Муцунски на состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел - Канал 5

Муцунски на состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел

Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани.

Муцунски на состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на покана на генералниот секретар на НАТО Марк Руте, денеска во Брисел учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата, на кој главни теми ќе бидат имплементацијата на одлуките од Самитот во Хаг, безбедносните предизвици со кои се соочува НАТО, мерките за зајакнување на способноста за одвраќање и одбрана, поддршката за Украина и подготовките за следната средба на врвот на Пактот во јули 2026 година во Анкара.

Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок.

На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.

- Сојузниците во НАТО покажаа дека се подготвени, желни и способни да работат заедно за да се осигурат дека можеме ефикасно да се справиме со предизвиците, одржувајќи ги нашите една милијарда луѓе безбедни денес и во иднина, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на вчерашната прес-конференција во пресрет на денешниот министерски состанок.

Тој потсети дека на Самитот во Хаг, земјите членки на НАТО се обврзаа вложувањата во одбраната да бидат на ниво од пет отсто од националниот БДП, со цел на вооружените сили да им да обезбедат сè она што им е потребно за да гарантираат заштита на сојузниците - од авиони, тенкови и бродови, преку беспилотни летала, па се до кибер и вселенски капацитети.

- Таа посветеност да инвестираме повеќе во нашата безбедност беше голем скок во услови на променета реалност. И оттогаш, постигнавме значаен напредок. Секоја недела гледам нови најави од сојузниците кои работат на зголемување на нивните капацитети. Но, ова е само почеток на еден долг пат и не можеме да бидеме самозадоволни. Мора да изградиме моментум и да се држиме едни до други одговорни додека работиме на безбедноста на нашите една милијарда граѓани, истакна Руте.

Тој потенцира дека паралелно со инвестициите во одбраната потребно е и зголемување на производствените капацитет на одбранбената индустрија, со цел да се произведе се она што му е потребно на НАТО за зајакнување на безбедноста и просперитетот, а во исто време и да се создаваат нови работни места од двете страни на Атлантикот.

Руте информира дека во рамки на министерскиот состанок ќе се одржи и заседание на Советот НАТО-Украина, на кое ќе учествуваат и шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

- Сите признаваме дека нашата безбедност е длабоко поврзана и сите работиме на тоа војната во Украина да заврши со праведен и траен мир. Ги поздравуваме тековните напори предводени од САД за остварување на овие заложби и уверен сум дека овие одржливи напори на крајот ќе го вратат мирот во Европа, рече Руте.

Сепак, според него, додека се работи за постигнување мир, не смее да се изгубат од вид сè побруталните руски напади врз Украина.

- Русија систематски ја таргетира цивилната инфраструктура, лишувајќи ги Украинците од топлина и светлина на почетокот на зимата. Русија не е сама во оваа војна, бидејќи Кина продолжува да биде нејзин клучен овозможувач, а Иран и Северна Кореја исто така ѝ даваат поддршка, истакна првиот човек на НАТО.

Руте посочи дека уште од првите денови на руската инвазија членките на НАТО покажаа непоколеблива посветеност на поддршката на Украина и само во последните месеци, европските сојузници и Канада инвестираа милијарди долари за набавка на американска опрема за потребите на украинските Вооружени сили.

- Оваа поддршка е важен дел од нашите тековни напори да се осигураме дека Украина го има она што ѝ е потребно за да се одбрани денес и да спречи идна агресија. Но, сепак, има уште многу што мора да направиме. Очекувам сојузниците да објават нови придонеси во наредните денови. Значи, јасно е дека имаме предизвикувачка агенда пред нас, изјави Руте на прес-конференцијата во пресрет на министерскиот состанок.

Инаку, на состанокот нема да присуствува американскиот државен секретар Марко Рубио, туку САД ќе ги претставува неговиот заменик Крис Ландау. На прашање за коментар за отсуството на Рубио, Руте изјави дека американскиот државен секретар е ангажиран околу „завршување на војната во Украина“ и тој е во постојан контакт со него.

- Тој работи исклучително напорно. Мора да се грижи не само за ситуацијата во Украина, туку секако и за многу други прашања што се негова задача. Значи, целосно го прифаќам тоа што нема да може да биде тука утре и не гледам никаква порака во тоа, рече Руте.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Чешката влада сака да ја укине задолжителната претплата за јавниот сервис- новинарите најавија штрајк

Во ретко ноќно гласање, чешката владејачка коалиција ги протурка промените во финансирањето на јавните медиуми во првото парламентарно читање, и покрај критиките дека тие би можеле да ја ослабнат независноста на јавниот радиодифузер.

Чешката влада сака да ја укине задолжителната претплата за јавниот сервис- новинарите најавија штрајк

Популистичката влада на милијардерот премиер Андреј Бабиш, поддржана од крајно десничарската партија СПД, честопати го критикуваше известувањето на јавните и приватните медиуми за своите политики и ги обвинуваше одредени медиуми за пристрасност.

Опозициските партии ги споредија предложените промени со реформите во Унгарија под поранешниот премиер Виктор Орбан, кој надгледуваше масовно проширување на прорежимските медиуми.

Чешката влада сака да ја укине задолжителната претплата на јавниот сервис. Новинарите најавија штрајк.

Владата вели дека ја укинува месечната претплата за домаќинствата од 205 круни (9 евра) со цел да ги намали трошоците за потрошувачите. Наместо тоа, финансирањето би се обезбедило директно од државниот буџет.

Предлогот беше ставен на дневен ред во петокот надвор од планираниот работен распоред. Претседателот на парламентот Томио Окамура од СПД-аф ја ограничи дебатата и го закажа гласањето за сабота во 4:36 часот наутро.

Владејачката коалиција потоа гласаше да го испрати законот до комисиите за понатамошна дискусија. Стотици демонстранти се собраа пред парламентот, а некои останаа таму цела ноќ. Локалните медиуми објавија дека неколку лица безуспешно се обиделе да влезат во зградата.

Критичарите предупредуваат дека промените ќе го ослабат јавното радиодифузно емитување и ќе го направат ранлив на политички притисок.

Чешката телевизија е најгледаниот радиодифузер во земјата меѓу сите главни возрасни групи, додека јавните медиуми се меѓу најдоверливите извори на вести во земјата - според анкетата на Институтот Ројтерс за 2025 година.

Новинарите најавија штрајк

Предлогот предвидува намалување на финансирањето на Чешката телевизија и Чешкото радио за околу 15 проценти, можеби веќе следната година, и задржување на номиналниот износ на финансирање непроменет неколку години.

„Нема војна за независни медиуми“, рече Бабиш на Фејсбук доцна во петокот. „Нема борба за демократија, ниту се подготвува национализација на медиумите.“

Предлогот и неговото итно разгледување предизвикаа остри критики од јавната радиотелевизиска компанија, меѓународните новинарски здруженија и институциите што ги вклучуваат универзитетите и Католичката црква.

„Предложениот закон е спротивен на Европскиот закон за слобода на медиумите (EMFA), кој бара соодветно, стабилно и предвидливо финансирање на јавните медиумски услуги“, изјави Европската федерација на новинари во соопштението.

Новинарите и другите вработени во јавниот сектор најавија штрајк за 3 ноември, додека граѓанското здружение повика на протест во недела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трагедија во Истанбул: Жена отишла на липосукција во луксузна болница, не се разбудила по операцијата

Тугба Онур (46) почина вчера околу 16 часот за време на липосукција (отстранување на маснотии) во приватна болница во населбата Зејтинбурну во Истанбул. 

Трагедија во Истанбул: Жена отишла на липосукција во луксузна болница, не се разбудила по операцијата

По добивањето на трагичната вест, Мурат Онур тврдеше дека неговата сопруга починала како резултат на погрешна интервенција за време на операцијата. Се дознава дека болничките службеници не сакале да даваат никакви изјави во врска со случајот, објави Хуријет.

Мурат Онур (46) опиша што се случило и нагласи дека неговата сопруга немала здравствени проблеми пред операцијата, и дека лекарот во болницата дури и не ја посетил пред процедурата.

„Пристигнавме во болницата во 08:30 часот наутро. Чекавме до 15:30 часот. Кога пристигна докторот, мојата сопруга беше внесена во операционата сала. Докторот дури и не ја видел пред операцијата. По околу еден час, тој дојде до мене и рече дека мојата сопруга имала срцев удар и дека не можеле да ја реанимираат.

Моментално нема никој од администрацијата на болницата или од лекарите. Болницата е отворена, но немаме со кого да разговараме. Ни кажаа дека анестезиологот не е во болницата, дека си отишол дома. Како може анестезиолог да ја напушти болницата за време на процедура што се изведува под општа анестезија? Кој ќе биде одговорен за ова? Дознавме дека слични инциденти се случиле во оваа болница и претходно. Претходно немавме сознанија за ова. Мојата сопруга работеше како негувателка во домот за стари лица „Дарулаџазе“.

Само една недела претходно, таа беше подложена на општи систематски прегледи во таа институција. Немаше хронични заболувања“, рече Онур.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Од идеја до акција: ЗНАМ гради нова генерација млади лидери, вториот младински камп започна на Пелистер

На Пелистер денес започна вториот младински камп на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, посветен на едукацијата, развојот на лидерските вештини и активното вклучување на младите во политичкиот живот. 

Од идеја до акција: ЗНАМ гради нова генерација млади лидери, вториот младински камп започна на Пелистер

Кампот претставува можност младите од различни општински организации да разменат искуства, да ги прошират своите знаења и да разговараат за улогата што ја имаат во развојот на ЗНАМ и иднината на Македонија.

Овогодинешниот камп е продолжение на иницијативата започната минатата година во Струга, кога младите ја потпишаа иницијативата за формирање на Клубот на млади. Она што тогаш беше поставено како заедничка идеја, утре ќе добие конкретна институционална форма во рамките на Движењето ЗНАМ, со одржувањето на Првата изборна конференција на Клубот на млади.

Првиот ден од кампот е посветена на теми од непосредно значење за младите кои сакаат активно да се вклучат во политиката. Преку две тематски предавања, учесниците разговараа за градењето и развојот на политичкиот подмладок, мобилизацијата и работата на терен, младинското лидерство и начините за поефикасно политичко организирање.

Првата изборна конференција на Клубот на млади, која ќе се одржи утре во рамките на кампот, е предвидена со Акцискиот план на Движењето за 2026 година. Со неа се заокружува досегашната иницијатива и се отвора можност за понатамошен развој на младинската структура, преку која младите ќе можат поактивно да се вклучат во работата на ЗНАМ.

ЗНАМ ја потврдува важноста на континуираната едукација и личниот развој на младите луѓе кои се подготвени да преземат одговорност. Политичкото учество подразбира знаење, посветеност и конкретна работа, а токму тие вредности се во фокусот на активностите што ги обединуваат младите на Пелистер.

Вториот младински камп на ЗНАМ испраќа јасна порака: младите не се само иднината на Македонија, тие се гласот, енергијата и двигателот на промените што се случуваат денес.

Центар за комуникации и аналитика

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер