Мицотакис се всели во премиерската резиденција

Во придружба на сопругата, двете ќерки и синот, Кирјакос Мицотакис со брзи чекори се всели во премиерската резиденција. 

Следуваше куса куртоазна средба на чинот на примопредавање на функцијата, по што новиот премиер го испрати сега веќе поранешниот, Алексис Ципрас.

Мицотакис претходно положи заклетва во претседателската палата, каде го прими мандатот од претседателот Павлопулос и го почна 4-годишниот мандат, за Македонија, сосема неизвесен - во која насока сега ќе се одвива политиката кон земјава. Повтори дека ќе биде премиер на сите Грци.

-Грчкиот народ ми даде силен мандат за промена на Грција. Од денеска не очекува напорна работа. Не се сомневам дека ќе се издигнеме над овој предизвик, изјави Кирјакос Мицотакис, премиер на Грција

Со каков предизвик ќе се соочи Македонија по промената на власта, не е познато, ниту како 51-годишниот умерен центрист и тројанскиот Доналд Трамп, како што го нарекоа медиумите, ќе се постави кон земјава. За поранешниот амбасадор во земјава, Ѓорги Филипов, радикална промена на курсот нема да има, иако на почетокот, очекува резервиран однос и успорување на процесите околу Преспанскиот Договор.

-Можно е поголема будност кон Договорот од Преспа и можеби да има различно толкување на дел од Преспанскиот договор. Не очекувам радикални промени во односите, вели Ѓорги Филипов , поранешен абмасадор во Виена и во Берлин

Мицотакис ниту синоќа по победата, ниту денеска не го спомена Преспанскиот Договор, што според Филипов оди во насока на се позабележителното ублажување на ретороката. Неговата Нова демократија вчера освои апсолутно мнозинство и можност самостојно да формира влада, резултат, кој веројатно го очекуваше и самиот Ципрас.

– Се боревме и постигнавме многу, секогаш со крената глава и сега, повторно со крената глава ја прифаќаме одлуката на народот. Со крената глава бидејќи знаеме дека Грција што ѝ ја предаваме на новата влада нема никаква врска со тоа каква беше Грција кога ја презедовме, изјави Алексис Ципрас, поранешен премиер на Грција

Резултатите од вчерашните избори покажаа дека Нова Демократија освои 158 пратеника во 300-члениот парламент, речиси двојно повеќе од Сириза на Ципрас.

Место во Собранието обезбеди и Движење за промена,Комунистичка партија на Грција,Грчко решение и МЕРА25. Неонацистичската Златна Зора не успеа да се избори за место во Собранието.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер