Тој во неделата беше депортиран од Австралија, а вчера слета во Белград. Надал неволно ја коментираше главната тема на прес-конференцијата по победата над Маркос Жирона. Медиумите многу ги интересираше што мисли еден од неговите два најголеми ривали за титулата најдобар тенисер на сите времиња и тенисер кој со него и Федерер е рекордер со по 20 Грен слема.
Надал во неколку наврати бараше од новинарот кој го праша за Ѓоковиќ да го повтори тоа што сака да го каже. Притоа, тој направи гримаси кои станаа вирални на социјалните мрежи. Неговите изрази на лицето се движеа од збунет или восхитен, преку запрепастен до благо насмеан.
Надал најпрвин изјавил дека му е доста од темата, а потоа даде краток коментар во кој не сакаше да открие дали ја бира страната на австралиските власти или на најдобриот тенисер на светот. На ист начин се постави откако за прв пат му беше одземена визата на Ѓоковиќ.
"Малку сум уморен од таа тема. Кога го доби првото судење, реков дека правдата зборува. Вчерашната одлука беше поинаква. Никогаш нема да бидам против тоа што го кажува правдата", изјави Надал и додаде:
"Отсекогаш сум имал добри односи со сите мои ривали. Животот е подобар така. Со Новак е така цел живот. Му посакувам се најдобро. Целата ситуација беше голем хаос, тој не е единствениот кој направи грешки, но и тој е делумно одговорен“.