На Светскиот ден на учителите МОН започнува кампања за истакнување на нивната незаменлива улога - Канал 5

На Светскиот ден на учителите МОН започнува кампања за истакнување на нивната незаменлива улога

На Светскиот ден на учителите МОН започнува кампања за истакнување на нивната незаменлива улога во општеството и поголема почит од заедницата.

На Светскиот ден на учителите МОН започнува кампања за истакнување на нивната незаменлива улога

Со старт на кампања за подигнување на јавната свест за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците во општеството, Министерството за образование и наука го одбележува 5 Октомври – Светскиот ден на учителите. Почетокот на кампањата насловена „Магијата е во знаењето“ беше означен со две тематски панел дискусии посветени на институционалниот пристап кон образованието, статусот на наставниците, нивните предизвици и потреби, како и начинот на кој општеството ги вреднува нивната посветеност и влијание.

Во присуство на 100тина претставници на академската и наставничката заедница, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, деканката на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и претседателката на Сојузот на просветни работници на Македонија, Лидија Николовска-Георгиевска испратија порака дека токму наставниците се херои на нашето време. Тие не носат наметки, но секојдневно, со љубов, трпение и посветеност, ја создаваат вистинската магија – ја пренесуваат светлината на знаењето кон младите.

Честитајќи им го празникот празник на сите просветни работници, министерката Јаневска им порача дека се исклучително важни во обликувањето на иднината на нашите деца и на државата и токму затоа институциите заедно со партнерските организации се трудат да го подобрат нивниот општествен и економски статус и да го вратат дигнитетот на наставничката професија.

„Да бидеш наставник не е само обична професија. Наставникот е човекот кому родителите му го доверуваат највредното што го имаат, за да му ја обликува иднината, односно да му пренесе знаења и вештини кои се применливи, во чекор со времето, со науката, технологијата и потребите на пазарот на труд. И токму тука почнува улогата на образовните политики кои треба да обезбедат подготвен, мотивиран наставник, со морален и интелектуален авторитет, кој ќе успее да ја стекне довербата на учениците, да ги интригира и да им овозможи да го реализираат полниот потенцијал“, рече Јаневска.

Посочи дека Владата ќе продолжи посветено да ја поддржува наставничката заедница и да отвора нови можности за нивен, но и за развој и напредок на македонскиот образовен систем.

„Ќе потсетам дека во изминатите 15 месеци, платите на наставниците во училиштата пораснаа за 12%, на универзитетските професори за 14%, овозможивме кариерен напредок во звања советник и ментор и на наставниците и на стручните соработници. Спроведовме бројни обуки за професионална надградба и значително ги подобривме условите за работа со вложени над 67 милиони евра во унапредување на образовната инфраструктура“, потенцираше министерката, додавајќи дека ова се политики кои носат просперитет и подобри времиња за наставниците во Македонија и ќе продолжат да се имплементираат и надградуваат.

Во рамки на првиот настан од кампањата „Магијата е во знаењето“, Министерството за образование и наука и Сојузот на просветните работници на Македонија ги доделија и признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година, кои, како што беше истакнато, претставуваат чин на јавно признание, но и симбол на поширока заложба за градење општество кое активно ја поддржува и вреднува улогата на воспитувачите, наставниците и стручните соработници.

Признанијата ги добија Елеонора Костоска Јованоска - воспитувач во ЈОУДГ „Наша Иднина“ во Прилеп, Фросина Ангелова - педагог во ЈОУДГ „Мајски цвет“ во Скопје, Сузана Ќелешоска - наставник по одделенска настава во ОУ „Мурат Лабуништи“ с. Лабуништа во Струга; Наташа Тодоровска - наставник по одделенска настава во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, Маја Митевска Поцева - наставник по одделенска настава во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип, Павлинка Вељаноска - наставник по музичко образование во ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино, Милица Патраклиева - наставник по географија во ОУ„Лазо Трповски“ во Скопје. Аница Б. Златевска - психолог во ОУ „Коле Канински“ во Битола и Јасмина Денковска - наставник по информатика во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово.

Освен пораките што преку медиумите и социјалните мрежи ќе се споделуваат за важноста на наставниците и на знаењето кое го пренесуваат, во рамки на кампањата ќе се реализираат и повеќе стручни собири, панел дискусии и работилници низ кои МОН ќе допре до секој ученик, родител и наставник, а сите заедно ќе го вратиме сјајот и достоинството на најважната професија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска Давкова: Ги охрабрувам жените да се информираат навреме и да не ги одложуваат редовните прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова присуствуваше на настанот „Розов пикник појадок“.

Сиљановска Давкова: Ги охрабрувам жените да се информираат навреме и да не ги одложуваат редовните прегледи

„Утрово, Градскиот парк осамна во розово, а Школка се отвори за „Розовиот пикник појадок“, каде што разговаравме и ги слушнавме искуствата на жените кои се борат со рак на дојката, но и укажувањата за важноста на превентивните прегледи.

Денот мина во розов ритам, со гласовите на женскиот хор „Фрида“, розовата прошетка и различните содржини: од практична демонстрација за самопреглед на дојките и консултации со специјалисти за реконструктивна хирургија, до „Писмо до идната јас“, како порака што ќе нè пречека по една година.

Ме радува присуството на министерот за здравство Сашо Клековски и неговата поддршка на работата на ХЕМА-ОНКО, во функција на создавање услови за унапредување на превенцијата и навременото откривање, но и за подобра и подостапна грижа за женското здравје.

Ги охрабрувам девојките и жените да се информираат навреме и да не ги одложуваат редовните прегледи, оти сопственото здравје мора да биде императив.

Посакувам „розовото“ што денеска нè обедини да не остане само симбол врзан за октомври, туку да ја обои целата година со повеќе навремено откриени случаи и спасени животи.“- објави Сиљановска Давкова на Фејсбук.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: До кога Заев и Филипче? Додека ви треба алиби за изолацијатa, економската и дипломатска катаклизма?

ВМРО-ОКГ повторно: квислинзи, распродажба, а тие „боксувале достоинствен пат“. Нема документ. Нема подобари услови. Има само етикета.

СДСМ: До кога Заев и Филипче? Додека ви треба алиби за изолацијатa, економската и дипломатска катаклизма?

Таа влада ја воведе земјата во НАТО. Вие бевте против. Сега Тимчо вели: тоа е најдобра работа за земјата и за инвестициите.

Инвеститорите ги растеравте. Останаа оние за антимон рудници и дата-центри за туѓа дигитализација и туѓи профити.

Таа влада ги отвори преговорите со ЕУ. Вие ги кочите. Намерно ја изолирате земјата.

Задолжително стана одењето пред Лаура Ковеши, европското обвинителство, пред влез. Тогаш некој ќе мора да одговара. Тоа не го сака арамијата Мицкоски.

Таа влада беше првата демократска по десет години мрак.

Мрак поради истата оваа банда што денеска е на власт. Само тогашните чираци станаа мајстори на арамискиот занает.

Таа влада донесе слобода на медиумите и на говорот. Таа влада на 27 април сакавте да ја запрете.

Таа влада имаше 250 милиони евра инвестиции во еден квартал. Оваа банда само 18 милиони.

Таа влада правеше прослава за НАТО со денови по градовите, за 280.000 евра. Вие - славевте со Гета за 5,53 милиони евра.

Таа влада помина една од најголемите кризи во светот: ковид кризата, потоа енергетска криза и почеток на војната во Украина. Им помагаше на граѓаните со пакети мерки. Ги зголеми платите и пензиите.

Во таа влада доаѓаа странски државници. Не мораше трговец со оружје да им плаќа лобирање за средба по ходници.

За таа влада Фон дер Лајен рече дека имала храброст за важни политички одлуки.

За истата Преспа што Мицкоски денес ја нарекува ремек-дело на дипломатијата, а Силјановска вели дека идентитетот, јазикот и културата се заштитени благодарение на неа.

А вие што направивте, освен криминални тендери? Што направи Мицкоски, освен што ја изолира земјата, ги задолжи децата и внуците за 4 милијарди евра за две години - половина од долгот напрсвен од независноста до денес, земјоделците ги доведе до работ на егзистенција, граѓаните ги осиромаши! Економска катаклизма. Армагедон за Македонија.

Што направивте вие, големи патриоти со бугарски државјанства и фирми? Освен што како скакулци изедовте сè.

Имате ли барем нешто со што да се пофалите? Немате.

Имате квислинг и сателит за партнер, и банда на своја сметка.

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре сончево и релативно топло

Утрото ќе биде ведро и студено, а во текот на денот сончево и релативно топло. 

Утре сончево и релативно топло

Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 22 до 29 степени.

Во Скопје, сончево и релативно топло со слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 27 степени.

Во следните денови времето ќе биде релативно топло. До среда утрата ќе бидат ведри и студени, а во текот на денот ќе преовладува сончево време. Од четврток ќе има зголемување на облачноста и утринските температури ќе бидат во пораст. Услови за локален дожд ќе има во петок.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер