На денешен ден - Канал 5

На денешен ден

7 декември 2025

На денешен ден

43.п.н.е.- Убиен бил римскиот оратор, политичар, филозоф и писател Марк Тулиј Цицерон, најголемиот стилист во римската поезија. Бил републиканец, противник на Јулиј Цезар и Марк Антониј. По убиството на Цезар во 44 година п.н.е. бил уапсен, а поради серијата напади врз Антониј бил убиен. Неговата мисла искажана во делото „За должностите“: "Summum ius summa iniuria" („Најмногу право најмногу неправда“) е типичен израз на неговата интелектуалност. Останати дела: „Беседи“, „За староста“, „За пријателството“, „За крајностите на доброто и злото“ и други.

1863.- Роден е италијанскиот композитор Пјетро Маскањи. Дела: оперите „Ирис“, „Пријателот Фриц“ и други.

1906.- Роден е г.г. Доситеј, прв архиепископ охридски и македонски, поглавар на Македонската православна црква. Целиот свој живот го посветил на службата на Црквата. Тој будно го следел решението на македонското црковно прашање и вложувал максимални напори за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија и создавањето на Македонската православна црква. На вториот Црковно-народен собир, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, бил избран за поглавар на МПЦ во обновената Охридската архиепископија. Под негово раководство бил свикан третиот Црковно-народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ била прогласена за автокефална. Умрел во Скопје, на 20 мај 1981 година.

1909.- Во Банско, Пиринска Македонија е роден Никола Јонков Вапцаров, бугарски и македонски поет и револуционер. Тој бил еден од организаторите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој биле опфатени повеќе млади македонски литературни творци. Го стрелале бугарските фашисти во Софија, на 23 јули 1942 година.

1922.- Северна Ирска гласала за отцепување од Република Ирска.

1924.- Роден е португалскиот државник Марио Соарес. По соборувањето на диктатурата во Португалија во 1974 година три пати бил избиран за претседател на владата. Во 1986 година станал шеф на државата и бил првото цивилно лице на функцијата претседател на Португалија после 60 години.

1941.- Јапонија без најава за војна ја нападнала поморската база во Перл Харбур на Хаваите, а неколку часа подоцна претседателот на САД Френклин Рузвелт објавил дека неговата земја влегла во Втората светска војна. Со силни напади врз морнарицата, Јапонија во првата фаза од војната на Пацификот им нанесла големи загуби на САД. Биле потопени речиси сите воени бродови на САД во тој дел од светот, освен носачот на авиони. На земјата биле уништени 178 авиони, 3.303 војници загинале, а 1.272 биле ранети.

1971.- Советска вселенска капсула почнала да испраќа радио и ТВ сигнали од Марс.

1985.- Умрел англискиот писател Роберт Грејвс, истражувач на грчката и еврејска митологија. Светскиот углед го стекна со историскиот роман „Јас, Клавдиј“ и делото „Грчки митови“. Останати дела: „Хебрејски мотиви“, автобиографски опис на животот во рововите во Првата светска војна „Збогум на сето тоа“, историскиот роман „Клавдиј Бог“, митолошкиот роман „Хомеровата ќерка“, есејот „За англиската поезија“ и други.

1985.- Во Скопје умрел Петар Карделев, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје, еден од основачите на овој факултет и еден од првите конструктори и основоположници на машиноградбената и металопреработувачката индустрија во Македонија. Роден бил во Битола, во 1909 година.

1988.- Во земјотрес во Ерменија загинале повеќе од 25.000 луѓе, а половина милион останале без покрив над главата. Била уништена повеќе од 10 отсто од ерменската индустрија.

1992.- Во Скопје умрел прим. д-р Христо Брашнаров, еден од основачите на Хируршката и Акушерско-гинеколошката клиника на Медицинскиот факултет во Скопје, асистент и професор на првата генерација студенти по медицина во Скопје, основач и професор на Акушерската школа во Македонија и основач на гинеколошко-акушерските одделенија во Струмица и во Прилеп. Во 1964 година прв во Македонија вовел анестезија во оперативните зафати на гинекологијата и акушерството. Роден бил во Прилеп, во 1918 година.

1993.- Во Скопје умрел Блаже Конески, академик, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување дало огромни резултати во македонската литература, во областа на граматиката и во историјата на македонскиот јазик и во областа на културната историја на македонскиот народ. Тој бил прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав. Негова прва книга е поемата „Мостот“, ја објавил непосредно по војната во 1945 година, а потоа ги објавил делата „Земја и љубовта“, „Песни“, „Везилка“, „Лозје“, „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Светото на песната и легендата“ и други. Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на „Граматика на македонскиот јазик“, „Историја на македонскиот јазик“, „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија“. Во македонската современа општествена стварност, во смисла на одбрана на македонската држава и македонскиот јазик, како темели на македонскиот национален и историски идентитет е позната неговата максима: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Покрај другите награди, добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1981 година. Роден бил во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година.

1995.- Сонда од американскиот вселенски брод „Галилеј“ влегла во атмосферата на Јупитер која во 75-та минута испратила податоци пред да изгори.

1995.- Во Атина, дипломатот Александар Маљас, бил наименуван за шеф на Канцеларијата за врски, во главниот град на Република Македонија, Скопје.

1997.- Во Скопје умрел Младен Дилевски, македонски поет. Автор е на книгата песни „Крадец на сонот“. Роден бил во селото Беличица, Гостиварско, на 28 јуни 1921 година.

2007.- Министерството за здравство на Уганда официјално соопштило дека во земјата повеќе од 100 луѓе биле заразени од ебола. Во претходната појава на ебола во Уганда во текот на 2000 и 2001 година биле заболени 425 луѓе, а половината од нив биле починати.

2018.- На 84 години почина актерката Љупка Арсова Џундева (1934-2018), тивката дама на македонското актерство. Џундева секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија. Таа во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот, од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија. Нејзината последна улога на сцената на МНТ се случи во 2015 година, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска. Таа е актерка со долга, трпеливо градена и маркантна театарска кариера. Макар што зад себе има повеќе од пет децении континуиран стаж, оваа рафинирана актерка успеала целосно да ги сочува грацилноста, искреноста и убавината, со која ги збогатувала и продолжува да ги збогатува сите свои креации, реализирани во апсолутно сите македонски медиуми (театар, радио, телевизија, филм). Ќе биде запаметена по улогата во антологискиот македонски филм на Димитри Османли, „Долго мирно лето“. Добитник е на Наградата на градот Скопје „13 Ноември“ (1983); потоа на Наградата за артистичко остварување доделена од Југословенската радио-телевизија, Орден на трудот со златен венец и Орден на трудот со сребрен венец, награда за актерско остварување на Фестивалот Недела на југословенската радио-драма за улогата на Влатка во радио-драмата „Не гледајте во ангелите“ од Томе Арсовски (1971), Награда за животно дело на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински (Прилеп, 2000); Награда 11 Октомври за животно дело (2000).

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ракетен напад на финансискиот центар во Ријад- оштетена е зградата на нафтениот гигант „Армико“ (ВИДЕО)

Финансискиот центар на Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, беше погоден од ракетен напад, а инцидентот ја оштети зградата на нафтената компанија Сауди Арамко.

Ракетен напад на финансискиот центар во Ријад- оштетена е зградата на нафтениот гигант „Армико“ (ВИДЕО)

Според информациите што ги објавија странските медиуми, прозорците на зградата биле скршени на неколку ката, додека дел од фасадата е оштетен, објави Лориент.

Нападот се случил денес, откако воената коалиција предводена од Саудиска Арабија објави дека пресретнала ракети лансирани од Јемен, за кои се вели дека им припаѓаат на јеменските бунтовници Хути.

Сведоци потврдија за АФП дека бил погоден деловниот комплекс на Финансискиот округ Крал Абдула (КАФД), во кој се наоѓа и кулата Арамко. Според нив, штетата била видлива на неколку ката од зградата, вклучувајќи скршени прозорци и оштетување на фасадата.

Сепак, првичните извештаи не беа јасни дали зградата била директно погодена од ракета или штетата е предизвикана од остатоци од ракета што претходно била пресретната од воздушната одбрана.

Саудиското Министерство за енергетика подоцна соопшти дека административната зграда на Арамко била цел на обидот за напад, но дека штетата била ограничена на остатоци. Според официјалните информации, немало повредени или смртни случаи во инцидентот.

Воената коалиција соопшти дека воздушната одбрана пресретнала и уништила две крстосувачки ракети насочени кон Ријад и јужните делови на кралството.

Нападот врз финансискиот центар предизвика особена загриженост бидејќи е еден од најпрепознатливите симболи на економските и социјалните реформи на Саудиска Арабија. Комплексот KAFD вклучува бројни канцелариски згради, финансиски институции, станбени згради, продавници и метро станица што ја користат многу луѓе секој ден.

Инцидентот претставува нова ескалација во конфликтот меѓу Саудиска Арабија и Хутите, кои ги интензивираа меѓусебните напади во последните месеци. Тензиите дополнително се зголемија откако Хутите ги обвинија саудиските сили за смртоносни напади врз цивили во Јемен.

Засега нема потврда дека нападот предизвикал прекини во работата на „Арамко“ или на неговите нафтени постројки. Властите продолжуваат да ја проценуваат штетата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

АД ЕСМ со демант до СДСМ: Нема доцнење на платите во ЕСМ, компанијата ги осудува обидите за внесување немир кај вработените

Платата за вработените во АД ЕСМ ќе биде исплатена во законскиот рок. 

АД ЕСМ со демант до СДСМ: Нема доцнење на платите во ЕСМ, компанијата ги осудува обидите за внесување немир кај вработените

Тековните административни усогласувања во компанискиот систем за исплата на личниот доход, се должат на едновремените барања од над 140 вработени за ажурирање и промена на нивните лични податоци, што наметна потреба од дополнително време за нивна техничка обработка и верификација до 06.11., со цел да се обезбеди сигурна и точна распределба на средствата.

Работењето на АД ЕСМ, кое изминатите две години минува низ интензивен процес на финансиска и техничко-технолошка консолидација, не треба во ниту еден случај да се поврзува со државниот Буџет, затоа што средствата за плати компанијата самостојно ги обезбедува без субвенции, за разлика од периодот 2021-2024 година.

Компанијата најостро ги осудува обидите на одредени политички партии за саботажа на енергетскиот сектор односно преку тенденциозно и лицемерно користење на вонредните административни прилагодувања - да создаваат лажен наратив и да внесуваат немир помеѓу вработените.

Во контекст на платите и надоместоците за вработените, би сакале да потсетиме дека е почнат процесот за зголемување на платите во АД ЕСМ согласно неодамна потпишаниот Колективен договор со репрезентативните синдикати. Исто така, на почетокот на јули е исплатен регресот за годишен одмор за 2026 година во 100% вредност, а последните две години вработените ја добиваат декемвриската плата пред почетокот на Новогодишните празници.

АД ЕСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Прогласена е вонредна состојба: Над 8.000 мигранти пристигнаа на шпански остров

Советот на шпанскиот остров Ел Иеро соопшти дека прогласил вонредна состојба за справување со миграциската криза, откако повеќе од 8.000 мигранти пристигнале на островот во Канарскиот архипелаг во последните пет недели.

Прогласена е вонредна состојба: Над 8.000 мигранти пристигнаа на шпански остров

Со декретот се бара и од владата на Канарските Острови и од шпанската држава да обезбедат дополнителен персонал и да спроведат систем на ротација за да им овозможат на членовите на Поморската служба за спасување, Здравствената служба на Канарските Острови, Државните безбедносни сили и Црвениот крст да бидат соодветно одморени, објави RTVE.

Претседателот на островскиот совет, Кабилдо, Алпидио Армас, рече дека вонредната состојба е прогласена за да „гарантира рамка за соработка со институциите за обезбедување на основните права“ и за пристап до буџетските ресурси потребни „за справување со овие непредвидени ситуации“.

Армас рече дека практично сите мигранти на островот доаѓаат од Сенегал.

Претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, рече дека шпанскиот премиер Педро Санчез се обврзал итно да свика Комисија за имиграција и да ги зајакне ресурсите за здравствена заштита преку Државниот секретаријат за миграција. Декларацијата, исто така, предвидува воспоставување протоколи за координиран трансфер на мигранти на други острови со поголем капацитет и зајакнување на објектите за првичен прием на мигранти на островот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер