Министер за полиција на Косово: Владата на Србија го финансира тероризмот

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља денеска изјави дека во време кога српската влада го финансира тероризмот, неопходно е да се инвестира во безбедна иднина на Косово, пренесе Бета.

Свечља на Фејсбук објави дека заедно со високи претставници на Министерството за одбрана на Косово и на косовската полиција го посетил најголемиот саем на безбедносната индустрија „Евросатор“ во Париз.

„Ќе го посетиме саемот со цел да ја подобриме нашата армија и полиција. Во овие тешки времиња со многу предизвици за демократијата и безбедноста ширум светот и со влада како што е српската, која го поддржува и финансира тероризмот, потребно е инвестирање во сигурна иднина“, напиша тој. /МИА

Леао ги одби саудиските милиони

Португалецот Рафаел Леао одбил примамлива понуда од саудиски Ал Хилал и останува на ставот да продолжи во Милан, пишува италијанскиот весник „Кориере дело спорт“.

Дваесет и пет-годишниот фудбалер минатата сезона со миланскиот гигант постигна 15 гола и 14 асистенции на 47 натпревари.

Во последните недели, зголемен интерес за Леао беше забележан од неколку клубови во Саудиска Арабија, кои се подготвени да платат околу 100 милиони евра за неговиот потпис и му нудат плата од 20 милиони евра по сезона.

Сепак, Португалецот не планира да го напушти Милан ова лето.

Италијанскиот клуб би се разделил со Рафаел Леао само по активирање на неговата ослободителна клаузула, која е во вредност од 175 милиони евра.

Белгија, Словачка и Романија се пласираа во осминафиналето на ЕП 2024

Словачка и Романија ремизираа 1:1 во последниот дуел од групата Е на Евро 2024, а со тој резултат и двете репрезентации се квалификуваа во осминафиналето.

Во првото полувреме, двете селекции разменија по еден гол преку Дуда и Марин од белата точка.

По паузата, екипите решија да не си ги комплицираат животите и да го задржат паритетот со кој одат напред.

Куриозитет во овој случај е што сите четири селекции во групата завршија со по 4 бода, но голем губитник на крајот е Украина поради најлошата гол-разлика.

Во другиот натпревар од групата, Белгија и Украина одиграа без голови./МИА

Зеленски потпиша закон за користење на англискиот јазик во меѓународна комуникација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон со кој официјално се воспоставува англискиот јазик како јазик на меѓународна комуникација во Украина.

Документот дефинира и листа на позиции за кои од вработените се бара течно да зборуваат англиски.

Конкретно, познавање на англискиот јазик е задолжително за раководителите на управите на локалната самоуправа, воените службеници, обвинителите, даночните власти, царинските службеници, наставниците и здравствените раководители.

Државните службеници кои зборуваат англиски јазик ќе добиваат бонус на платата од 10 проценти. Дополнително, ќе се обезбеди буџетска поддршка на кината за прикажување филмови на англиски јазик./МИА

притисни ентер