Муцунски: За жал, и во 21 век идентитетот е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат - Канал 5

Муцунски: За жал, и во 21 век идентитетот е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат

Марта Кос вчера на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски порача дека идентитетот не е предмет на политичко одлучување. Идентитетот според, неа се и македонските специјалитети како тавче гравче, пинџур и полнети пиперки.

Муцунски: За жал, и во 21 век идентитетот е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат

Премиерот Христијан Мицкоски беше кристално јасен, нашиот идентитет се нашиот јазик, нашата историја и нашата многувековна култура градена низ комплексни, тешки времиња која е најголемото богатство што го имаме како држава, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во врска со вчерашната изјава на еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Како што напомена, одговорајќи на новинарски прашања, за жал, и во 21 век идентитетот е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат.

-Посебно во овој регион идентитетот е сложена категорија. Да, за жал, и во 21 век е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат, но за нас нема дилема дека историските личности како Делчев, Груев, Сандански се дел од нашиот идентитет како што се и прекрасните манастири, преубавите џамии. Нашиот идентитет е и соживотот, но и јазикот што го зборувале нашите баби и дедовци, прабаби и прадедовци и апсолутно никој нема право да го оспори тоа, односно да го оспори нашето право да го почитуваме она што е дел од нас како Македонци, подвлече Муцунски по македонско-италијанскиот бизнис форум во Скопје.

Еврокомосерката за проширување Марта Кос вчера на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски порача дека идентитетот не е предмет на политичко одлучување. Идентитетот според, неа се и македонските специјалитети како тавче гравче, пинџур и полнети пиперки.

Мицкоски во репликата на изјавата на Кос посочи дека за него македонскиот идентитет не се само македонските специјалитети туку и Гоце Делчев и Даме Груев и Сандански.

-За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев и Шапкарев, и Миладиновци и Илинденското востание и Дамјан Груев и Јане Сандански... Не знам дали ќе го споделат истото мислење и колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет, рече Мицкоски.

Шекеринска за Хина: НАТО нема да отстапи од поддршката за Украина

НАТО нема да се откаже од помошта за Украина, а Хрватска е вреден и доверлив сојузник во тие напори, изјави заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за хрватската агенција Хина.

Шекеринска за Хина: НАТО нема да отстапи од поддршката за Украина

Таа нагласи дека хрватската посветеност кон НАТО е „многу јасна“. - По бруталната руска агресија врз Украина, Хрватска беше вистински сојузник кој ја поддржа Украина не само финансиски и политички, туку и воено. Станува збор за 245 милиони евра директна хуманитарна и воена помош, рече таа.

Шекеринска учествуваше на Дубровничкиот форум изминатиот викенд и повтори дека НАТО останува цврст во поддршката на Украина.

– Русија го поткопува меѓународниот поредок, европската безбедност и главната цел на Алијансата – безбедна евроатлантска зона. Затоа ја поддржуваме не само територијалната целовитост и суверенитет на Украина, туку и нејзиното право и способност за самоодбрана, истакна Шекеринска.

Само минатата година НАТО сојузниците ѝ испорачале на Украина повеќе воена помош од ветеното – над 50 милијарди евра. Во првите шест месеци од годинава, таа сума изнесува дополнителни 35 милијарди евра.

За поефикасна координација на помошта, НАТО воспостави посебна командна структура во Висбаден, Германија, како и заеднички центар со Украина во Полска. Овие капацитети имаат задача не само да обезбедат помош, туку и да извлечат поуки од украинското борбено искуство.

Дополнително, како што посочи Шекеринска, дел од сојузниците веќе разговараат за формирање „Коалиција на подготвени“ – група земји што ќе продолжат со поддршка и по евентуално примирје, со цел осигурување на праведен и одржлив мир.

Во однос на загриженоста во Европа за ставовите на актуелниот американски претседател Доналд Трамп кон НАТО, Шекеринска изјави дека нема простор за страв. – Заклучоците од последниот Самит во Хаг потврдуваат единство на трансатлантскиот сојуз. САД се јасно и силно посветени на НАТО, рече таа.

Според неа, американската посветеност доаѓа со очекување дека европските сојузници и Канада ќе вложат повеќе за да се постигне праведна распределба на безбедносниот товар. На Самитот беше договорено сите членки да ги зголемат буџетските издвојувања за одбрана на 5 отсто од БДП.

– Сојузниците споделуваат исти проценки за најголемите закани и заедничка визија за тоа како да се соочат со нив – преку зголемени трошоци за одбрана и развој на поамбициозни капацитети, истакна таа.

Во врска со одлуката на Хрватска да воведе задолжителен воен рок од следната година, Шекеринска порача дека таквите политики се суверено право на секоја држава членка.

– Некои земји се фокусираат на професионална армија, други повторно го воведуваат воениот рок. НАТО го почитува изборот на секоја држава во согласност со нејзините околности, изјави таа.

Главниот фокус на Алијансата, според Шекеринска, е развој на воените капацитети и поддршка на усогласените оперативни планови.

Санчо ги договори личните услови со Јувентус

Англискиот фудбалер Џејдон Санчо (25) се договори за личните услови со Јувентус, но преговорите меѓу клубот од Торино и Манчестер Јунајтед сè уште се во тек.

Санчо ги договори личните услови со Јувентус

Според италијанските медиуми, Санчо се согласил да потпише четиригодишен договор вреден над пет милиони евра по сезона. Договорот вклучува и бонуси до 1,5 милиони евра.

Ова значи дека Санчо се согласил на намалување на платата за да се приклучи на Јувентус, но преговорите меѓу торинскиот клуб и Манчестер Јунајтед сè уште не се комплетирани.

Манчестер јунајтед, наводно, е согласен да му дозволи трансфер на Санчо за обесштетување од 25 милиони евра, додека Јувентус е подготвен да плати околу 15 милиони евра.

Санчо е член на Јунајтед од 2021 година, но последните две сезони ги мина како позајмен фудбалер во Борусија Дортмунд и Челзи.

Ирска: Започна ископување на масовна гробница со останки од 800 бебиња

Во ирскиот град Тјум, во округот Голуеј, денеска започна ископувањето на масовна, необележана гробница за која се верува дека содржи останки од околу 800 бебиња.

Ирска: Започна ископување на масовна гробница со останки од 800 бебиња

Гробницата датира од периодот меѓу 1925 и 1961 година, кога католичките калуѓерки од редот „Бон Секур“ ги закопувале починатите новороденчиња од институцијата за мајки и деца „Света Марија“.

Според британскиот весник „Гардијан“, гробницата зафаќа површина од околу 5.000 квадратни метри, а дел од децата биле закопани без каква било евиденција, во напуштен подземен септички резервоар. Институцијата била место каде млади невенчани жени ги раѓале своите деца во услови на сиромаштија и социјална стигматизација.

Ископувањата, кои се очекува да траат две години, се дел од поширокиот напор на Ирска за соочување со историските злоупотреби и занемарување на децата во верските и државните установи, посебно оние родени вонбрачно. Страдењето на овие деца е наречено „дамка на совеста на нацијата“.

Историчарката Кетрин Корлес, која пред една деценија ја иницираше јавната дебата со пронаоѓање на 796 смртници, изјави дека чувствува олеснување по почетокот на работите.

– Конечно се случува тоа што го чекав долги години. Ова е голема радост за мене и за семејствата што се надеваат дека ќе ги пронајдат своите најблиски, изјави Корлес.

Локацијата, денес сместена среде станбен кварт, е оградена, а ископувањата ги води тим од 18 експерти од Ирска, Велика Британија, Австралија, Колумбија, Шпанија и САД – меѓу кои археолози, антрополози и форензичари. Проектот го предводи Даниел Максвини, поранешен претставник на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Како што објасни Максвини, целта е да се ексхумираат сите останки, да се направат обиди за нивна идентификација и да се вратат на семејствата за достојно погребување. Работите се одвиваат според форензички стандарди, како истрага за потенцијален криминал, при што секој доказ за насилна смрт мора веднаш да се пријави кај надлежните.

Поради тешкиот терен, присуството на подземни води, како и близината до гробници од времето на Големиот глад, задачата е исклучително сложена. Се користи специјална кран-дигалка со нежна алатка за да се избегне оштетување на коските, а на самото место е поставена и лабораторија за прелиминарна анализа.

Некои семејства веќе дале примероци за ДНК анализа, со надеж дека ќе ги идентификуваат останките на своите претци.

Домот „Света Марија“ бил воден од калуѓерки со одобрение на државата, која, според „Гардијан“, со децении ги игнорирала нехуманите услови во кои живееле мајките и децата.

Институцијата била затворена во 1961 година, зградата урната, а на местото изградено станбена населба. Корлес се надева дека дел од останките, кои се наоѓаат околу два метра под земја, ќе можат успешно да се идентификуваат, и додава дека целиот тим е емотивно вложен во случајот и решен да ја дознае вистината.

притисни ентер