Милијардерот Ворен Бафет подари акции вредни 5,5 милијарди долари пред Денот на благодарноста - Канал 5

Милијардерот Ворен Бафет подари акции вредни 5,5 милијарди долари пред Денот на благодарноста

Американскиот милијардер и познат инвеститор Ворен Бафет донираше акции од својата компанија „Беркшир Хатавеј“ во вредност од околу 5,5 милијарди долари.

Милијардерот Ворен Бафет подари акции вредни 5,5 милијарди долари пред Денот на благодарноста

Американскиот милијардер и познат инвеститор Ворен Бафет донираше акции од својата компанија „Беркшир Хатавеј“ во вредност од околу 5,5 милијарди долари, а во овогодишната порака за Денот на благодарноста нагласи дека љубезноста, како и капиталот, се множи со текот на времето.

„Минатиот Ден на благодарноста напишав дека љубезноста е бесплатна, но и бесценета. Една година подоцна, би додал само дека се множи, и тоа со подобра брзина од сè што Чарли и јас некогаш сме купиле“, рече Бафет, алудирајќи на долгогодишниот деловен партнер Чарли Мангер, кој почина во ноември 2023 година.

Бафет ги повика сите да им се заблагодарат на оние кои несебично им помогнале за време на празниците, но и да поддржат некого во неволја, пренесува CNBC.

Инвеститорот конвертираше 6.150 акции од класа А на Беркшир Хатавеј во 9,225 милиони акции од класа Б, од кои донираше 3,69 милиони на Фондацијата Сузан Томпсон Бафет, додека по 1,845 милиони акции посвети на фондациите Шервуд, Хауард Г. Бафет и Ново, кои ги управуваат неговите деца.

По овие донации, Бафет задржа 182.140 акции од класа А, чија пазарна вредност се проценува на околу 162 милијарди долари.

Бафет изрази доверба во своите деца, кои со децении поддржуваат разни хуманитарни иницијативи, како и во извршниот директор на Беркшир Хатавеј, Грег Абел.

Акциите на Беркшир Хатавеј во последно време се во силен пораст, добивајќи повеќе од 19 проценти од почетокот на четвртиот квартал од 2026 година, а минатата недела завршија со четири последователни рекордни дневни затворања.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пет лица лишени од слобода во заедничка антитерористичка акција на МВР и АНБ

Акцијата следува по информации добиени од АНБ.

Пет лица лишени од слобода во заедничка антитерористичка акција на МВР и АНБ

Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност, во координација со Агенцијата за национална безбедност, реализираше заедничка антитерористичка акција насочена кон откривање и спречување активности поврзани со кривичните дела „Тероризам“ и „Терористичка организација“.

Акцијата следува по информации добиени од АНБ во рамки на меѓународната соработка, кои на почетокот на годинава беа доставени до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Информациите се однесувале на шест лица, државјани на Република Македонија, на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово.

По преземените координирани оперативни и истражни активности, акцијата беше реализирана од надлежните полициски служби при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.

Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, беа извршени претреси на четири локации, при што беа лишени од слобода четири лица. Дополнително, во Република Грција беше лишено од слобода уште едно лице, кое беше предадено на надлежните органи во нашата држава. По шестото лице, за кое има сознанија дека се наоѓа надвор од државата, се трага.

При претресите беа пронајдени и одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција, од кои дел без соодветна дозвола. Одземените предмети ќе бидат предмет на понатамошни анализи и вештачења.

Во текот на постапувањето беше утврдена меѓусебната поврзаност на лицата, како и нивната поврзаност со странски државјани, меѓу кои и лица поврзани со т.н. прокси-мрежи. Исто така, беше утврдено дека имале намера да извршат терористички акт насочен кон цел на територијата на друга држава.

За преземените активности и утврдените сознанија е известено надлежното јавно обвинителство, а на пет лица им се определени соодветни мерки од страна на судија на претходна постапка.

Оваа акција е потврда за високото ниво на соработка и оперативна координација меѓу МВР/БЈБ и АНБ, која се темели на континуирана размена на информации, заедничка анализа на безбедносните сознанија и координирано постапување.

Континуитетот на оваа соработка го потврдува и фактот што од крајот на 2024 година до денес, во координација со АНБ, МВР постапувало во 10 случаи во кои биле опфатени вкупно 22 лица, како и во два одделни случаи против две лица за кривичното дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид“.

МВР и АНБ продолжуваат со интензивната соработка, заедно со надлежното јавно обвинителство и меѓународните партнери, со цел навремено откривање и спречување на активности што можат да ја загрозат националната и регионалната безбедност.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Зајкова: Ќе објасни ли некој како во случајот со Сара од „тешка телесна повреда“ стигнавме до „телесна повреда“?!

Интегрален текст од објава на Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание

Зајкова: Ќе објасни ли некој како во случајот со Сара од „тешка телесна повреда“ стигнавме до „телесна повреда“?!

Нема да ви помине и ова тукутака!

Како жена, но и пред сѐ како човек, бесна сум!

Барам конкретни одговори за случајот со брутално претепаната девојка во Охрид!

МВР првично поднело кривична пријава за ТЕШКА ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА, по член 131 став 3 од Кривичниот законик. Обвинителството потоа поднело обвинение за ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА, заедно со уште две кривични дела – противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

Девојката, според информациите на МВР, била физички нападната и изгубила свест!

ЌЕ ОБЈАСНИ ЛИ НЕКОЈ КАКО ОД ТЕШКА ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА СТИГНАВМЕ ДО ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА?!

Обвинителството соопшти дека е извршено медицинско вештачење. Барам да се објасни дали се земени предвид сите повреди, начинот на нанесување на ударите и губењето на свеста, и кои конкретни медицински наоди ја оправдуваат промената на квалификацијата.

Не обвинувам никого однапред, но барам да се отстрани секој сомнеж дека тежината на насилството е минимизирана!

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈАВНО ДА СООПШТИ ПО КОЈ ЧЛЕН И СТАВ Е ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕТО!

Затоа што, доколку обвинението е со промената квалификацијата од член 131 став 3, максималната предвидена затворска казна за делото поврзано со повредата постои ризик да се намалува од ДЕСЕТ на ПЕТ години!

И НЕ, НЕ СМЕЕМЕ ТОЛКУ БРЗО ДА ЗАБОРАВАМЕ ШТО НИ СЕ СЛУЧИ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ!

Пред само неколку месеци Македонија се соочи со случај на сериски убиства на жени. Денес имаме обвинение за ЧЕТИРИ УБИСТВА И ДВА ОБИДА ЗА УБИСТВО!

А знаете што е најстрашно? Дел од жените биле погребани без првично да биде утврдено дека починале од насилна смрт! Подоцна морало да се вршат ексхумации, обдукции и дополнителни вештачења, по што кај две од ексхумираните жени било утврдено дека биле жртви на убиство!

ЗАМИСЛЕТЕ! ЖЕНИ БИЛЕ УБИЕНИ, ПОГРЕБАНИ, ПА МОРАВМЕ ПОВТОРНО ДА ГИ ОТКОПУВАМЕ ЗА ДА СЕ УТВРДИ ВИСТИНАТА!

За можни пропусти во утврдувањето на причините за смртта беа поднесени и кривични пријави против двајца мртвопроверители.

И после вакво искуство, зарем не е оправдано да бараме максимална внимателност, стручност и темелност при секое медицинско вештачење и секоја обвинителска одлука?!

Колку уште пати треба да се покаже дека пропустите во утврдувањето на вистината можат да имаат страшни последици?!

И повторно го поставувам прашањето што го поставив и вчера:

ДАЛИ СЕ ОДЗЕМЕНИ И ДИГИТАЛНО-ФОРЕНЗИЧКИ ВЕШТАЧЕНИ МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ?

Дали се обезбедени и проверени електронските комуникации, телефонските повици и пораките меѓу обвинетиот и лицата со кои комуницирал по нападот?

Дали се испитани сите наводи за можни инструкции за прикривање траги, влијание врз сведоци или менување медицински извештаи?

Дали е ангажиран надлежниот сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика?

Дали Обвинителството испитува евентуално постоење на кривичното дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело“?

Напоменувам ако некој свесно помагал да се прикријат траги, да се сокријат докази или да се избегне кривична одговорност, мора да се испита неговата улога и да се постапи согласно законот, без оглед на тоа чиј родител, роднина или пријател е!

И уште едно прашање кое не смее да остане без одговор!

ЗОШТО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРВИЧНО ПОБАРАЛО САМО МЕРКИ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ, А ПОТОА ПРИТВОР?!

Кој ја направил првичната процена на ризикот? Дали биле земени предвид тежината на нападот, безбедноста на жртвата, опасноста од повторување на насилството и можноста за влијание врз сведоците?

Што точно се променило за толку кратко време? Кои биле новите околности поради кои обвинетиот повторно бил приведен и бил побаран притвор?

Дали првичната обвинителска процена била стручна, законита и соодветна на опасноста?

Барам надлежните обвинителски органи да го преиспитаат и постапувањето во овој предмет, а доколку се утврдат професионални пропусти или незаконитости, да се покрене постапка за ОДГОВОРНОСТ!

Жртвата заслужува заштита, правда и достоинство. Не нова неизвесност и дополнително страдање!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер