Новите животни се очекува да пристигнат од Швајцарија, најави директорот на битолската Зоолошка градина, Марјан Наловски.
-Животинскиот фонд пред извесно време го збогативме со црни лебеди, пони-коњче, мајмуни-патаси, црна овца, брадеста овца, а наскоро ќе пристигнат две лавчиња, кенгурчиња и други диви животни. Новите животни ги обезбедивме благодарение на нашата соработка и пријателски односи со една зоолошка градина од Швајцарија. Паралелно и на високо ниво ја негуваме соработката со Зоолошката градина во Белград и од таму очекуваме да добиеме лав и лавица, посочи Наловски.
Од битолската Зоолошка градина информираат дека ниските температури на воздухот не влијаат врз здравјето на животинскиот свет кој се чува и негува во градината.
– Животните кои имаат потреба од повисока температура во своите живеалишта се згрижени. Австралиските лебеди, штрковите, нилскиот коњ, мајмуните…сите се со обезбедена соодветена температура на воздухот во нивните живеалишта и како за нив, така и за останатите животни имаме храна и резерви од храна. Сите животни се живи и здрави, односно зимава не се случи нити едно угинување на животно. Во овој период од годината посетеноста е задоволителна и истата се остварува со примена на мерки за заштита од Ковид-19, односно секој посетител носи маска или го предупредуваме за таа обврска, појасни Наловски
Во текот на оваа година битолската Зоолошка градина ќе ја заврши реконструкцијата на административниот објект, со донација на бизнис секторот ќе бидат обновени живеалиштето на мечките и други животни, а продолжува и креативната соработка со невладиниот сектор. Менаџерскиот тим е во очекување да добијат согласност од Министерството за финансии за нови вработувања со што бројот на засега десеттината вработени би се зголемил со цел поголема ефикасност во работењето на таа општинска установа.