На „Астерфест“ филмови од програмата „Глобална фикција“ - Канал 5

На „Астерфест“ филмови од програмата „Глобална фикција“

На интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ за вечер е предвидена проекцијата на шест кратки играни филмови од програмата „Глобална фикција“.

На „Астерфест“ филмови од програмата „Глобална фикција“
Ќе бидат претставени филмските остварувања „Даб плеј“, „Дизни рамала“, „Ние не сме пријатели“, „Пештерата“, „Повеќе од два часа“ и „Случајно“.

Во „Даб плеј“ во мрачниот паб, Били се запознава со Стеван, платен убиец. Со пијалак и во опуштена атмосфера, Стеван му зборува за својата последна работа и за тоа како се нашол во пабот. „Дизни рамала“ е приказна за татко и син во Рамала, соочени со суровата реалност во текот на Втората интифада. Двајцата се обидуваат да создадат паралелна, измислена реалност, оптимистичка и магична. Додека Рабија, таткото, има проблеми со израелската војска, неговиот син сонува да оди во европскиот Дизниленд за својот роденден. Тогаш таткото одлучува да ги земе работите во свои раце и да создаде домашен алтернативен универзум за својот син.

Во „Ние не сме пријатели“ се поставува прашањето „што би сториле ако треба да го отпуштите својот најдобар пријател?“ Во таква ситуација се наоѓа Хулио (млад бизнисмен од навидум добра компанија) кога дознава дека Санти, заедно со дваесет и четворица други вработени во неговата служба, треба да биде отпуштен од работа. Неговиот шеф и пријател, Макс, се обидува да го советува како да се справи со ситуацијата, но набрзо станува сè позаплеткано. Ова е краток филм кој има за цел да ги истражи границите меѓу пријателството и работата... Ако воопшто постојат.

Приказната во „Пештерата“ го следи младиот басист Адам низ контрастните пејсажи на Каиро. За Адам, како припадник на работничката класа можностите се ограничени, а градот е арена каде силните преживуваат, а слабите умираат крај патот. Адем има обид да направи музичка кариера, но и да внесе нов живот во старото пријателство со бендскиот колега Амер. Во светот кој постојано се менува, вклопувањето е најтешко.

Во „Повеќе од два часа“ дејствите започнува во три часот по полноќ, а момче и девојка лутаат низ градот. Бараат болница за лекување на девојката, но тоа им оди многу потешко одошто очекувале... Во „Случајно“ на неколку часа пред Нова година, сосед оди да побара сол од една постара госпоѓа. Одеднаш ја убива. И сега целата негова фамилија која се собира да ја прослави Новата година, треба да реши што да се прави и кој е виновникот.

Официјалната програма на единаесетото издание на „Астерфест“ продолжува утревечер во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица. Филмската програма која се проектира утревечер е составена од шест кратки документарни филмови од програмата „Ѕвездени документи“.

Фестивалот продолжува во сабота претпладне со работилницата на Боро Стјепановиќ насловена како „Игра – посебноста на филмското актерство во однос на другите драмски медиуми“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сали: Македонија се залага за суштинско вклучување на земјите кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност

Сали ја истакна важноста од вклучување на земјите кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност уште од самиот почеток.

Сали: Македонија се залага за суштинско вклучување на земјите кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, на работниот појадок на маргините на Советот за општи работи на Европската Унија, ја истакна важноста од вклучување на земјите кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност уште од самиот почеток.

Во своето обраќање, министерот Сали нагласи дека странското манипулирање со информации, кибернападите и притисоците врз независните медиуми и граѓанското општество претставуваат заеднички закани за земјите членки на ЕУ и за земјите кандидатки. Според него, демократската отпорност стана суштински дел од европската безбедност.

Учеството во Центарот би ѝ овозможило на Македонија навремен пристап до европските процени на заканите, механизмите за рано предупредување, експертизата и оперативните мрежи. Истовремено, би ги зајакнало капацитетите за спротивставување на дезинформациите, стратешката комуникација и кибербезбедноста, како и поддршката за независните медиуми и граѓанското општество, придонесувајќи за реформите во темелните области на пристапниот процес.

Министерот истакна дека Македонија има намера да биде не само корисник, туку и активен придонесувач, споделувајќи го своето искуство во справувањето со хибридните закани. Тој информираше дека се започнати внатрешни подготовки за суштинско учество, дека Министерството за правда е определено како координативна институција и дека се назначени контакт-точки за комуникација со Секретаријатот на Центарот.

На крајот, Сали повика на потесна соработка меѓу ЕУ и Западен Балкан, нагласувајќи дека раното вклучување на земјите кандидатки во европските инструменти го претвора проширувањето во конкретен придонес за безбедноста, демократијата и единството на Европа.

Кабинет на министерот за европски прашања

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Технолошки холдинг ќе ја преземе „Bumble“: акциите пораснаа за 50%

Акциите на „Bumble“, компанијата што стои зад популарната апликација за запознавање, вчера скокнаа за речиси 50 отсто по веста за напреднати преговори за продажба.

Технолошки холдинг ќе ја преземе „Bumble“: акциите пораснаа за 50%

Технолошкиот холдинг „Ithaca“ би можел уште оваа недела да објави договор за преземање на фирмата со седиште во Тексас за околу една милијарда долари, објави „Wall Street Journal“. Скокот на цената на акциите ја зголеми пазарната вредност на „Bumble“ на над 580 милиони долари, пренесува „BBC“.

И покрај растот, оваа вредност останува значително пониска од 14-те милијарди долари на колку се проценуваше компанијата на врвот на својата популарност по излегувањето на берзата „Nasdaq“ во 2021 година. „Bumble“ е една од најпознатите светски апликации за запознавање, но работи на заситен пазар каде што растот е забавен.

Апликацијата беше лансирана во 2014 година од Витни Вулф Херд, коосновач на ривалската апликација „Tinder“. Таа го изгради брендот „Bumble“ околу правилото што им дозволуваше само на жените да го иницираат разговорот со лицата со кои се совпаднале.

Помладите корисници чувствуваат замор

Компанијата неодамна го укина тоа ограничување, што предизвика дебата меѓу корисниците за тоа дали апликацијата ја изгубила својата клучна карактеристика по која се разликувала од другите. „Нашата заедница денес бара поголема флексибилност, помалку притисок и повеќе можности за воспоставување вистински, значајни врски, а ова ново искуство го овозможува токму тоа“, изјави Вулф Херд во август. Апликациите како „Bumble“ се соочија со притисок во последните години бидејќи помладите корисници се уморија од бескрајното прелистување профили во потрага по партнер. Во 2025 година, „Bumble“ најави отпуштање на речиси една третина од својата работна сила, а целата индустрија се соочи со феномен што Вулф Херд го опиша како „пресвртна точка“ во онлајн запознавањето.

Возрасните поминуваат помалку време на апликациите за запознавање

Инвестициите во други компании за запознавање исто така забавија бидејќи апликациите тешко успеваат да ги мотивираат корисниците да плаќаат за нивните услуги. Акциите на „Match Group“ – сопственик на „Tinder“, „OkCupid“ и „Hinge“ – исто така забележаа остар пад во споредба со нивните рекордни вредности од 2021 година.

Според извештајот од 2025 година на регулаторното тело „Ofcom“, возрасните поминуваат помалку време на апликациите за запознавање отколку пред три години. Наместо тоа, некои самци се свртуваат кон собири за играње друштвени игри, книжевни клубови и други групни активности, со надеж дека ќе запознаат партнер.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Димитриеска-Кочоска на Есенските средби на ММФ и Светска банка во Бангкок

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе учествува на редовните Есенски средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светска банка, кои оваа недела се одржуваат во Бангкок, Тајланд.

Димитриеска-Кочоска на Есенските средби на ММФ и Светска банка во Бангкок

Во рамки на средбите, министерката ќе оствари билатерални средби со високи претставници на Светска банка и ММФ, како и со претставници на меѓународни финансиски институции, како и учество на состаноци посветени на регионалните економски перспективи и глобалните економски предизвици.

Во рамки на средбите, министерката ќе оствари работна средба со потпретседателката на Светска банка, Антонела Басани, и потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за Европа, Латинска Америка и Карибите, Алфонсо Гарсија Мора. Предвидена е и средба со извршниот директор на Светска банка за Конституенцата во која членува Македонија, Јуџин Ругенаат. На средбите ќе се разговара за тековната соработка, активностите што се реализираат и можностите за нејзино натамошно унапредување.

Министерката ќе оствари средба и со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, како и со директорот на ММФ за Европа, Матеуш Шчурек.

Во агендата се и средбите со извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај, како и учеството на состанокот на земјите од изборната конституенца и настаните посветени на регионалните економски перспективи.

На агендата се и состанокот на земјите од изборната конституенца, настаните во рамки на Годишните средби, како и пленарната сесија на Годишните средби на ММФ и Светска банка.

Учеството на овие средби претставува можност за размена на мислења за актуелните економски движења, фискалните политики и можностите за унапредување на соработката со меѓународните финансиски институции.

Во составот на делегацијата на Есенските средби е и гувернерот на Народната банка Трајко Славески.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер