МВР им поднесе кривична пријава на Дрин Ахмети и Бесијан Ахмети, внуци на Али Ахмети

МВР поднесе кривична пријава против внуците на Али Ахмети, Дрин Ахмети и Бесиан Ахмети поради сомнежи за злоупотреба на концесијата за рудник кај Кичево....

Освен Дрин Ахмети, кој е управител на компанијата од Кичево од 2017 до сега, со пријавата за „злоупотреба на службена положба и овластување“ опфатен е и неговиот брат Бесиан Ахмети, кој бил управител на фирмата од 2008 до 2017 година.

-Во период од 2016 година до 2023 година кривично пријавените постапиле спротивно на Закон за минерaлни суровини и договорот за концесија за експлоатација на локалитет во општина Зајас, склучен меѓу правното лице и владата, претставувана од страна на тогашниот министер за економија. Истите биле должни да плаќаат точно утврден годишен надоместок за користење на просторот кој бил доделен со концесија за експлоатација и надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина, и како потписници на сметка на правниот субјект исплатиле помалку концесиски надоместоци во вкупен износ од 1,6 милиони денари, при што предизвикале штета и на буџетот., соопштија од МВР..

Пријави за несовесно работење има и за неколку вработени во Министерството за економија кои биле должни да вршат надзор на концесијата.

Стејт департментот ги замрзна речиси сите американски програми за меѓународна помош

Стејт департментот ја замрзна речиси целата меѓународна развојна помош обезбедена од Вашингтон, освен виталните програми за помош во храна и воената помош за Израел и Египет.

САД се најголемиот донатор во светот и дава поголема помош за меѓународен развој од која било друга земја. Оваа ставка од американскиот буџет изнесуваше околу 60 милијарди долари во 2023 година или околу еден процент од американскиот буџет.

Наредбата на државниот секретар Марко Рубио, која беше испратена до амбасадите во Вашингтон, експлицитно ги исклучува програмите за храна, како таа за Судан. Писмото е испратено како имплементација на релевантниот декрет потпишан од претседателот Доналд Трамп на 20 јануари.

Претходно во својата кариера, Рубио беше жесток поддржувач на хуманитарна помош.

Наредбата се однесува од меѓународна развојна помош до воена поддршка, што потенцијално може да влијае на Украина, која доби милијарди долари од администрацијата на претходниот американски претседател Џо Бајден.

Сепак, наредбата јасно ја исклучува воената помош за Израел, која енормно се зголеми поради војната во Појасот Газа, и Египет, кој доби великодушно финансирање од САД во областа на одбраната.

Писмото содржи и наредба да се изврши внатрешен преглед на целата меѓународна помош обезбедена од САД, која треба да биде завршена во рок од 85 дена.

Премиерна изведба на „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ во МНТ

 Во рамки на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар вечерва ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.

Во претставата играат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска.

- Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш - 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби, соопштија од МНТ.

Сценограф на претставата е Весна Поповиќ, костимограф Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.

Првата реприза е закажана за 30 јануари.

ВМРО-ДПМНЕ:Веледрогеријата Пановски секоја година само од Онкологија земала над 12 милиони евра

 Веледрогеријата Пановски, блиска до Венко Филипче, секоја година само од Онкологија земала над 12 милиони евра.

Сведоци сме во јавноста, дека веледрогеријата Пановски која има огромни профити со управувањето на цените за лековите на грбот на луѓето болни од рак, создава вештачка криза години наназад.

Оваа веледрогерија, во чија сопственост е таткото на Ирина Пановска, која токму Венко Филипче ја има поставено за директорка на Клиниката за Хематологија од 2022 година, до сега има земено неверојатни 35 милиони евра тендери, само од Клиниката за онкологија и радиотерапија.

Веледрогеријата Пановски, инаку блиска до Венко Филипче, секоја година само од Онкологија земала над 12 милиони евра годишно.

Имено, секоја година првите два до три месеци, има недостаток на терапија за лицата болни од рак, а токму истата веледрогерија секоја година набавува лекови по екстремно високи цени, знаејќи дека луѓето кои се тешко болни, ќе мораат да ги набават овие лекови за тие цени.

„Мафија на смртта“ не е само политички термин, туку реалност која ги уништува животите на македонските семејства веќе три децении.

Со тоа што Филипче, преку СДС, ја брани веледрогеријата Пановски, се поставуваат неколку прашања:

1. Дали оваа вештачка криза се создава само за да се купуваат лекови по енормно високи цени од веледрогеријата Пановски?

2. Дали Венко Филипче мора да одговори дали ја поддржува оваа веледрогерија во кризата и дали тој стои зад истата?

3. Колкави се вистинските екстра заработки на фармацевтската мафија?

4. Кој профитира на страдањата на болните?

Ја повикуваме јавната обвинителка и целокупниот правосуден систем, да преземат итни и решителни мерки за да се стави крај на оваа долгогодишна неправда.

Овие луѓе во корелација, тргуваат со животите на луѓето и мора да бидат изнесени пред правдата. Не смееме да дозволиме, овие луѓе да си играат со животите на граѓаните и да се богатат врз здравјето на истите.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер