На денешен ден - Канал 5

На денешен ден

1 март 2026.

На денешен ден

1498.- На патот кон Индија, португалскиот морепловец Васко де Гама како прв Европеец испловил на брегот на сегашната африканска држава Мозамбик.

1562.- Француските римокатолици, со благослов од Ватикан, најбрутално претепале околу 1.200 хугеноти (француски протестанти), предизвикувајќи ја религиозната војна којашто траела до 1598 година.

1643.- Умрел Џироламо Фрескобалди, италијански оргулист и композитор, најголем мајстор на оргули во своето време. Роден бил во 1583 година.

1810.- Роден е Фредерик Шопен, славен полски композитор и пијанист. На 20-годишна возраст се населил во Париз, каде што останал се до својата смрт. Тој е типичен претставник на националниот романтизам, а компонирал класична музика. Напишал два концерта за клавир и оркестар, околу 700 сонати, голем број полонези, валцери, ноктурна, прелудиуми и друго. Припаѓал на кругот на париската општествено-културна елита и на полските политички емигранти. Умрел на 17 октомври 1849 година.

1815.- Францускиот цар Наполеон Први со мала група следбеници испловил на брегот на Франција напуштајќи го медитеранскиот остров Елба на кој бил заробен по неговата абдикација во април 1814 година. Набрзо триумфално влегол во Париз со што ја повратил власта, а со тоа започнала неговото второ владеење познато како „100 дена“, кое завршиле во јуни истата година со воениот пораз кај Ватерло.

1879.- Роден е бугарскиот државник Александар Стамболиски, водач на Земјоделскиот народен сојуз и претседател на владата на Бугарија од 1920 до 1923 година, кога е соборен со профашистичкиот удар и набрзо убиен. Како шеф на владата се стекнал со исклучителна популарност кај народот, бидејќи спровел аграрни и даночни реформи, национализирал неколку банки и настојувал да ги измени внатрешната и надворешната политика на династијата Кобург.

1886.- Роден е австрискиот сликар Оскар Кокошка, еден од најистакнатите претставници на експресионистичкото сликарство. Во 1938 година пребегал во Велика Британија. Во текот на Втората светска војна сликал големи композиции со хуманистички пораки.

1898.- Во селото Тресонче, Гостиварско, е роден Димитар Пандилов Аврамовски Зографски, македонски сликар. Академија завршил во Софија, во 1924 година. Извесно време бил на постдипломски студии во Париз. Во почетокот сликал под влијание на својот професор Н. Маринов. Претежно работел мртви природи во акварел. Познати му се циклусите „Жетви“, „Железнички станици - вагони“, „Збегови“ и други. Самостојно излагал во Франција, во Бугарија и во Скопје. Умрел во Скопје од последиците на катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година.

1905.- Во близина на селото Смол, Гевгелиско, во борба против турската војска загинал (откако му снемало муниција, за да не падне жив во рацете на непријателот, испил отров) Сава Михаилов, популарно наречен Савата, македонски револуционер и војвода. Роден бил во селото Мачуково, Гевгелиско, на 25 декември 1877 година.

1909.- Роден е англискиот театарски и филмски глумец Џејмс Дејвид Греем Нивен, добитник на Оскар во 1958 година за филмот „Одвоени столици“. Во триесеттите години од 20. век отишол во Холивуд, а во Втората светска војна бил командос во војската на САД. Останати филмови: „Патот околу светот за 80 дена“, „Касино Ројал“.

1914.- Роден е американскиот писател од африканско потекло Ралф Валдо Елисон, чиј роман „Невидливиот човек“ е еден од најимпресивните во американската книжевност по Втората светска војна.

1922.- Роден е израелскиот државник Јицак Рабин, премиер од 1974 до 1977 и од јуни 1992 до 4 ноември 1995 година, кога во моментот на напуштањето на митингот на кој зборувал бил убиен од атентаторот Јигал Амир.

1933.- Во Штип е роден Благоја Чешларов, истакнат музичар на македонската естрада, музички педагог, уметник-интерпретатор кој со своите изведби и беше познат на пошироката јавност во земјата и во странство. Умрел во Белград, на 19 ноември 1985 година.

1938.- Умрел италијанскиот писател и политичар Габриел Данунцио, изразит есеист. Најдлабока трага во литературата оставил со збирките песни „Рајска поема“ и „Алкиона“. Во политиката бил изразит претставник на италијанскиот национализам, па дури и на фашизмот. Други дела: „Огин“, „Мртов град“, „Франческа да Римини“, „Џоконда“.

1941.- Во Втората светска војна Бугарија пристапила кон Тројниот пакт и веќе на 2 март 1941 година во неа преку Романија почнале да влегуваат германските трупи.

1943.- Британското воено воздухопловство во Втората светска војна почнало систематски да ги бомбардира европските железнички системи на териториите кои б9иле под германска контрола.

1954.- САД соопштиле дека на пацифистичкиот остров Бикини ја изведоа првата проба на хидрогенските бомби.

1959.- Архиепископот Макариос Трети се вратил на Кипар по бегството на Сејшелските острови, на кои во 1956 година го протерале Британците. Кон крајот на 1959 година, Велика Британија, Грција и Турција се договориле за независност на Кипар, а Макариос во 1960 година станал првиот претседател на Кипарската Република и останал на таа функција се до смртта во 1977 година.

1966.- По три и пол месеци лет, на Венера се спуштила советската „Венера III“, првиот вселенски брод кој допрел до некоја друга планета.

1991.- На првите слободни избори во Албанија, Албанската партија на трудот (комунистите) освоиле 176 од 250-те пратенички места и ја задржале власта, но претседателот на партијата Рамиз Алија загубил во својата изборна единица.

1994.- Владата на Словачката Република донесла одлука за признавање на Република Македонија и за воспоставување дипломатски односи на ниво на амбасади.

1997.- Албанската влада на Сали Бериша поднесла оставка, по двомесечните крвави нереди предизвикани со крахот на штедилниците во кои десеттина илјади граѓани ја загубиле животната заштеда.

2006.- Објавено било банкротството на некогашниот гигант на советската автоиндустрија, фабриката „Москвич“. Долговите на „Москвич“ од една милијарда долари не и овозможиле на оваа компанија да продолжи со понатамошно производство на автомобили и резервни делови. Московската фабрика за автомобили била основана во 1930 година, како филијала на фабриката „Горки“, а сериското производство на првите модели на легендарниот „москвич“ почнале во 1947 година. Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век произведен бил четиримилионскиот „москвич“.

2007.- Иранската Револуционерна гарда убила 17 бунтовници во судирите близу границата со Турција. Курдските бунтовници со децении се борат против иранските власти. Курдите, кои ги има преку 25 милиони, се најголемиот народ во светот кој нема своја држава.

2014.- Во Париз на 91-годишна возраст починал францускиот синеаст Алан Рене. На 64-ти Филмски фестивал во Берлин му била оддадена почит со неговиот последен филм „Да се љуби, пие и пее“. Во неговата долга филмска кариера, тој меѓу другото ги реализирал филмовите „Ноќ и магла“, документарен филм за нацистичките концентрациони логори, „Хирошима љубов моја“, „Мојот вујко од Америка“, „Смокинг, но смокиниг“, „Ја знаеме песната“. Алан Рене имал добиено два Цезари за најдобар режисер и еден Оскар за најдобар краткометражен филм („Ван-Гог“).

2019.- Почина виолинистот и концерт мајстор во МОБ, Ѓоко Николовски. Тој бил највозрасниот активен музички уметник во нашата земја, што претставува раритет од пошироки рамки. Во Операта и балетот на Македонскиот народен театар учествувал од нивното формирање, каде го поминал целиот работен век до своето пензионирање. Работел како виолинист, а набрзо станува прв концерт-мајстор каде останал повеќе од 30 години. Имал чест и привилегија да соработува со плејада светски диригенти, како што се: Ловро Матачиќ, Игор Маркиевиќ, Карло Цеки, Бенвенути Корадо, Теодор Вавајанис, Фабијан Севицки, Сергиу Челибидаке, Зубин Мехта, Клаудио Абадо и многу други. Соработката со врвни светски диригенти придонела Николовски да стекне врвно уметничко искуство и огромен репертоар од областа на операта и балетот. Во неговата уметничка дејност посебно место зазема интензивното негување на камерната музика и се истакнува како водач на квинтетот на МОБ и многу други состави. Ѓоко Николовски бил роден на 14 август 1927 година во Битола.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мајка монструм: Отишла во Лас Вегас да се коцка и пет дена ги оставила сами четирите мали деца (ВИДЕО)

Мајка на четири деца од Флорида е уапсена на аеродром откако наводно ги оставила своите деца сами дома со денови додека патувала за Лас Вегас.

Мајка монструм: Отишла во Лас Вегас да се коцка и пет дена ги оставила сами четирите мали деца (ВИДЕО)

Ирена Милер, 50, беше приведена од заменик-шерифската канцеларија на округот Осеола веднаш штом излезе од авион на меѓународниот аеродром Орландо во петокот.

Снимките од камерата на телото покажуваат како полицајците се приближуваат кон Милер, која носела кафеав деловен костум и шал, на мостот за заминување, а потоа ја шетаат низ аеродромот до полициското возило што чека, објавува „Дејли меил“.

Потоа таа била однесена во канцеларијата на шерифот, каде што била обвинета за четири обвиненија за занемарување на дете без да предизвика сериозни телесни повреди и е приведена во затворот во округот Оринџ.

Полицајците изјавија дека истрагата за наводното занемарување на дете од страна на Милер започнала откако добиле телефонски повик кратко по 20:30 часот во среда.

Во повикот, малолетник пријавил дека неговиот деветгодишен брат бил удрен од тег што му паднала на главата во нивниот стан на булеварот Парквеј во Кисими.

Кога полицајците пристигнале на местото на настанот, пронашле четири деца, на возраст од девет, 11, 12 и 14 години, без надзор.

Деветгодишното момче било однесено во болница со брза помош и противпожарна служба поради повредите. Подоцна бил пуштен од болница.

Во меѓувреме, полицајците успеале да ја контактираат Милер по телефон, која наводно им рекла дека работи во Лас Вегас и планира да се врати дома во петок.

Истражителите подоцна дознале дека Милер отпатувала во Лас Вегас на 18 октомври, пет дена пред нејзиното закажано враќање дома.

Според нејзините објави на социјалните мрежи, Милер, професионална фотографка, изгледа работела со клиент поврзан со франшизата „Better Homes and Gardens Real Estate“.

Таа наводно им рекла на заменик-шерифите дека има дадилка која патува од Тампа секое утро за да ги подготви децата за училиште и дека дадилката ќе ги проверува попладне, но дека не ѝ треба дадилката да преноќи.

По разговорот со децата, заменик-шерифите го контактирале таткото на децата, кој ги вратил сите четири деца во својот дом.

Кога Милер слета на меѓународниот аеродром во Орландо во петокот, заменик-шерифите ја чекаа и ја уапсија на местото на настанот.

„Канцеларијата на шерифот на округот Осеола нема да толерира занемарување на деца“, рече шерифот Крис Блекмон во соопштението.

„Овие случаи ќе бидат истражени и ќе бидат поднесени обвиненија против родителите кои не ги надгледуваат или не се грижат правилно за своите деца.“

Не е јасно дали мајката-монструм ангажирала адвокат да зборува во нејзино име.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Одмазда на Макрон: Франција носи закон за демонстрантите да плаќаат штета во немирите

Според предложениот закон, кој треба да го усвои Националното собрание, од демонстрантите може да се бара да платат до 10.000 евра за штетата предизвикана за време на демонстрациите.

Одмазда на Макрон: Франција носи закон за демонстрантите да плаќаат штета во немирите

Францускиот Сенат усвои нацрт-закон со кој демонстрантите ќе бидат финансиски одговорни за штетата предизвикана за време на демонстрациите.

Сенатот ја усвои проширената верзија на законот со 229 гласа „за“ и 105 „против“. Предлогот беше поддржан од сојузот на десниот центар, кој има мнозинство во Сенатот, пренесува Euronews.

Предлог-законот сега оди во политички поделеното Национално собрание, каде што ќе биде разгледан и ставен на гласање. Законот беше предложен откако избија големи немири откако Пари Сен Жермен го победи Арсенал во финалето на Лигата на шампионите на УЕФА во мај.

Предлогот оттогаш доби ново значење откако протестите поради нееднаквоста и зголемените цени станаа насилни на 17 октомври, при што илјадници бизниси беа оштетени или ограбени.

Говорејќи пред парламентот, министерот за внатрешни работи на Франција, Лоран Нуњез ја истакна „итноста“ да се одговори на штетата и сцените на хаос забележани на 17 октомври.

„Не можеме повеќе да дозволиме огромното мнозинство наши сограѓани да плаќаат за постапките на малцинство вандали“, рече тој.

Критичарите предупредуваат на финансиски последици за ранливите семејства

Критичарите предупредуваат дека дури и лицата кои лично не направиле штета може да бидат прогласени за финансиски одговорни доколку се утврди дека свесно учествувале во група формирана за да изврши вандализам.

Предлог-законот, исто така, ќе дозволи да се повлечат социјални и станбени бенефиции за покривање на штетите, што наиде на критики од левичарските пратеници и групите за човекови права.

Амнести интернешнал предупреди дека овие мерки може да ги турнат „веќе маргинализираните семејства дополнително во сиромаштија“.

Ова не е првпат европска влада да спроведува построги безбедносни мерки како одговор на насилните протести.

Во Италија, со нов безбедносен декрет се воведуваат построги казни за насилните протести, вклучително и затворски казни од четири до 12 години за организирање групи вклучени во насилни демонстрации.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Богати браќа од САД дрогирале и силувале жени, меѓу жртвите има и девојчиња (ФОТО)

Тројца браќа се осудени на по 30 години затвор затоа што со децении дрогирале и силувале десетици жени. 

Богати браќа од САД дрогирале и силувале жени, меѓу жртвите има и девојчиња (ФОТО)

Тал Александар (40) и близнаците Орен и Алон Александар (39) беа прогласени за виновни во март. Судот утврди дека го користеле своето богатство и општествен статус за да ги намамат жените на забави и луксузни домови, каде што потоа сексуално ги напаѓале, пишува Би-Би-Си.

Изјави на жртвите на суд

Пред да ја изрече пресудата, судијката Валери Капрони им рече на браќата: „Вашето однесување беше монструозно. Вашите злосторства им ги уништија животите“.

За време на сослушувањето во вторник наутро во судот во Њујорк, беа сослушани 12 жртви, вклучувајќи ја и една која не сведочеше на самото судење. Една по една, жените ја опишаа психолошката траума што ја претрпеле по силувањето. Тие рекоа дека се надеваат дека срамот што го чувствувале сега ќе се пренесе на обвинетите. Многумина побараа од судијата да изрече максимална казна доживотен затвор за секој брат.

Маја Милер му рече на судот дека откако Тал Александар ја силувал во 2014 година, таа го изгубила секое чувство на сигурност. „Во себе носам тивок погреб за личноста во која можев да станам ако ова никогаш не ми се случеше“, рече таа.

Друга жртва, под псевдонимот Иса Брукс, рече дека ја изгубила способноста да верува во себе откако Тал и Алон Александар ја силувале кога имала 16 години. „Немав поим во каква опасност сум сè додека не било предоцна“, сведочеше таа. Друга жена откри како Тал Александар ѝ се заканувал кога планирала да го пријави силувањето, велејќи дека знаел каде работи нејзината сестра.

Ставови на обвинителството и одбраната

Обвинителката Елизабет Еспиноза тврдеше дека браќата заслужуваат максимална казна бидејќи фактите „сликаат навистина разорна слика“. Таа нагласи дека со текот на годините ги усовршиле методите со кои ги намамувале жените со ветувања за луксуз и дека останале „целосно рамнодушни кон страдањето што го оставиле зад себе“.

За време на сведочењето на жртвите, тројцата браќа покажале малку емоции. Тие гледале напред или се консултирале со адвокати. Нивните адвокати на одбраната објасниле дека им било советувано да не ги гледаат жртвите за да не бидат погрешно протолкувани.

Адвокатите побараа казни од 15 години и рекоа дека нивните клиенти станале посветени татковци чии семејства ќе страдаат во нивно отсуство. Сите тројца се обратија пред судот, инсистирајќи на својата невиност.

„Нашето мото беше „работете напорно, забавувајте се повеќе“, рече Тал Александар, додавајќи дека сега сфаќа дека неговото однесување „ги повредува чувствата на другите“.

Сепак, нивните изјави не ја убедија судијката Капрони. Таа се спротивстави на нив бидејќи одбиваат да ги признаат злосторствата. „Како можете да рехабилитирате некого кој никогаш не ја признал грешката што ја направил?“, праша таа.

Пресуда и детали за злосторството

На крајот од рочиштето, судијката ги осуди браќата на по 30 години затвор за одредени злосторства. Таа, исто така, ги осуди на дополнителни казни од 20 години затвор за други злосторства, но појасни дека овие казни ќе бидат издржувани истовремено.

За време на петнеделното судење, сведочеа 11 жени, од кои некои биле малолетни девојчиња во времето на нападот. Тие опишаа како нивните браќа им давале подароци и ги носеле на патувања во Аспен и Бахамите. Таму, според изјавите, биле дрогирани, а потоа силувани.

Обвинителите тврдеа дека моделот на насилно однесување започнал во средно училиште, иако судењето опфаќало кривични дела извршени од 2008 година. Според обвинителството, браќата ставале дрога во пијалоците на жените, „физички ги ограничувале и ги држеле за време на силувањето и ги игнорирале вресоците и експлицитните молби да престанат“.

Кои се браќата Александар

Одбраната на браќата за време на судењето тврдеше дека сексот бил консензуален и дека тие биле женкари, но не и насилници.

Двајца браќа, Тал и Орен, се збогатиле продавајќи луксузни недвижности во Њујорк и Мајами. Тие работеле за американската компанија за недвижности Даглас Елиман, а меѓу нивните клиенти биле Линдзи Лохан, Ким Кардашијан и Канје Вест. Во 2022 година, тие ја основале својата компанија, Official, со седиште во Њујорк. Алон Александар работел во семејната компанија за обезбедување Кент Секјурити.

Додека судијата ги изрекувал нивните казни, браќата гледале право напред.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер