Microsoft нема да им ги продава на полициите системите за препознавање лица (ВИДЕО)

Мајкрософт објави дека нема да им ги продаде системите за препознавање лице на полициите се додека не се регулира проблемот на федерално ниво, како последен во низата технолошки компании кои привремено ја прекинуваат продажбата на тие системи.

Завчера, Амазон објави дека воведува едногодишен мораториум за употреба на софтвер за препознавање во полицијата, а ИБМ минатата недела објави дека веќе не им го продава својот софтвер на полицијата, велејќи дека технологијата не треба да промовира расна неправда.

Мајкрософт соопшти дека долго време работи на изготвување на принципи и закони за користење на софтверот.

„Во моментов не ја продаваме нашата технологија за препознавање лице на американската полиција и нема да го продадеме додека не се донесе закон заснован на човековите права“, се вели во соопштението.

Смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина откако бел полицаец го притискаше со колено врз вратот скоро девет минути, предизвика протести против расизмот низ САД и светот.

Истражувањата покажуваат дека идентификацијата со употреба на систем за препознавање на лица е често несигурен кога се применува кај луѓе со потемна кожа, па активистите се загрижени дека неточните резултати би можеле да доведат до неправедни апсења.

„Кога дури и креаторите на системот за признавање одбиваат да ја продаваат таа технологија затоа што е опасна, конгресмените не можат да ја игнорираат заканата за нашите права и слободи“, рече Мет Кегл, адвокат од огранокот на Северна Калифорнија на Американската унија за граѓански слободи.

Додека Конгресот со месеци расправа за тоа како да се реши проблемот, полицијата во меѓувреме користи технологии од други компании, како што е ИДЕМИА.

Судија од БиХ пет часа не смеел да излезе од стадионот, откако го претепале на терен (ВИДЕО)

На вчерашниот натпревар од 21. коло од Првата лига на кантонот Тузла помеѓу Меѓиѓа и Требава (1:0) имаше немили сцени.

Натпреварот бил прекинат во 80. минута откако судијата Замир Курбашиќ од Градачац бил брутално претепан. Делегатот Самир Џибриќ од Лаковац во записникот опишал што се случило откако судијата Курбашиќ свирел пенал за гостите.

Голманот на домаќините Мухамед Хаскиќ ја пцуеше мајка му, а Курбашиќ веднаш му даде црвен картон. После тоа Хаскиќ со нога го удри Курбашиќ, а потоа на теренот истрча лице во елек. Станува збор за Мухидин Бркиќ, кој не бил на списокот. Во таа толпа тој и непознато лице физички го нападнале судијата. Бркиќ го удрил со тупаница во стомакот, а потоа го клоцал по лицето додека бил на земја. Тогаш непознато лице го удрило судијата со тупаница во ребрата.

Курбашиќ успеал да се извлече од тешката ситуација, но потоа морал да остане пет часа во просториите на стадионот бидејќи надвор го чекале гневните навивачи на Меѓиѓа.

СпортСпорт објави видео на кое судијата околу 22 часот го напушта стадионот со голема полициска придружба. После се, Меѓиѓа се огласи на Фејсбук:

„Спортот кај нас никогаш нема да излезе од црната кал. Денес фудбалот дефинитивно е згаснат. Замир Курбашиќ, срам да ти е, ако воопшто знаеш што е тоа. Толку од нас. Никогаш повеќе во оваа бедна Прва лига. Фуј .“

Баербок го повика на разговор рускиот амбасадор, по приведувањето за шпионажа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок го покани рускиот амбасадор во Берлин, Сергеј Нечаев, на дискусија во врска со притворањето на две лица осомничени за шпионажа за Русија, пишува весникот „Билд“.

Германското јавно обвинителство денеска соопшти дека двајца мажи се уапсени под сомнение дека вршеле разузнавачки активности во корист на Русија.

Обвинителството изјави дека се работело за германско-руски државјани.

Германското обвинителство соопшти и дека двајца мажи, Дитер С. и Александар Ј., биле уапсени под сомнение дека се руски шпиони кои подготвувале бомбашки напади во Германија.

Дитер, според обвинителството, бил во контакт со руски разузнавач од октомври 2023 година и учествувал во заговор за предизвикување бомбашки напади и подметнати пожари во Германија, вклучувајќи и американски воени бази.

Целта на тој заговор била да се поткопа воената помош што Германија ѝ ја дава на Украина, а Дитер собирал информации за целите на потенцијалниот напад, пренесува Дојче веле (ДВ).

Германската федерална полиција кај него пронашла фотографии и видео снимки од таргетираните објекти, кои му ги испратил на директорот, а Александар му помагал најдоцна од март годинава.

Александар е обвинет и дека бил член на странска терористичка организација, односно воена единица на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР) во источна Украина од 2014 до 2016 година.

Невидено невреме во Пакистан и Авганистан, во поплавите загинаа најмалку 140 луѓе (ВИДЕО)

Бројот на загинати од силните бури во Авганистан и Пакистан во изминатите неколку дена се искачи на најмалку 137, а во некои области метеоролозите предвидуваат уште пообилни врнежи од дожд.

Најмалку 67 лица загинаа во Пакистан, соопшти денеска тамошното тело за управување со катастрофи, поради невообичаено обилен дожд за овој период од годината.

Во јужниот град Карачи е прогласена вонредна состојба. Градот е особено ранлив на бури поради лошата инфраструктура. Во соседен Авганистан, околу 70 луѓе загинаа, а 56 се повредени во обилните дождови и поплавите низ целата земја. Оштетени се 2.627 куќи, соопшти денеска Националната управа за управување со катастрофи.

Екстремните временски настани се зголемуваат поради климатските промени. Обилните врнежи од снег и дожд изминатите месеци во Авганистан предизвикаа големи штети и бројни жртви по невообичаено благата зима.

Екстремните временски настани како поплави и суши се зголемуваат во Авганистан и Пакистан поради климатските промени, предупредуваат метеоролозите. Погоден од деценискиот конфликт, Авганистан има ограничени опции за ублажување на негативните ефекти од климатските промени.

притисни ентер