Муцунски пред Комисијата за надворешни работи на ЕП: Добрососедството не е еднострана обврска

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, денеска имаше обраќање и сесија посветена на прашања и одговори со европратениците – членови на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент (АФЕТ).

Пред членовите на комисијата, Муцунски испрати јасна порака дека новата Влада е силно фокусирана на евроинтеграциите и спроведувањето на реформи. Тој истакна дека за земјата е клучно да продолжи да напредува кон полноправно членство во ЕУ, следејќи предвидлива пристапна траекторија, заснована на јасно утврдените пристапни критериуми и принципот на сопствени заслуги. Притоа, потенцираше дека добрососедството не е еднострана обврска, туку долгорочен процес што бара заедничка одговорност и меѓусебна почит.

Министерот нагласи дека членството во ЕУ не е само политичка амбиција, туку суштински трансформативен процес што ги става граѓаните во центарот. Тој ја истакна посветеноста на Владата кон спроведување на клучни реформи, особено во областа на владеењето на правото, правосудството, јавната администрација и економското управување.

Во своето обраќање, Муцунски потсети дека државата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ – стратегиски избор и врвен приоритет што ја демонстрира нашата посветеност на принципите и вредностите што ги застапува Унијата. Истакнувајќи ја потребата од носење одлуки што ќе постават основа за идното проширување на Унијата, тој ги и повика европратениците да продолжат проактивно да ја поддржуваат политиката на проширување, особено сега кога Европската Унија влегува во нов петгодишен институционален и легислативен циклус, кој ќе има значително влијание врз иднината на проширувањето.

Одговарајќи на прашањата од членовите на комисијата, Муцунски потенцираше дека Македонија е пример за почитување и заштита на правата на малцинствата, што повеќепати е потврдено од Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права, соопштуваат од МНРНТ.

Судот издаде налог за апсење на поранешниот претседател на Боливија- бил во врска со девојче

Боливискиот суд денеска издаде налог за апсење на поранешниот претседател на земјата, Ево Моралес, откако тој не се појави пред суд поради наводна врска со малолетничка и трговија со луѓе.

„Издадена е потерница за негов претрес и апсење“, рече судијата Нелсон Рокабадо, пренесе Гардијан.

Обвинителите поднесоа обвинение против Моралес во средината на декември, на што тој одговори тврдејќи дека тоа е стратегија за блокирање на неговата претседателска кандидатура, наведувајќи дека тој е „жртва на брутална судска војна“ организирана од Луис Арсе, актуелниот претседател на Боливија.

Моралес беше претседател на Боливија од 2006 до 2019 година и е првиот претседател на земјата што ги претставуваше домородните народи.

За време на мандатот на Моралес, Боливија доживеа период на економски напредок и намалување на сиромаштијата. Во 2019 година се кандидираше за трет последователен мандат, што е спротивно на Уставот, а тоа предизвика масовни протести.

Под притисок на војската, Моралес поднесе оставка и побегна од земјата. Иако Врховниот суд на Боливија пресуди дека Моралес не може да се кандидира на изборите во август 2025 година, Моралес инсистира дека тој ќе се кандидира.

Се огласи хрватскиот министер, кој испука 15 куршуми од автомобил: Не гледам причина за оставка

Видеото на кое се гледа како хрватскиот министер за земјоделство и вицепремиер Јосип Дабро испука 15 истрели од пиштол низ отворен прозорец на автомобилот ги шокира сите.

По целиот хаос, тој сега проговори и се обиде да ја објасни ситуацијата, објави Јутарњи.

Тој ја потврди автентичноста на снимката, но тврди дека од спортскиот пиштол пукал со маневарски куршуми, за кој има валидна дозвола.

- Тоа е пукање од пред неколку години, а јас пукав од пиштол со ќорци. Имаше некоја приватна прослава, можеби дури и раѓањето на синот на брат ми, а снимката му ја испратив исклучиво на нашиот пријател Марио Радиќ и на никој друг. Беше со нас цела вечер и го донесовме дома. Она што се слуша на снимката не се никакви закани. Цела вечер се дружеше со нас. Возев во мојот приватен автомобил, возачот ми беше пријател, како и другиот што снимаше. Тоа беше и мој пријател. Се се случуваше кај Привлака и надвор од населбата - изјави Дабро.

- Со спортско стрелање се занимавам од 2007 година и имам дозвола за оружје. Ова е спортски пиштол HS кој редовно го користам како член на SSD Сокол Привлака. Според законот за оружје, имам дозвола за поседување и носење, а потоа законот беше сменет, па имав дозвола за поседување, но не можеш да бидеш спортски стрелец без да можеш да носиш пиштол. Знам дека нешто е сменето, но проверете го законот – рече тој.

- Чекав да ми се јави еден од новинарите, бидејќи добив информација дека медиумите ја добиле снимката од некој близок на Марио Радиќ - рече тој и додаде дека за сѐ го известил премиерот Андреј Пленковиќ.

-Премиерот само се интересираше дали тоа беше пред да влезам во Владата или потоа. Тоа е единственото нешто што го интересираше. Тоа беше во време кога не бев министер, ниту член на Владата. Се разбира, од денешна перспектива изгледа лудо и секако се каам што го направив тоа. Тоа беше момент на среќа, возбуда и, ако сакате, непромисленост, иако никого не загрозив и не направив криминално дело. Морално не е, во ред, но исто така важно е што никогаш повеќе не го направив тоа. Можно е форензички да се утврди кога е испратена таа снимка со помош на телефонот на Марио Радиќ, бидејќи веќе ја немам, не ја префрлив на новиот телефон. Тоа е снимено со мојот стар телефон“, рече министерот.

– Не гледам причина да поднесам оставка поради ова – заклучил тој.

Марио Радиќ тврди дека не знае за што се работи на снимката, но дека е можно Дабро да му ја испратил, но и други со слична содржина.

Мицкоски: И во победа и во пораз сме заедно, главата горе момци!

Премиерот Христијан Мицкоски по поразот од Холандија, ги бодри нашите ракометари на СП.

„И во победа и во пораз сме заедно, главата горе момци! Одиме понатаму, по следен триумф, за кого???

За Македонија!“ , објави Мицкоски на ФБ.

притисни ентер