Мијалков до Костовски: Како може да бидеме сигурни дека некој од надвор не прислушувал

Звонко Костовски, еден од вработените во УБК кои ги открија „бомбите“ денеска во Кривичниот суд продолжи да сведочи во случајот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“.

Тој денеска одговараше на прашањата на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков..

Рековте дека Горан Грујевски и Сашо Мијалков имале компјутер преку кој имале пристап до системот за следење на комуникации. Дали покрај исказот имате и материјален доказ? – праша Мијалков. Немам – одговори Костовски, на што Мијалков прокоментира дека без докази останува да му се верува само на зборот..

Мијалков во продолжение го потсети сведокот дека израелска фирма во неговата канцеларија им презентирала т.н. Тактичка опрема за прислушување и оти тогаш Израелците поставиле уред на прозорецот и отвориле три лаптопи преку кои се фаќале телефонските броеви кои разговарале во тој момент и оти во живо можеле симултано да се слушаат 30 луѓе. Тој праша – како може да гарантира дека некој друг на ваков начин нема извршено прислушување, на што, Костовски одговори дека при ваквото снимање квалитетот на едниот сигнал не бил добар, а разговорите кои се предадени во СЈО, според него, биле со одличен квалитет и од двете страни.

Советот на ЕУ повика на зголемен мониторинг на обидите за надворешно мешање во изборите

Советот на ЕУ денеска ги повика европските земји и институции да го зголемат мониторингот на обидите за мешање од странство во европскиот демократски процес. 

Во повикот се наведува дека соработката на ЕУ за ова прашање треба да се подобри без да се попречува отворената демократска дебата.

„Милијарди граѓани ширум светот гласаат оваа година, вклучително и на изборите за Европскиот парламент. Демократиите се соочуваат со нови предизвици, вклучувајќи сè похибридни тактики против изборните процеси, фрлање сомнеж врз легитимноста на изборите и обесхрабрување на гласачите. Покрај надворешните дезинформации, хибридните кампањи може да вклучуваат и злонамерни дејства на интернет и со помош на вештачка интелигенција, се додава во соопштението.

Советот ја нагласува клучната улога на слободните, независни и плуралистички медиуми и потребата од подобрување на дигиталната и медиумската писменост на граѓаните со цел да се зголеми отпорноста на општеството против обидите за надворешно мешање. /МИА

Албанија ќе почне со производство на оружје и муниција

 Албанија ќе го реактивира производството на оружје и муниција. Предлог-законот на Министерството за одбрана, го отвора патот за тоа преку формирање државна компанија, која ќе го контролира овој сектор, објавија медиумите.

Потсетуваат дека првиот повик за воспоставување на оваа инфраструктура во земјата го упатил претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кога во февруари годинава беше во посета на Тирана, на Самитот Украина - Југоисточна Европа, а албанската влада го поддржала повикот, додека премиерот Еди Рама најавил дека во текот на 2030 година ќе започне извозот на оружје.

-Предлогот за враќање на воената индустрија е аргументиран со геополитичките потреби на времето, каде снабдувањето со оружје стана неопходно за НАТО и за земјите што ги поддржува на воени позиции. Покрај тоа, ангажирањето во зајакнувањето на таквата индустрија може да се смета и како профитабилна активност за економијата на земјата, наведуваат медиумите.

Се очекува државното претпријатие што ќе се формира да ги врати во функција поранешните фабрики и да ги интегрира новите технологии во вооружувањето.

Ова нема да биде единственото вложување во областа на одбраната, бидејќи долгорочниот 10-годишен план има за цел зголемена мобилизација во армијата и формирање на неколку воени бази.

Во Албанија по 1970 година се изградени три претпријатија за производство на оружје и муниција, во Мјекс кај Елбасан, во Грамш и во Поличан, но во истите со децении е запрено произведстото. /МИА

Ослободени осомничените за ланската бродска несреќа во близина на Пелопонез

Деветтемина египетски државјани кои се товареа за предизвикување несреќа и за криумчарење мигранти, биле ослободени и од двете обвиненија.

Судот во грчкиот град Каламата денеска ги ослободил деветмината уапсени и осомничени за бродската несреќа со стотици загинати мигранти јужно од Пелопонез, со образложение дека не е надлежен бидејќи бродот потонал во меѓународни води, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Деветтемина египетски државјани кои се товареа за предизвикување несреќа и за криумчарење мигранти, биле ослободени и од двете обвиненија.

„Катимерини“ пишува дека одлуката била донесена поради недостиг на меѓународна јурисдикција, бидејќи, според судот, бродот потонал во меѓународни води, 47 наутички милји југозападно од Пилос, а според сведоштвата и достапните податоци, воопшто не влегол во грчките територијални води, ниту пак Грција била крајната дестинација.

Затоа било одлучено дека судот нема надлежност за случајот, а обвиненијата против Египќаните се отфрлени.

На средината на јуни минатата година рибарски брод, на кој е непознат точниот број на лица кои се превезувале, се преврти и потона југозападно од местото Пилос на Пелопонез, додека пловеше кон Италија.

Спасени беа 104 лица, пронајдено 81 безживотно тело, а стотици беа исчезнати.

Преживеаните, тогаш сведочеа дека на бродот имало околу 700 лица. /МИА

притисни ентер