Награда од Општина Битола за животно дело на Благоја Стефановски-Баге

Наградата за животно дело на Благоја Стефановски-Баге му ја врачи градоначалникот на Битола Наташа Петровска која јавно честиташе за успесите на Стефановски

Со доделување на наградата за животно дело, која годинава му беше врачена на поранешниот министер за култура и долги години директор на битолскиот театар Благоја Стефановски-Баге, синоќа во Битола завршија празничните манифестации посветени на 4-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.

Во образложението за наградата на актерот во пензија Благоја Стефановски-Баге, претседателот на Советот на Општина Битола Валентин Груевски, воедно и претседател на Управниот одбор за доделување на највисоките општински признанија, истакна дека Стефановски е личност од непроценлива важност за историјата на битолскиот театар, а периодот под водство на Стефановски се смета за најважен период за битолскиот но и македонскиот театар.

Наградата за животно дело на Благоја Стефановски-Баге му ја врачи градоначалникот на Битола Наташа Петровска која јавно честиташе за успесите на Стефановски, како и на добитниците на годишните награди кои им беа доделени на седум поединци и институции и на пет најдобри битолски ученици, или како што рече Петровска броевите на наградените 7 и 5 асоцираат на 75-годишнината од денот на ослободувањето на Битола во 1944 година.

-Нашиот од' продолжува со љубов за Битола. Во овие две години, на половина мандат на новата локална самоуправа покажавме дека нема невозможно, дека се е прашање на желба, на волја, на верба, на работа. Во мене останува желбата и жарот да се постигнува, а не да се победува другиот, рече меѓу другото Петровска на свечената академија во Битола.

За присутните гости од градот и државата, меѓу кои македонските министри Радмила Шеќеринска и Горан Милевски, пратеници и градоначалници од регионот, како и претставници на збратимените градови од Епинал, Франција, Херцег Нови, Црна Гора и Конак, Турција, синоќа во Битола беше приредена богата уметничка програма.

Гасперини: Сега Лигата на Европа е приоритетна цел за Аталанта

Тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини не се откажува од обезбедување место во Серија А кое носи учество во Лигата на шампионите следната сезона, но како приоритетна цел во моментов го посочи дуелот со Марсеј во Лигата на Европа.

Аталанта вчера во натпревар од 34. коло на Италијанското фудбалско првенство го совлада Емполи со 2:0.

- Ако успееме да освоиме што повеќе бодови во домашното првенство нашата позиција на табелата може значително да се промени. Но сега за нас Лига Европа ни е приоритет и мораме да бидеме внимателни, бидејќи Марсеј е силен тим. Во четврток е првиот натпревар од полуфиналната пресметка. Двата меча се важни, но првиот може да малку побитен, изјави Гасперини за „Football Italia“.

Аталанта е шеста во Серија А со 57 бодови.

Во полуфиналето на Лига Европа на 2 мај тимот од Бергамо ќе гостува на Марсеј. /МИА

Белгиски суд го закажа првото сослушување за случајот „Фајзергејт“

Случајот го обелодени „Њујорк Тајмс“ во април 2021 година објавувајќи дека набавката на 1,8 милијарди дози вакцини против Ковид-19 за ЕУ, Фон дер Лајен ја договарала лично во разговор по мобилен телефон со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.

Основниот суд во белгискиот град Лиеж за 17 мај закажа рочиште во чии рамки ќе се одржи сослушување по кое ќе треба да одлучи дали истрагата за сомнежите за неправилности околу набавката на вакцини против Ковид-19 од американската компанија „Фајзер“ од страна на ЕУ е во надлежност на Јавното обвинителството на Белгија или на Канцеларијата на Европско јавно обвинителство (ЕППО).

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за случај, кој во медиумите беше наречен „Фајзергејт“, со кој се поврзува актуелната претседателка на Европската комисија и главна фаворитка за реизбор на функцијата Урсула фон дер Лајен.

Случајот го обелодени „Њујорк Тајмс“ во април 2021 година објавувајќи дека набавката на 1,8 милијарди дози вакцини против Ковид-19 за ЕУ, Фон дер Лајен ја договарала лично во разговор по мобилен телефон со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.

Врз основа на овие наводи, белгискиот активист и лобист специјализиран за трговски односи Фредерик Балдан лани во април поднесе тужба против Фон дер Лајен пред Судот во Лиеж обвинувајќи ја за „злоупотреба на функцијата и звањето“, „уништување на јавни документи“ и „незаконско богатење и корупција“. Дополнително кон тужбата се приклучија и десетина организации и поединци, но и две земји членки на ЕУ - Унгарија и Полска, кои во тоа време беа во спор со Фон дер Лајен, поради одлуката на Европската комисија да ја замрзне исплатата на средства од еврофондовите за нив.

Истрагата веднаш ја презеде Европското јавно обвинителство со образложение дека во негова надлежност се „нанесувањето штета на буџетот на ЕУ, случаи од наднационална природа, како и процеси кои веројатно ќе влијаат на угледот на институциите на ЕУ и довербата на граѓаните“.

Но, од друга страна се појави и спротивно мислење на белгиски истражен судија кој смета дека случајот треба да остане во надлежност на Јавното обвинителство на Белгија и иницираше паралелна истрага по наводите на национално ниво.

Согласно правилата на ЕУ, во случај на судски спор на институција на Унијата со земја членка „за одредување на јурисдикцијата треба да одлучат надлежните национални органи“.

Тоа во конкретниот случај значи дека Судот во Лиеж ќе треба да одлучи во чија надлежност ќе биде истрагата во понатамошната постапка на ЕППО или белгиското Јавно обвинителство. Се очекува на сослушувањето двете страни да изнесат аргументира која од нив треба да биде надлежна за истрагата. По ова, Судот ќе треба да оцени која од двете истраги е законска и треба да продолжи, а која треба да биде прекината.

Инаку ова не е прва правна постапка поврзана со т.н. скандал „Фајзергеј“. Истрага спроведе и Омбудсманот на ЕУ, кој во јуни 2022 година оцени дека станува збор за случај на „лошо администрирање“, додека „Њујорк Тајмс“ во февруари годинава покрена процес пред Судот на правдата на ЕУ.

Сослушувањето во Судот во Лиеж доаѓа на 20-тина дена пред изборите за членови на Европскиот парламент, на кои Фон дер Лајен е т.н. „шпиценкандидат“ на Европската народна партија (ЕПП), односно кандидат за втор мандат на чело на Еврокомисијата. /МИА

Русија: Убиени пет напаѓачи и двајца полицајци во Република Карачај-Черкезија

Петмина милитанти се убиени во руската република Карачај-Черкесија, откако фрлиле бомба врз полицијата и отвориле оган, при што загинале двајца полицајци, а четворица се повредени, соопшти денеска полицијата преку објава на апликацијата Телеграм.

Во полициското соопштение се наведува дека напаѓачите фрлиле бомба од автомобил кон патрола на сообраќајната полиција и отвориле оган од автоматско оружје.

Во конфликтот убиени се двајца полицајци, а ранети се двајца сообраќајни службеници, еден полицаец од областа Курган и еден припадник на Националната гарда.

Убиените напаѓачи беа идентификувани како наводни учесници во нападот врз полицајци на 22 април кога убиле двајца полицајци, а еден го оставиле во критична состојба, откако отвориле оган врз нив и украле оружје и побегнале. Потоа по нив беше распишана потерница. /МИА

притисни ентер