаил Јованов, синот на Дејан Јованов Деко, е одговорното лице во објектите. Информациите околу даночната постапка кои законски не смееле да ги оддаваат, иснпекторите на Михал Јованов му ги пренесувале преку вибер пораки.

-Двајцата даночни контролори се обвинети и за – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, бидејќи при извршена контрола во правниот субјект во кој одговорно лице бил третиот обвинет, на 06.03.2024 година утврдиле даночни неправилности и нерегистриран промет, но во записникот не ја внеле откриената незаконитост. Со ова на буџетот му нанеле шета од 98.400 денари кои останале како ненаплатена глоба кај прекршителот,- -ОЈО Кочани.

Дел од пораките меѓу Јованов и инспекторите, ИРЛ објави лани во септември. Комуникацијата посочуваше на дојави до дискотеката пред да има инспекциски контроли и подмитувања со подароци. Обвинителството тогаш потврди дека пораките се дел од доказниот материјал.

Шест лица пак се опфатени во обвинителниот предлог - четворица даночни контролори и инспектори од УЈП, и една вработена во ДПИ кои ги вршеле контролите во Пулс и фирмите на кои реален сопственик е Дејан Јованов – Деко, кој е шестообвинет.

-Констатираните неправилности не ги евидентирале и фалсификувале извештаи за извршените надзори. Со тоа на фирмите не им се наплаќале законски предвидените глоби. Во дејствијата на злоупотреба им помогнал и самиот реален сопственик,- -ОЈО Кочани.

Кривичната пријава првично опфаќала уште четири лица за злоупотреба на службената положба. За две лица постапката е запрена поради застареност, додека за другите две е утврдено дека нема дејствија на ова или на друго кривично дело што се гони по службена должност, велат од обвинителството.

Со овие две, за кочанската трагедија со пожарот во дискотеката Пулс каде загинаа 53 лица, досега има шест обвиненија.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

76-годишна жена убиена во својот дом во Ѓорче Петров

Влегле низ задната врата, ја извлекле од постела, ја врзале и малтретирале, а потоа ја ограбиле и убиле, ова се неофицијално деталите од убиството на 76 годишна жена од Ѓорче Петров, која утринава беше пронајдена мртва во својот дом.

76-годишна жена убиена во својот дом во Ѓорче Петров

Станува збор за грабеж кој резултирал со убиство, второ во Ѓорче Петров за само пет дена, откако во населбата во Хром, исто така со траги на насилство, беше пронајден мртов 62 – годишен маж. Жртвата, жителка на улицата Ѓурчин Кокале, утринава околу 9 часот ја пронашна нејзината ќерка, која дошла да ја посети и да и помогне околу домашните обврски. Убиството, според неофицијални информации, не е извршено со огнено оружје.

Токму ова е куќата, белата во позадина каде утринава била пронајдена жената од страна на својата ќерка. Според неофицијалните информации, била убиена во дневната соба.

Убиената била мирна и тивка жена со здравствени проблеми, велат соседите кои се шокирани што на оваа улица, на која немало поголем инцидент, се случило убиство, бидејќи истата важи за една од најбезбедните и најмирните улици во Ѓорче Петров. Сега велат, стравуваат за себе и најблиските.

На оваа улица јас живеам можеби 30-40 години, вакво нешто не се случило, немало ни грабежи, ни ништо. Девојченцето, ете се случило тој ден да одат во Маврово, кога се вратиле, кога ја затекнале, мртва. Значи треба да се заклучуваме и денски и навечер, ниски се оградите. Ова е прва случка ваква, немало досега, не знам за понатаму што да кажам.

Канал 5 ги затекна екипите на МВР кои вршеа увид на местото на злосторството, по сторителите во моментов се трага.

-Во 09:18 часот во СВР Скопје, М.А. пријавила дека во куќа на ул. Ѓурчин Кокале ја пронашла нејзината мајка О.А. без знаци на живот. Од страна на итната медицинска помош констатирана е смрт со видливи траги од насилство,- - Гоце Андреевски – Портпарол на МВР.

Неофицијално, според извори на Канал 5 од истрагата, полицијата истражува дали има можна поврзаност помеѓу двете убиства во изминативе пет дена. Според информациите, и 62 годишникот е убиен по разбојништво. Од обвинителството посочуваат дека се преземаат сите дејствија за расчистување на убиствата.

Неофицијално, едно лице осомничено за двете убиства во скопската населба Ѓорче Петров е приведено и во моментов се наоѓа во полициска станица.. За ова нема официјална потврда од МВР...

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер