ЖивотМртво Море - древен бисер на природата што тивко исчезнува Како надреална сцена од друга планета. Карпест брег, сонце, мирна вода, густ воздух што трепери и дише во некој свој, посебен ритам. Без бранови, без галеби, без рибари. Само тишина и сол. Вака на прв поглед изгледа Мртво Море, најниската точка на Земјата. Овој природен феномен што им пркоси на физичките и биолошките закони, познат уште и како „античка бања“ или „најголемиот бесплатен спа центар“ во светот, со векови привлекува посетители поради своите единствени карактеристики и лековити својства. Псоријаза, егзема, артритис, болки во мускулите, се само некои од заболувањата или состојбите врз кои се смета дека Мртвото Море делува благотворно. Не само неговата вода, туку и калта (богата со минерали) има исклучително влијание врз кожата и здравјето. Но, овој единствен еко-систем, „сместен“ меѓу Израел, Палестина и Јордан, се соочува со алармантни проблеми што го загрозуваат неговиот опстанок. Нивото на водата годишно опаѓа за околу еден метар, оставајќи зад себе исушен пејзаж и илјадници дупки (кратери) предизвикани од растворањето на солта под земја. Се смета дека од 1960 година до денес површината на езерото е намалена за една третина и дека се отворени над 6 000 кратери кои ги претвораат деловите од брегот во опасна зона, слична на површината на Месечината. Пустината Негев вибрира над воденото огледало - како да предупредува дека под мирната површина лежи вознемирувачка приказна. Процесот на тивко умирање продолжува, а екологистите стануваат се погласни. Солено чудо на природата Мртвото Море не е обично езеро, туку претставува затворен басен на 430 метри под морското ниво. Неговата концентрација на сол од околу 36 отсто е речиси десет пати повисока од просечната на океаните или 12 пати повисока, на пример, од онаа на Медитеранско Море. Тоа е резултат на интензивното испарување и на намалениот прилив на свежа вода поради пренасочувањето на реката Јордан. Длабочината на морето варира. Се смета дека изнесува околу 200 метри, а во средината и до 300 метри. Високата концентрација на сол и минерали (магнезиум, калциум, калиум) е причината зошто пливањето во Мртво Море е уникатно искуство. Телото не тоне - едноставно плови на површината. Буквално можете да лежите без никаква опасност да потонете. Како што велат посетителите, тука не влегувате во вода за да пливате, тука за да „седите“. Ако имате можност да го посетите Мртво Море и да се „избањате“, ќе почувствувате како водата ви се лизга по кожата. Се добива впечаток дека е мрсна, па дури и свиленкаста кога ќе ја протриете низ прсти токму поради минералите. Доколку, пак, сте доволно егзибиционист и одлучите да ја вкусите, можете да се уверите колку е солена. Се препорачува постепено да се оди кон подлабокото, а уште повеќе да се внимава кога ќе решите да се „испружите“. Особено не смеете да дозволите водата да ви влезе во очи. Човек легнува на грб, ги раширува рацете и нозете, а лебдењето станува речиси медитација. Како да сте во некој бестежински мир среде сурова пустина. Вакво е отприлика искуството. По подолго задржување во вода, се нешто ќе почне да ве пецка, а ако евентуално имате некоја гребнатинка или раничка подобро воопшто да не цапнете. Освен капењето, посебна атракција е минералната кал со која може да се изнамачкате, а ја има на самиот брег. Калта, како и водата, се користи за терапевтски третмани, особено за кожни заболувања и ревматски проблеми, што го прави Мртвото Море глобален центар за здравствен туризам. За „медицинските својства“ знаеле уште од античко време. Постојат записи дека дури 37 години пред нашата ера, од Ирод Велики, се изградени првите објекти за третмани. И Клеопатра била фасцинирана од лековитите својства на калта и солта од Мртвото Море. Се вели дека ги изградила првите „фабрики“ за козметика на неговите брегови за да ја одржи својата убавина. Древните Египќани, пак, ги користеле минералите за балсамирање. Калиа Една од најстарите и најпознатите плажи на Мртво Море е Калиа - идеално место за оние што ги избегнуваат гужвите типични за големите хотелски комплекси на југот. Калиа е дел од истоимениот кибуц, а до неа се стигнува за само 25 - 30 минути возење од Ерусалим. Тоа ја прави најпристапна точка за еднодневни екскурзии. Иако географски е лоцирана на Западниот Брег, оваа плажа која работи од 8 - 17 часот, е популарна дестинација и за локалните жители и за странските туристи. Влезница чини околу 20 шекели што е околу пет евра. За лежалка и чадор треба да платите по две евра (вкупно четири евра), а шатл (што ве транспортира од влезот до морето) е 2,5 евра. Дневен паркинг изнесува околу 13 евра. Плажата нуди и пакет услуги кои чинат околу 12 евра за возрасни и 9,5 евра за деца од три до 12 години. Кога ќе влезете, од левата страна ќе забележите дуќанчиња со сувенири кои продаваат кал, како и на најразлични козметички производи. Од десната страна се кабините (соблекувалните) во кои посетителите можат да се подготват за на плажа. Продолжувате. Ги следите знаците. Пред да скршнете по патот кој води директно до плажата, ве пречекува „најнискиот бар во светот“ - така е наречен зашто е на околу 420 метри под нивото на морето. Ова е совршено место за да испиете некое кафе или ладен пијалок со поглед на морето и јорданските планини од спротивната страна. На Калиа има и спасувачи кои интервенираат во случај некој од посетителите да добие поголеми иритации од водата, посебно на очите. Поставени се и тушеви, па по капењето, можете да се измиете со „чиста, блага“ вода. Постои и опција да се изнајмат шатори - „за ноќ под ѕвездите“. Интересно е тоа што „предворјето“ на Калиа е вид галерија на отворено. Пред да пристигнете, додека возите и полека се приближувате, ќе забележите напуштени згради кои уметниците ги насликале со мурали за да привлечат внимание и да укажат на еколошкото „пропаѓање“ на Мртвото Море. Културно, историско и библиско значење на Мртво Море Мртво Море не е само природен феномен, туку и место со богата историја, важен религиски симбол во јудаизмот, христијанството и исламската традиција. Според Библијата, тука се одиграле многу важни настани како Исусовиот егзодус од Египет и преминувањето на реката Јордан, но и уништувањето на Содомa и Гомора. Регионот околу Мртвото Море е опишан во разни митологии и легенди како место на казна, страдање или трансформација. Илјадници години морето и реката Јордан инспирирале пророци, филозофи, крстоносци и кралеви, уметници, поети и писатели. Тука жената на Лот се претворила во столб од сол, тука Израелците влегле во ветената земја и тука бил крстен Исус Христос. На само 1,5 километар од Мртво Море се наоѓа античката населба Кумран каде се случило можеби најзначајното археолошко откритие на 20 век. Меѓу 1947 и 1956 година, во пештерите на Кумран, биле пронајдени познатите свитоци, стари повеќе од 2 000 години, кои даваат увид во религиозните верувања и секојдневниот живот на луѓето од тоа време. Свитоците од Мртвото Море се всушност огромна колекција од околу 981 ракопис. Повеќето се напишани на пергамент (печатена животинска кожа), некои на папирус, а една копија е на бакар. Повеќето се на хебрејски, помал дел на арамејски (јазикот што го зборувал Исус), а многу малку на грчки. Датираат од 3 век п.н.е. до 1 век од н.е. (околу 68 година од н.е.). Записите се грубо поделени на три групи: библиски текстови (фрагменти од речиси сите книги од Стариот завет - хебрејска Библија, освен Книгата Естир. Најпознат е Големиот свиток на Исаија, кој е речиси целосно зачуван), апокрифни текстови (записи што не влегле во конечниот канон на Библијата, како што се Книгата Енох или Книгата Јубилејни празници, како и секташки списи (специфични правила и верувања на заедницата што живеела во Кумран, веројатно Есените. Тие вклучуваат „Владеење на заедницата“, „Воен свиток“ и толкувања на пророштва). Бакарниот свиток, за разлика од другите кои се религиозни текстови, е всушност мапа на богатство. На него се наведени 64 локации низ Израел каде што наводно биле скриени огромни количини злато и сребро. Богатството никогаш не е пронајдено. Најголемите и најважните свитоци денес се наоѓаат во Музејот на Израел во Ерусалим. Но, преку интернет може да се пристапи и до дигитализирани верзии на главните свитоци. Алармантно повлекување или тивко умирање и исчезнување -Всушност, нема ништо мртво тука, ова е море на животот. Кога ќе се искапете во него, ќе излезете пет години помлади. Вака екологистот и активист Одед Рахав ја почнува приказната за „Чуварите на Мртвото Море“ - Dead Sea Guardians. Пред македонската делегација која имаше можност да ја посети плажата Калиа, но и да поразговара со него, тој укажа на еколошките предизвици со кои се соочува морето. -Ова е најздравото место на Планетата. Концентрацијата на кислород е највисока, има 30 видови минерали во водата, воздухот и калта, како и висока концентрација на бром што многу помага за намалување на анксиозноста. Се е тивко, мирно, ниска е и сончевата радијација. Одлично е за уживање и релаксација. Тука доаѓаат туристи од секаде, Русија, Кина, Германија,..., престојуваат по две-три недели. Но, Мртвото Море е веќе во опасност, исправено е пред голем еколошки предизвик. Недоволно вода се влева во него, а премногу се одлева, вели Рахав. Неговата мисија е да го спаси Мртвото Море од исчезнување. Без драстична интервенција, нагласува активистот, Мртвото Море наскоро ќе престане да постои. Според него, мора да се смени перцепцијата и размислувањето на луѓето, но и законската регулатива. Како што ни раскажа Рахав, неколку фактори го поттикнуваат сушењето на Мртвото Море. Еден од нив е секако пренасочувањето на реката Јордан која порано била главен извор на свежа вода. Од 60-тите години на минатиот век, Израел, Јордан и Сирија пренасочиле преку 90 отсто од речниот тек за земјоделство, индустрија и вода за пиење во домаќинствата. Наместо 1,3 милијарди кубни метри вода колку што некогаш годишно се влевале, денес Мртво Море прима само околу 100 милиони кубни метри или 8 до 10 отсто вода. Друг фактор е индустриската експлоатација на минерали. Јужниот дел на Мртво Море има големи базени што ги користат компаниите за екстракција на калиум, магнезиум и сол. Овој процес вештачки го забрзува испарувањето на водата, дополнително намалувајќи го нивото на морето. Се проценува дека индустријата е одговорна за речиси 30 - 40 отсто од вкупното намалување на нивото на водата. Големо влијание имаат и климатските промени. Регионот на Мртво Море се карактеризира со екстремно високи температури и многу ниска влажност. Поради глобалното затоплување, температурите во оваа област се зголемуваат, поради што расте и стапката на природно испарување, а врнежите се минимални и недоволни за да го компензираат губитокот на вода. Мртвото Море годишно го посетуваат над 800 000 луѓе. Неговиот регион е еден од најбиодиверзитетните на Блискиот Исток со растителни и животински видови кои ги нема на ниту едно друго место на Земјата. Областа функционира и како попатна рута на над 500 милиони птици преселници во текот на годината. Кога си заминавме од Калиа, го оставивме и натаму мирно да зборува со својата „мртва“ тишина која е погласна од повеќето живи мориња. Мртвото Море сe уште дише, но неговиот здив станува сe пократок. Тагови: мртво море Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Најважни вестиПротестен марш „Ниту една повеќе“ - револтирани граѓани бараат одговорност и итна заштита од фемициди15:06Уапсени се 17 возачи, од вкупно 19- те казнети, најголем број возеле без возачка или биле пијани 12:44Дали Софија дефинитивно го одби европско посредништво во дијалогот со Скопје?15:44Мицкоски: Продолжуваме со посветена работа на реформите12:29Муцунски: Работиме на дијалогот со Бугарија, имаме поддршка од ЕУ и земјите членки15:00
Протестен марш „Ниту една повеќе“ - револтирани граѓани бараат одговорност и итна заштита од фемициди15:06
Уапсени се 17 возачи, од вкупно 19- те казнети, најголем број возеле без возачка или биле пијани 12:44
БизарноБосанката Мирнеса украла над милион евра од фирма во Германија, па ја пуштиле на слобода- парите не се пронајдени Мирнеса С, попозната по прекарот Мики, која украла дури 1,25 милиони евра од германска компанија за готовински трансфер во Штутгарт, повторно е во центарот на вниманието. Откако отслужила дел од тригодишната затворска казна, таа била ослободена на почетокот на 2025 година, но најголемата мистерија во случајот останува нерешена - каде завршиле парите што исчезнале пред повеќе од четири години? Кражбата се случила на 14 октомври 2022 година, кога Мирнеса, која во тоа време била вработена во компанијата за готовински трансфер, однела огромна сума пари од просториите на компанијата, објави 24 сата. Според информациите што подоцна ги објавија медиумите, таа ги ставила парите во спортска торба, ја покрила со крпи и го напуштила своето работно место. Бидејќи имала пристап до парите како вработена, кражбата била извршена без класичен грабеж или употреба на сила. Нејзиното исчезнување предизвикало обемна потрага од страна на германската полиција, која понудила награда од 37.500 евра за информации што довеле до нејзино апсење. Мирнеса, сепак, доброволно се предаде на властите во Германија на почетокот на 2023 година, откако преку својот адвокат го најави своето пристигнување на аеродромот во Штутгарт. Во јули истата година, таа беше осудена на три години затвор за кражба, а за време на постапката тврдеше дека нејзиниот тогашен партнер Роберт С. го смислил целиот план и ја убедил да учествува во кражбата. Според неа, таа добила само 20.000 евра од вкупната сума. Нејзиниот поранешен партнер, од друга страна, ги негираше обвинувањата дека ја организирал кражбата и тврдеше дека само играл улога на возач. Случајот достигна нов епилог во февруари 2026 година, кога Роберт С. беше осуден на три години и девет месеци затвор за учество во кражбата. Судот, исто така, нареди конфискација на приносите од криминал во износ од 1,25 милиони евра, но парите не беа пронајдени ни тогаш. Пресудата не беше конечна во времето на објавувањето на извештајот. Мирнеса се појави и како сведок на судењето на нејзиниот поранешен партнер, каде што зборуваше за желбата да започне нов живот. Иако е повторно слободна, прашањето за судбината на парите останува неодговорено. Во последните месеци, таа привлече внимание и на социјалните мрежи, каде што се појавува во хумористични видеа со босанскиот инфлуенсер Сермед Мактоуф. Иако двајцата поминаа низ судски процес и добија затворски казни, повеќе од еден милион евра сè уште не се пронајдени, а останува непознато кој во моментов ги контролира парите од една од најпознатите кражби во Германија.Тагови: Германија парите Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ЕвропаХоланѓанец си го убил таткото и го исекол телото на 238 парчиња, а потоа направил нешто пострашно Холандските обвинители побараа 12-годишна затворска казна за маж кој го убил својот татко, а потоа го исекол неговото тело на 238 парчиња!Осомничениот ги ставил останките од својот татко во 19 вреќи за ѓубре, кои ги чувал во два замрзнувачи и кутија за складирање повеќе од три години. „Тој го отстранил телото и ги лажел полицијата и луѓето околу него со години“, изјавил јавниот обвинител пред судот, објави Сан. Тајмен В., 33, е обвинет за убиство на својот татко на 10 јануари 2021 година. Полицијата ги пронашла останките во куќата на осомничениот повеќе од три и пол години подоцна, во ноември 2024 година. Обвинителството изнесе тврдења пред судот во Алкмар дека таткото и синот биле во насилен конфликт. Жртвата била удирана во главата осум пати со тврд предмет, можеби статуа на Буда, што самиот осомничен го споменал. Според патолог од Холандскиот форензички институт (NFI), постои и можност жртвата да била задавена. Осомничениот тврди дека дејствувал во самоодбрана откако неговиот татко го нападнал со нож. Обвинителството ја отфрли оваа верзија на настаните, нагласувајќи дека осомничениот не контактирал со полицијата по смртта на неговиот татко, туку им кажал на луѓето околу него дека заминал во странство. Son, 33, ‘chopped dad into 238 pieces & hid body in freezer over poison plot' https://t.co/BRh99bhBrf — The US Sun (@TheSunUS) November 3, 2026 Обвинителот посочи дека осомничениот се однесувал кон својот татко „на ужасен и крајно дехуманизирачки начин“. Психијатар и психолог процениле дека имал благо нарушен ментален капацитет, констатација што обвинителството ја прифатило. Обвинетиот изјавил дека целосно го потиснал и самото убиство и криењето на телото, и дека неговите сеќавања за настанот се појавиле дури околу еден месец по неговото апсење. Меѓу другото, му е дијагностицирано гранично растројство на личноста. Неговиот адвокат изјавил дека физичкото насилство се случило меѓу татко и син во неколку наврати и дека било взаемно. Тој додаде дека неговиот клиент ја изгубил довербата во полицијата по претходен инцидент, кога неговиот татко го нападнал со секира, а полицајците не пристигнале веднаш на местото на настанот.Тагови: татко телото Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
ЕвропаБран штрајкови се најавени во Италија за овој месец- запираат возовите, автобусите и авионите Италијанските синдикати повикаа на национален штрајк во железничкиот, автобускиот и воздушниот транспорт за 20 и 21 ноември, на кој ќе му претходат неколку прекини на работата и протести на локално ниво.Генералниот штрајк, свикан од Италијанската општа конфедерација на трудот (CGIL), ќе ги опфати сите транспортни сектори, и јавни и приватни, во текот на целиот ден на 20 ноември, објави денеска ADNkronos. Во исто време, неколку закажани протести и локални штрајкови од следната недела се закануваат да го нарушат транспортот, создавајќи тешкотии за жителите на неколку италијански градови. Утре Џенова ќе биде погодена од штрајк во транспортот организиран од синдикатот Cub Trasporti, додека синдикален протест ќе се одржи во Козенца на 10 ноември, што ќе го наруши и јавниот превоз. Во Милано, штрајк на групацијата ATM е свикан за 13 ноември, што ќе доведе до прекини во јавниот превоз во тој град, како и во Монца и Бријанца, а истиот ден, јавниот превоз во Венеција исто така ќе биде засегнат во текот на целиот ден поради прекин на работата. Штрајкови се планирани и во транспортниот сектор во Бари и Неапол во текот на ноември, соопшти агенцијата. На национално ниво, критични денови за транспортот, од јавниот превоз до железницата, ќе бидат 20 и 21 ноември, кога штрајкот ќе влијае на железничкиот товарен транспорт, локалниот јавен превоз и железничкиот патнички транспорт, од 21 часот на 20 ноември до 20 часот на 21 ноември. Што се однесува до секторот за воздушен транспорт, се очекуваат прекини за патниците што летаат на 22 ноември, кога вработените во неколку компании во Фиренца и Пиза ќе штрајкуваат, додека работниците во компанијата Енав во Варезе исто така ќе штрајкуваат. Покрај транспортниот сектор, прекин на работата е повикан и за италијанските работници во кол-центрите да штрајкуваат на 11 ноември. Синдикатите заеднички ја повикуваат владата да „обезбеди сериозна индустриска политика за секторот, како и да ги заштити работните места и приходите на работниците“. Национален штрајк е закажан и за 16 ноември за приватните даватели на здравствени услуги, социјалните претпријатија, како и за регионалните и локалните власти, потсети агенцијата. Во исто време, училиштата и универзитетите ќе бидат во центарот на широк протест во текот на денот на 20 ноември, свикан од синдикатите и здруженијата на работници во образованието на Италија.Тагови: италија штрајкови Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter