Во Загреб се хоспитализирани петмина со потешки повреди од пожарот во Кочани, од кои четворица се на трауматологија, а еден пациент на клиниката за детски болести. Утрово таму Муцунски беше пречекан од министрите за надворешни и здравство од кои доби уверување дека Хрватска стои на располагање во овие тешки денови за Македонија, со гаранција дека ќе обезбедат врвен третман за пациентите кои имаат тешки изгореници.
„ Дури течеа формалностите за активирање на европскиот механизам за цивилна заштита кој го активиравме веднаш како Влада, нашите хрватски пријатели рекоа – не мора ни тоа да чекаме, на билатерална основа сме подготвени да направиме се што може. Тоа никогаш нема да го заборавиме, тоа што го направи хрватската влада но и хрватскиот народ и на секој еден од вас. “Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи на Македонија.
„ Тешко е да се најдат зборови на утеха затоа што родителите кои останаа без своите деца трајно ќе ја носат таа болка. Тука искажавме помош и веднаш нашиот премиер стапи во контакт со премиерот Мицкоски,“-Гордан Грлиќ Радман - министер за надворешни работи на Хрватска.
„ Она што ние со сигурност можеме да помогнеме е да пружиме врвна помош токму на пациентите кои имаат проблем со последици од изгореници,“- Ирена Хрстиќ, министерка за здравство на Хрватска.
Освен со медицинска нега за повредените, соседите помагаат и финансиски. Со личен ангажман преку неговата фондација, бугарскиот пратеник Манол Пејков од неделата досега успеал да собере околу 35 илјади евра за повредените кои се сместени во тамошните клиники. Вели дека неговата цел е да стигне до поголема сума која им е потребна на семејствата на подолг рок за процесот на рехабилитација.
„ Нашиот прв фокус беше поврзан со луѓето кои се во Бугарија и мораат да бидат покрај нивните деца кои се здобија со тешки изгореници. Излегува дека првите 7 до 10 дена Бугарија ќе им ги покрие трошоците, а всушност проблемите ќе дојдат подоцна. Ќе има потреба од пластични операции и секакви интервенции најверојатно, “ Манол Пејков – пратеник во бугарското собрание.
Парични донации ќе собираат и студентите кои протестираат низ Србија. Акцијата за повредените во дискотеката во Кочани ја најавија за утре во Ниш, со повик до сите да помогнат макар и со симболични суми кои потоа ќе бидат предадени на семејствата.
Солидарност и сочувство има и преку граѓански собири и крводарителски акции.
Во Мелбурн кадешто се наоѓа најбројната македонска дијаспора, беше осветлена владината зграда на државата Викторија во боите на македонското знаме. Во знак на сеќавање на загинатите во црвено - жолто беше обоен и Градскиот совет на Перт.