На денешен ден - Канал 5

На денешен ден

21 март 2026.

На денешен ден

- Светски ден на поезијата

- Ден на пролетта

1556.- Кентерберијскиот надбискуп Томас Кренмер бил запален како еретик за време на римокатоличката реакција на кралицата Мери Прва. Како главен застапник на верската реформа во Англија вовел литургија на англискиот јазик и го составил „Општиот молитвеник“ на англиски.

1685.- Во Ајзенах е роден Јохан Себастијан Бах, германски композитор, еден од најголемите композитори во историјата на музиката. Бил познат како виртуоз на оргули. Тој го довел до совршенство барокот, усовршувајќи ги и продлабочувајќи ги дотогашните средства на музичкиот израз. Се смета дека неговите "Голдберг-варијации" за инструменти со калвиши и жици претставуваат ремек-дело. Умрел во Лајпциг, на 28 јули 1750 година.

1806.- Роден е мексиканскиот државник Бенито Пабло Хуарес, по потекло од селско индијанско семејство, кој како претседател го донесол законот за одвојување на црквата од државата и спровел низа мерки значајни за социјалниот и економскиот развој на земјата. Во текот на француската интервенција од 1861 до 1867 година ја предводел борбата за независност на земјата.

1829.- Во земјотресот што ја зафатил Шпанија загинаа 6.000 луѓе.

1839.- Во селото Крево, Псковско, е роден Модест Петрович Мусоргски, руски композитор, претставник на руската национална школа, застапник на реалистичкиот правец, член и најславен творец на композиторската „Група на петмина“. Поважни дела му се оперите „Борис Годунов“, „Хованшчина“, „Сорочински саем“, клавирската композиција „Слики од изложбата“ и други. Умрел во Санкт Петербург, на 28 март 1881 година.

1871.- Канцеларот Ото фон Бизмарк ја отворил првата седница на Рахјстагот (собранието) на новосоздаденото Германско царство.

1884.- Во Франција биле легализирани синдикатите.

1913.- Во Луковдол, Горски Котор, е роден Иван Горан Ковачиќ, хрватски поет, есеист, новинар, полемичар, преведувач и борец во НОВ. Автор бил на потресната поема „Јама“ во која ги прикажува воените пустошења и злосторства. Убиен бил за време на Втората светска војна, кон средината на јули 1943 година.

1917.- Бољшевиците го уапсиле рускиот цар Николај Втори и го принудиле да абдицира. Царот, сите членови на неговото семејство и послугата, по наредба на Ленин биле ликвидирани, а потоа и искасапени во Екатеринбург (подоцна Свердловск) во јуни 1918 година.

1936.- Во Париз умре Александар Константинович Глазунов, руски композитор, изразит симфоничар, еден од последните следбеници на руската национална школа. Компонирал претежно програмска музика, симфониски песни, симфонии, балети, камерна и солистичка музика. Најпознати му се делата „Стенка Рјазин“, „Рајмонда“ и други. Роден е во Санкт Петербург, на 10 август 1865 година.

1947.- Во зимскиот спортски центар Попова Шапка се одржал Првиот шарпланински смук, најстара спортска меѓународна манифестација во Македонија. Се натпреварувале триесеттина смучари од Унгарија, Романија, Бугарија и од СФР Југославија. Победил Унгарецот Петер Силко.

1960.- Во Сао Паоло е роден Аиритон Сена, еден од најголемите возачи на автомобилското натпреварување во светот на „Формула 1“. Загинал за време на трката во Имола, Италија, на 1 мај 1994 година.

1963.- Затворен бил злогласниот затвор „Алкатраз“ во заливот Сан Франциско.

1973.- На вонредното заседание на Советот за безбедност на Обединетите нации во Панама, САД и ставиле вето на резолуцијата со која се барало на Панама Вашингтон да и го врати назад суверенитетот врз зоната на Панамскиот канал.

1975.- Комунистичката влада на водачот на пучистите во Етиопија потполковникот Менгисто Хаиле Маријамо соопшти дека е укинато 3.000 години старото царство. Последниот цар Хаиле Селаси, иако бил симбол на борбата за слобода, најбрутално бил убиен, а на јавноста и било соопштено дека умрел од природна смрт.

1994.- Владата на Република Македонија донесла одлука за пристапување на Република Македонија кон Постојаниот комитет за информирање за индустриска сопственост на Светската организација за интелектуална сопственост.

1997.- Претседателите на Русија и САД, Борис Елцин и Бил Клинтон, на самитот во Хелсинки дале согласност за намалување на нуклеарните арсенали на двете земји.

1997.- Умрел Ежен Гилвик, француски поет со висока меѓународна репутација, добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1976 година. Автор е на триесеттина книги поезија, разговори, драмски преводи и други. Роден бил во Карнак, во 1907 година.

1998.- Умрела руската балерина Галина Сергеевна Улјанова, водечка балерина во „Бољшој театарот“ по Втората светска војна. Дебитирала во 1928 година во театарот „Киров“, по што набрзо станала прва балерина на „Бољшој театарот“. Прекрасно ги толкувала водечките рољи во балетите „Лебедово езеро“, „Заспаната убавица“, „Оревокршачка“, „Жизел“, „Пеперутка“, „Ромео и Јулија“. На крајот на играчката кариера станала балетски педагог во кореографската школа на „Бљшој театарот“.

1998.- Во Скопје било одржано Основачкото собрание на политичката партија Демократска алтернатива. За претседател бил избран д-р Васил Тупурковски.

2000.- Поглаварот на Римокатоличката црква папата Јован Павле Втори допатувал во прва официјална посета на Израел.

2004.- Во судирот на непалските трупи со маоистичките бунтовници загинаа најмалку 500 бунтовници и 18 војници и полицајци.

2007.- Најмалку 31 лице го загубиле животот во одроните на земјиштето предизвикано од обилните дождови во пакистанскиот дел на Кашмир.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЈП Комунална хигиена-Скопје спроведува активности за чистење на просторот под Камениот мост

Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје извршија целосно расчистување и рачно миење на целокупниот простор под Камениот мост во Скопје.

ЈП Комунална хигиена-Скопје спроведува активности за чистење на просторот под Камениот мост

Во овој период беа отстранети и вкупно 905 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад – вкупно 190 кубни метри, е расчистено во општината Ѓорче Петров.

Претпријатието подигна и транспортира приближно 3000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје. Воедно продолжи и замената на старите и дотраени контејнери со новите садови наменети за одлагање на комуналниот отпад, при што во моментов се заменети вкупно 700 контејнери.

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 25 записници за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број на записници – вкупно 10, беа врачени на територијата на скопската општина Чаир.

Со еко-работилници во градинката Снежана лоцирана во општината Чаир, ЈП Комунална хигиена-Скопје ги започна едукативните активности за правилно постапување со отпадот за учебната 2026/2027 година.

Во работилниците учествуваа вкупно 150 дечиња од двата објекта на градинката, коишто се запознаа како правилно да го одлагаат отпадот и да ја вршат неговата примарна селекција и како се одвива процесот на рециклирање и реупотреба на комуналниот отпад.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МЗ: Во Македонија првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром

Во Македонија првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром, ретка наследна генетска болест која го оштетува бубрежното ткиво и може да доведе до бубрежна слабост.

МЗ: Во Македонија првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром

По спроведените потребни медицински испитувања, утврдена е компатибилност меѓу донорот и примателот, а мајката е оценета како соодветен жив дарител. Нејзината одлука му дава на детето нова шанса за живот и претставува значаен медицински успех во третманот на пациентите со ретки заболувања.

„Ова е пример за најдоброто во нашето здравство – стручност, тимска работа и човечност. Секој трансплантиран бубрег значи нова шанса за живот“, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.

Пред неколку дена, министерот Клековски ги посети пациентите на кои им беше извршена трансплантација на бубрег на Универзитетската клиника за урологија. Кај двајца пациенти беше трансплантиран бубрег од починат дарител, додека кај третиот беше извршена трансплантација од жив дарител.

Со овие три трансплантации, вкупниот број трансплантации на бубрег на Универзитетската клиника за урологија годинава достигна 15, во споредба со 11 трансплантации во текот на цела 2025 година.

Алпортовиот синдром е ретка наследна болест која го зафаќа бубрежното ткиво, а во потешките случаи може да доведе до бубрежна слабост и потреба од дијализа. Овој случај покажува дека со соодветна дијагностика, темелна медицинска процена и внимателна подготовка, трансплантацијата може да биде можност и за пациенти со ретки генетски заболувања.

„Упатуваме благодарност до семејството за довербата и за согласноста случајот да биде јавно споделен, како и до целиот медицински тим кој деноноќно е вклучен во оваа сложена медицинска постапка“, изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонски концепт: Прославувањето на српското освојување на Македонија е навреда за македонскиот народ

Македонски Концепт изразува остро противење на прославите на Зебрњак, со кои се велича српската воена победа од 1912 година.

Македонски концепт: Прославувањето на српското освојување на Македонија е навреда за македонскиот народ

Македонски Концепт изразува остро противење на прославите на Зебрњак, со кои се велича српската воена победа од 1912 година, по која следува воспоставување српска окупаторска власт врз Вардарска Македонија и жесток српски терор врз етничките Македонци и други несрпски народи во Македонија. За македонскиот народ, овие историски настани не претставуваат национално ослободување, туку почеток на нов период на туѓа власт, национално потиснување и негирање на македонската посебност - етноцид.

Неприфатливо е на територијата на Македонија да се слават историски настани кои за етничките Македонци претставуваат симбол на окупација и национално понижување. Ваквите манифестации, особено кога имаат карактер на шовинистичко величање на минатите освојувања, можат да предизвикаат меѓуетнички тензии, да ја нарушат меѓусоседската доверба и да ги оживеат историските поделби во регионот.

Македонски Концепт смета дека почитувањето на српската историска меморија не смее да се претвори во негирање на македонското историско искуство. Историските освојувања не смеат да бидат повод за современи националистички демонстрации на територијата на Македонија.

Ги повикуваме надлежните македонски институции да обезбедат почитување на достоинството на македонскиот народ и да реагираат на секое јавно поттикнување етничка омраза или величање на национално потчинување. Посебно очекуваме од министерот за култура Седат Сулејмани да преземе соодветни мерки за забрана на вакви настани во иднина.

Македонски Концепт се залага за пријателски и рамноправни односи со Република Србија, засновани врз заемно почитување, историска чувствителност и почитување на македонскиот национален идентитет. Пријателството меѓу народите се гради со меѓусебна почит, а не со прославување на историските порази и страдања на соседите. Македонија мора да биде држава во која историското достоинство на македонскиот народ ќе биде почитувано и заштитено.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер