МНР бара објаснување од Србија за протерувањето на македонска државјанка

Според информациите на РСЕ станува збор за Искра Росо, македонска државјанка која е извршна директорка на здружението на граѓани за поддршка на лица со попреченост „Солем“.

Министерството за надворешни работи изразува загриженост поради протерувањето и забраната за влез од една година на македонска државјанка од страна на Република Србија, која според наводите на тамошните надлежни органи, претставувала „безбедносна закана“. Зошто е таа протерана македонското МНР ќе побара објаснување од српските власти, за како што велат оправданоста на преземените мерки и дали тие се во согласност со европските и меѓународни стандарди за човекови права.

Како што соопштија од таму, таа имала регулиран престој во државата и се надеваат дека овој случај, ќе биде разрешен на соодветен начин, преку дијалог и со присутна добра волја од двете страни.

Според информациите на РСЕ станува збор за Искра Росо, македонска државјанка која е извршна директорка на здружението на граѓани за поддршка на лица со попреченост „Солем“. Таа е меѓу 13 други странски државјани од девет земји кои пред два дена ги протерала српската полиција.. Сите, според информациите учествувале на едукација организирана од австриската „Ерсте штифунг“ фондација, која се занимава со развој на граѓанското општество во централна и југоисточна Европа и Академијата за невладини организации на Виенскиот универзитет за економија и бизнис.

Росо во изјава за РСЕ вели дека полицајци во цивилна облека пред два дена ги легитимирале после полноќ, без да знаат зошто.

- Бевме излезени. Кога се вративме назад во лобито во хотелот, малку после полноќ, полицајци во цивилна облека побараа да нè легитимираат. Не ја носев личната карта, па во присуство на полицаецот се качив до собата да ја земам. Нè однесоа во полициска станица. Таму седевме од 1 часот до 4 часот сабајле. Полицајците беа фини и културни, но никој не ни кажуваше зошто сме таму. Во мојата група бевме тројца, јас и двајца колеги од Романија. Нас не нè испрашуваа. Но, првите четворица беа прописно испрашани - зошто се таму, со кого се“, вели Росо за РСЕ.

Меѓу протераните се и државјани на Хрватска, Словенија, Словачка, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка. Поради апсењето на петмина хрватски државјани во Белград, кои учествувале на истата едукација, Загреб испрати протестна нота до Србија и им препорача на хрватските граѓани да ги одложат патувањата во Србија. Загриженост за ваквите случувања изразија и од ЕУ.

До овој момент нема официјална реакција од српските власти за приведувањето и депортирањето на странските државјани.

Сенатот го потврди Роберт Кенеди Помладиот за министер за здравство

Потврдата од Сенатот му го отвора патот да положи заклетва на позиција каде што ќе надгледува неколку големи медицински агенции, вклучително и Управата за храна и лекови (ФДА) и Центрите за контрола и превенција на болести.

Роберт Ф. Кенеди Помладиот, критичарот на вакцини, кој го поддржа претседателот Доналд Трамп, откако се откажа од сопствената претседателска кандидатура, беше потврден од американскиот Сенат за министер за здравство и човечки услуги и покрај противењето на медицинскиот естаблишмент и членовите на Конгресот.

Роберт Ф. Кенеди (71) беше потврден со 52 наспроти 48 гласови, а Мич Меконел беше единствениот републикански сенатор кој им се придружи на 47-те демократи кои гласаа против Кенеди, кој сепак вети дека ќе ги заштити постоечките програми за вакцинација во обид да ги обезбеди гласовите на неопределените пратеници.

Потврдата од Сенатот му го отвора патот да положи заклетва на позиција каде што ќе надгледува неколку големи медицински агенции, вклучително и Управата за храна и лекови (ФДА) и Центрите за контрола и превенција на болести.

-Откако Кенеди ќе положи заклетва подоцна денеска, Доналд Трамп ќе потпише извршна наредба за формирање на комисијата МАХА, именувана по движењето „Направи ја Америка повторно здрава“ на Кенеди, и ќе го упати новиот министер да ја „истражи оваа хронична криза што ја зафати нашата земја“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит.

Кенеди, адвокат специјализиран за заштита на животната средина, долго време покренува сомнеж за безбедноста и ефективноста на вакцините кои помагаат во контролата на болестите со децении и спречуваат смрт на милиони луѓе.

Тој сега ќе раководи со Министерство кое управува со повеќе од три трилиони долари наменети за здравствена заштита.

Одделот, исто така, ги надгледува програмите Medicare и Medicaid, кои обезбедуваат здравствено осигурување на над 140 милиони Американци, и Националниот институт за здравство (НИХ).

Кенеди рече дека сака да работи на ставање крај на хроничните болести, да ги прекине врските меѓу вработените во американскиот регулатор за лекови и фармацевтската индустрија и да го отстрани флуорот од американските резерви на вода.

Противниците тврдат дека тој не е погоден за министер за здравство поради неговата истакната улога во движењето против вакцините.

Кенеди рече дека сака да се ослободи од многу вработени во ФДА и НИХ. /МИА

Украина вели дека контролира 500 квадратни километри во руската област Курск

Украина денеска соопшти дека контролира 500 квадратни километри во руската област Курск, територија што Киев има намера да ја користи како договор за пазарење со Москва.

-Имаме своја безбедносна зона на територијата на Руската Федерација ..., која зафаќа околу 500 квадратни километри“, изјави на Фејсбук врховниот командант на украинската армија, Олександр Сирски.

Ова тврдење не е независно потврдено./МИА

Трамп: Украина нема да биде исклучена од можните мировни преговори со Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Украина ќе добие место на маса во какви било преговори со Русија за ставање крај на војната.

Во изјавата за новинарите во Белата куќа, американскиот лидер повтори дека воениот конфликт во источноевропската земја мора да заврши. /МИА

притисни ентер