МНР: Нашата Амбасада е во контакт со грчките власти во врска со осомничените за шверц на дрога - Канал 5

МНР: Нашата Амбасада е во контакт со грчките власти во врска со осомничените за шверц на дрога

Нашата Амбасада во Атина е во контакт со грчките власти во врска со тројцата македонски државјани осомничени за шверц на дрога, велат од МНР.

МНР: Нашата Амбасада е во контакт со грчките власти во врска со осомничените за шверц на дрога

Амбасадата на Република Македонија во Атина оствари комуникација со официјални претставници на надлежните институции на грчкиот остров Миконос, од каде е добиена информација за тројца уапсени наши државјани осомничени за трговија со дрога, соопшти Министерството за надворешни работи.

Во соопштението на МНР, се посочува дека тројцата осомничени македонски државјани се со иницијали О.П, Г.П. и Н.Т..

– Амбасадата останува во контакт со официјалните институции од каде се очекува наскоро да се добие и официјална писмена потврда за деталите од овој настан, се додава во соопштението на МНР.

Како што претходно денеска јави дописничката на МИА од Атина, тројца државјани на Македонија – двајца мажи на возраст од 34 и 35 години и 21-годишна девојка, во средата биле уапсени на грчкиот остров Миконос под обвинение за трговија со дрога.

Од грчката полиција соопштија дека по темелна полициска истрага, било „разбиено јадрото на мрежа на странски државјани кои систематски тргувале со дрога на Миконос“ и меѓу другото биле запленети 437 таблети екстази, 219,8 грама кокаин, 270,9 грама метамфетамин и 155,7 грама канабис.

Уапсените биле организирани во криминална група, со конкретни улоги, едниот бил набавувач и имал лидерска улога, останатите биле шверцери, а дрогата на островот ја продавале во мали пакувања до заинтересираните корисници на дрога. Дополнително бил уапсено уште едно лице, либански државјанин, во обид да се снабди со дрога.

Освен дрогата, грчката полиција кај уапсените пронашла и запленила три мобилни телефони, 2.370 евра, како и мотор со кој ја пренесувале дрогата.

За разбивање на нарко картелот, како што соопштија од грчката полиција, полицајците од Миконос организирале акција, ги следеле движењето на сега веќе уапсените, ги лоцирале и ги уапсиле во моментите кога се селеле во друго сместување, за да и скријат трагите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мал авион се урна во САД, меѓу загинатите има и деца

Шест лица, меѓу кои и две деца, загинаа во авионска несреќа што се случи вчера во близина на брегот на Мисисипи, потврди Крајбрежната стража на САД. 

Мал авион се урна во САД, меѓу загинатите има и деца

Авионот паднал во Мексиканскиот Залив, пренесува Би-Би-Си. Се урнал во морето, нема преживеани. Според сервисот за следење летови „ФлајтАвер“ (FlightAware), станува збор за мал авион од типот „Цесна 210“ (Cessna 210), кој летал од Њу Орлеанс кон Форт Мајерс, Флорида.

Контролата на летање изгубила контакт со леталото околу 15:45 часот по локално време, а надлежните соопштија дека несреќата се случила во областа помеѓу градот Паскагула и островот Хорн.

Портпаролот на Крајбрежната стража, Хуан Рос, изјави дека спасувачите со часови трагале по патниците.

Првично, на површината на морето пронашле само три појаси за спасување, сплав и делови од кабината. Подоцна, нуркачи ги откриле телата на четворица возрасни и две момчиња – на возраст од осум и десет години – во трупот на леталото.

Командантот Тревор Блаунт, координатор на спасувачката операција на Крајбрежната стража, го коментираше исходот од потрагата. „Иако ова не е исходот на кој сите се надевавме, благодарни сме за одличната соработка меѓу сите вклучени служби. Тоа ни овозможи брзо да ги лоцираме патниците и на семејствата да им пружиме барем некаков мир“, рече Блаунт.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Берокал нема дилеми: „Македонија оди по нова победа и чекор кон Евробаскетот“!

Селекторот на Македонија Жозеп Марија Берокал бара максимална сериозност и дисциплина, а секоја победа е чекор поблиску до следната рунда од претквалификациите за Евробаскетот 2029.

Берокал нема дилеми: „Македонија оди по нова победа и чекор кон Евробаскетот“!

Македонската сениорска репрезентација ја очекува важен натпревар против Кипар, втор во втората рунда од претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година. По победите над Австрија на стартот од овој циклус, двете селекции влегуваат во меѓусебниот дуел со дополнителен мотив, свесни за значењето на бодовите во трката за пласман во следната фаза.

Селекторот Жозеп Марија Берокал е свесен дека нема простор за опуштање и бара максимална сериозност и дисциплина од своите избраници.

Шпанскиот стратег нагласува дека секоја победа ја приближува Македонија до поставената цел, но предупредува дека Кипар е квалитетен противник кој заслужува максимален респект.

„Ништо не е готово во оваа фаза од претквалификациите. Секоја победа секако нè носи поблиску до целта, па затоа сме фокусирани на тренинзите и подготовките за следниот меч. Го анализираме тимот, опциите што ги имаме, работиме на деталите, а истовремено ги следиме и играчите кои имаат ситни повреди. Кога ќе се комплетира ростерот со Димитријевиќ и Мозес, ќе биде подобро за подготовка и ќе можеме сите да работиме заедно. Мора да бидеме паметни, секој да даде сè од себе на теренот, затоа што овој меч со Кипар ни е многу важен. Тоа е шанса да бидеме поблиску до целта, а тоа е пласман во следната рунда. Мора да одиграме сериозен натпревар“, истакна Берокал.

Селекторот се осврна и на предизвиците во работата со националниот тим, потенцирајќи дека неговата обврска е да го извлече максимумот од играчите кои му се на располагање.

„Мора да се адаптирам како тренер на сите играчи и да си ја вршам работата со оние што ги имам на располагање. Сега ги имам играчите кои ги имам и мора да се приспособиме на тоа. Лично, само си ја работам работата и го давам најдоброто од себе за да имаме резултат. Можам само да ветам максимална професионалност од сите што се дел од националниот тим, почнувајќи од мене“, порача селекторот на Македонија.

Говорејќи за противникот, Берокал издвојува неколку квалитети на кипарската селекција, особено разновидноста во играта и можноста на кошаркарите да покриваат повеќе позиции.

„Кипар е добар тим, има шутери, играчи кои можат да играат на повеќе позиции и да се ротираат. Имаат талент во тактичкиот дел и ги гледаат работите на различен начин. Не го знаеме нивниот конечен ростер, затоа што често се менуваат работите во овие ФИБА-прозорци. Она што го посакувам и го барам е максимално сериозен и дисциплиниран натпревар од мојот тим“, заклучи Берокал.

Натпреварот Македонија – Кипар се игра во четврток (26 ноември), со почеток во 18:00 часот, во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Поддршката од трибините ќе биде дополнителен мотив за нашите кошаркари во обидот да стигнат до нова победа и да направат важен чекор кон следната рунда - квалификациите за Евробаскетот 2029.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЈО: Српски државјанин осомничен за криумчарење цигари на ГП Богородица

Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против српски државјанин, осомничен дека сторил кривично дело – Криумчарење, предвидено во член 278 став 2 од Кривичниот законик.

ЈО: Српски државјанин осомничен за криумчарење цигари на ГП Богородица

Осомничениот, преку царинската линија на граничниот премин „Богородица“ на влез земјава, во камион на српска фирма на која бил сопственик, пренел непријавена стока 5000 штеки цигари од трговските марки “Marlboro”, „Davidoff“ и „Winston“ кои биле ставени во 100 картонски кутии без ознаки.

Вкупната вредност на цигарите е значителна и изнесува околу од 9.000.000 денари. Цигарите се обидел да ги пренесе во камионот, декларирајќи дека пренесува пропиленски гранулати, но помеѓу пријавената стока во приколката царинските службеници во предниот дел и во средината на приколката ја пронашле и непријавената стока која веднаш била одземена.

Јавниот обвинител дo судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер