На Синер не му е дозволено да тренира! - Канал 5

На Синер не му е дозволено да тренира!

Најдобриот тенисер во светот Јаник Синер, по препорака на лекарите, нема да може да тренира најмалку до 6 септември.

На Синер не му е дозволено да тренира!

По новите прегледи на десното колено, му беше препорачан целосен одмор од сите видови тренинзи, додека Италијанецот истовремено продолжува да закрепнува од проблемот поради кој мораше да го откаже учеството на УС Опен.

Имено, Синер беше подложен на нови прегледи во Торино, каде што му беше наложено да мирува во текот на наредните десет дена. Според информациите од италијанските медиуми, прегледот не покажал пукнатина, но воспалението на десното колено сè уште не е целосно санирано.

„Газета дело Спорт“ пишува дека резултатите од прегледот наложиле Синер целосно да мирува оваа недела, а не е исклучено периодот без тениски тренинзи да се продолжи и во текот на наредната. Најраниот датум за враќање на тениските тренинзи моментално е 6 септември.

Тогаш Синер би требало повторно да започне со работа на теренот, доколку состојбата на неговото десно колено се подобри.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Проштална средба на претседателот на Собранието со амбасадорот на Казахстан

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорот на Република Казахстан во Република Македонија, Н.Е. г. Садбалди Буршаков.

Проштална средба на претседателот на Собранието со амбасадорот на Казахстан

На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за ангажманот на амбасадорот Буршаков во унапредувањето на пријателските односи меѓу двете земји, при што беше истакнат напредокот постигнат во билатералната, економската и парламентарната соработка.

Беше поздравено успешното заокружување на преговорите за трите значајни договори од правната сфера – за заемна правна помош во кривични предмети, трансфер на осудени лица и екстрадиција. Како значаен чекор во продлабочувањето на економската соработка беше издвоено и потпишувањето на Протоколот за првата сесија на Заедничката комисија за трговија и економска соработка, како и Меморандумот за разбирање за економска соработка.

Претседателот Гаши посочи дека постои простор за натамошно јакнење на парламентарните односи, особено преку Пратеничката група за соработка со Казахстан и редовниот контакт меѓу двата парламента. Тој го поздрави и отворањето на резидентната Амбасада на Казахстан во Скопје, оценувајќи го како важен исчекор во односите меѓу двете земји.

Амбасадорот Буршаков се заблагодари за досегашната соработка и поддршката во текот на неговиот мандат во Македонија. Тој сподели позитивни впечатоци од своето дипломатско искуство во земјата и истакна дека со задоволство ќе ги памети контактите и пријателските односи воспоставени во текот на неговиот мандат. Воедно, изрази уверување дека соработката и пријателските односи меѓу Казахстан и Македонија ќе продолжат да се продлабочуваат.

На крајот, претседателот Гаши му упати најдобри желби на амбасадорот Буршаков за успех во идните професионални ангажмани, со уверување дека досегашната добра соработка ќе продолжи и во иднина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Фон Дер Лајен: Нови патокази за Западен Балкан, без отстапки од вредностите

Состојбата на Европската унија е најсилна но и најнесигурна досега, посочи претседателката на Европската Комисија -  Урусла фон дер Лајен во нејзиниот годишен говор денеска во Стразбур. 

Фон Дер Лајен: Нови патокази за Западен Балкан, без отстапки од вредностите

Без да се осврне подетално на процесот на проширување, Фон Дер Лајен најави дека наскоро ќе бидат објавени патокази за најуспешните земји кандидатки, кои како што нагласи ќе мора да ги почитуваат основните вредности на Унијата. Фон Дер Лајен и во оваа прилика не ја одмина глорификацијата на осудениот за воени злосторства – Ратко Младиќ, која ја посочи како недозволива.

-Наскоро ќе предложиме патокази за кандидатите што постигнале најголем напредок. Овој процес ќе продолжи да се базира на заслуги и драги пратеници, повторувам, почитување на нашите вредности, што не е предмет на преговарање. Бев ужасната од сликите од погребот на Ратко Младиќ во Белград,- -Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европска комисија.

-Проширувањето на Унијата со полноправни членки, а можеби и со придружни членки, е во наш стратешки интерес. Не може да има скратени патишта, но не смееме да го изгубиме моментумот во овој процес, -Томас Бирн, ирско претседателство со советот на ЕУ.

Европската Унија и официјално ја покани Канада да стане нејзината прва придружна членка. Овој сојуз за иднината, како што го опиша Урсула фон дер Лајен, ќе значи здружување на европските и канадски сили во клучни и стратешки области како индустријата, технологијата и одбраната.

-Сакаме да ги подигнеме односите со Канада на највисоко можно ниво. Затоа би сакала да соработувам со вас (премиер Карни) за да ја отвориме вратата за Канада да биде првата придружна членка на Европската Унија,- -Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европска комисија.

ЕУ ќе создаде свој Совет за безбедност и сопствен механизам налик на Натовскиот член 4 односно протокол за итна безбедност, нагласи претседателката на Европската Комисија, во чиј говор преовладуваа темите од одбраната и безбедноста на Унијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

САД најавуваат нов пристап кон Балканот: Крај за „градењето“ држави, приоритет на економската соработка

Под администрацијата на Трамп, САД веќе нема да се ангажираат за „градење“ држави на Балканот, туку ќе се посветат на стабилноста и безбедноста, одржување позитивни односи и економска соработка, порача Даниел Лотон.

САД најавуваат нов пристап кон Балканот: Крај за „градењето“ држави, приоритет на економската соработка

Под администрацијата на Трамп, САД веќе нема да се ангажираат за „градење“ држави на Балканот, туку ќе се посветат на стабилноста и безбедноста, одржување позитивни односи и економска соработка, порача Даниел Лотон, заменик помошник државен секретар во чија надлежност е Балканот, кој сведочеше пред Комитетот за надворешни работи на американскиот Претставнички Дом при што официјално ја претстави стратегијата на администрацијата на Трамп за Западен Балкан. „Ерата на надворешно наметнато градење држави е завршена“, изјави Лотон во своето обраќање пред конгресмените.

Зборувајќи за секоја држава посебно и Македонија доби конкретно место во новата американска слика за регионот. Се очекува Македонија да биде клучна држава за изградбата на транс-балкански гасовод за транспорт на американски гас од Грција.

-Македонија реално е на пат да го постигне договореното ниво на инвестиции во одбраната како НАТО членка и да ја подобри нашата одбранбена соработка. Стратешкиот дијалог меѓу САД и Македонија се одржа во април и притоа беше реафирмирана подготвеноста на двете земји да работат заедно на унапредување на овие стратегиски линии, пишува во подготвената изјава на заменик помошник секретарот Лотон доставена до комитетот на Конгресот.

Фокусот на расправата во Конгресот најмногу беше за случувањата и односите на САД со Србија, Босна и Херцеговина и Косово. Повеќе конгресмени се фокусираа и за претстојните избори во Србија закажани за во октомври и нејзините односи со САД, Русија и ЕУ, како и, како што беше посочено, кинеското влијание таму. Лотон ги посочи Русија и Кина како ривали што претставуваат закана за американските интереси на Балканот, но посочи дека САД немаат намера да му го препуштат регионот на геополитичкото влијание на Москва и Пекинг.

-Тесно соработуваме со нашите НАТО сојузници, Албанија, Црна Гора и С. Македонија за нашите заеднички безбедносни цели како да се справиме со транснационалните криминални организации. Можам да ви кажам дека ние секако имаме геополитички ривали особено Кина и Русија кои претставуваат ризик за стабилноста на Западен Балкан. Затоа сакаме позитивни односи во целиот регион со сите земји во Западен Балкан да се поттикне стабилноста која е во интерес на сите нас. Во однос на Европската Унија, ние не заземаме став за членство, тоа е одлука што самите земји од Западен Балкан треба да ја донесат во соработка со Унијата, изјави Лотон.

Лотон ги повика Приштина и Белград да избегнуваат провокации и да се вратат на директен дијалог, поздравувајќи го напредокот постигнат преку Стратешкиот дијалог со Србија, како и инфраструктурните и енергетските партнерства со Македонија и Црна Гора.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер