Периодов има и респираторни и стомачни вируси, и кај возрасни, ама повеќе кај децата, но поопасни се состојбите од последиците на топлото време, предупредува Д-р Мира Атанасова, чија матична ординација и деновиве е полна со пациенти, и мали и големи. Д-р Атанасова вели дека ситуацијата може да биде загрижувачка кај доенчиња кои дехидрирале, а бебињата се разликуваат по однесувањето, па родителите потешко ја препознаваат.
Во летната сезона, кога веќе се започнати и одморите, родителите треба да знаат да ги препознаат и симптомите на сончаница, кои се полесни за детекција кај поголемите деца што веќе говорат, за разлика од помалите што не знаат да објаснат што чувствуваат.
Кај сончаница, потребно е да се даваат течности, да се ставаат ладни облоги, и за ден до два поминува. Лекарите објаснуваат дека за разлика од сончаницата, топлотниот удар е многу посериозна состојба, не мора да бидете на сонце, туку најчесто пациентите се во затворена просторија, чекални, градинки, пекарници, фабрики и доживуваат колапс.